По однос на употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Македонија информира дека единствениот референтен документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите е УНТЕРМ (кратко од UN Terminology).
Во документот на УНТЕРМ, како што се наведува во соопштението, се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ИСО кодовите и др. Линкот на УНТЕРМ за личната карта на земјата е секогаш достапен онлајн и на него може да пристапи секој.
Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (УНТЕРМ). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на шесте официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски).
Постојаната Мисија на Mакедонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.
– Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот – македонски јазик“ – се наведува во соопштението.