Хрватското министерство за здравство привремено ја забрани програмата за трансплантација на бубрези меѓу живи и несродни лица во Клиничкиот болнички центар во Загреб, поради сомневања за случаи на трговија со органи во 2019 година.
Хрватската радио-телевизија (ХРТ) објави дека случаите на трговија со органи се поврзани со донори на бубрези од Србија и Косово, и двајцата лица со понизок социјален статус, за приматели пациенти од Хрватска.
Предметот за кој е покрената истрага прво е предаден на Хрватската лекарска комора поради прекршување на Кодексот за лекарска етика, а потоа и на Државното правобранителство, се вели во соопштението на Министерството.
Клиничкиот центар Загреб како одговор на обвинувањата соопшти дека сите трансплантации во институцијата се извршени со одобрение на Етичкиот комитет на установата.
-Сите преземени активности и процедури се идентични со процедурите што се спроведуваат во сите други центри за трансплантација во Република Хрватска каде што се извршени трансплантации на бубрези од жив несроден дарител – се вели во соопштението што го пренесе телевизијата „Н1“.
Во Хрватска е дозволена трансплантација на органи од живи несродни донатори, со тоа што строгите контроли подразбираат специфично, психолошко тестирање на донаторот, а потоа е потребна и соодветна документација односно одобренија од стручниот тим на центарот за трансплантација и од Етичкиот комитет на здравствената установа каде се врши трансплантацијата, објави ХРТ.
Самото објавување оглас за достапност или за потреба од органи во Хрватска се смета за кривично дело за кое е предвидена и затворска казна во времетраење до три години.
-Законодавецот предвидува казна затвор до десет години за трансплантацијата на органи со поседување или посредување, доколку се утврди дека лицето било жртва на трговија со луѓе – изјави за ХРТ адвокатката Невена Аљиновиќ од Катедрата за форензички науки на Универзитетот во Сплит.
Со повеќе од сто трансплантации на бубрези годишно Хрватска е меѓу водечките земји во светот, потсетува ХРТ.