Најавен како составен дел од годинашната програма на активности на НУБ „Климент Охридски “, неодамна во библиотеката, пред поголем број присутни, се одржа книжевен омаж за двајцата познати македонски писатели: драматургот, прозаист и преведувач Томе Арсовски и романсиерот, критичар и есеист Димитар Солев. Овој значаен литературен настан, на кој домашните медиуми не му го посветија должното внимание, за македонската јавност претставуваше новина и вистинско освежување во културното живеење на градот, во кој во последниве години манифестациите посветени на осветлувањето на високите уметнички и творечки достигнувања на плејадата автори во богатата македонска книжевна историја, од неразбирливи причини, се подзаборавени.
Овој пат повод за навраќање кон значајните творечки опуси на двајцата истакнати претставници на таканаречената втора генерација македонски писатели и интелектуалци беше одбележувањето на годишнините од нивната смрт, а за нивните лик и делo, со должниот респект и мошне инспиративно, пред присутните зборуваа нивните современици, колеги и соработници, писателите: Благоја Иванов, Михаил Ренџов, Васил Манчев и Александар Прокопиев. И за Арсовски и за Солев беше кажано дека ѝ припаѓаат на лозата познати и афирмирани македонски културни дејци, автори и интелектуалци, пројавени во јавноста во 1950-тите и 1960-тите од редовите на вработените кадри во тогашните Радио и телевизија Скопје, институции – вистински културен расадник, кои на македонското општество во текот на своето неколкудецениско постоење му дадоа голем број познати и истакнати писатели, поети, актери, музичари и други културни творци, идни македонски доктори на науки, професори, академици и познати научници, дипломати и политичари. Тоа е средината од која професионално и творечки, заедно со уште десетици други македонски интелектуалци, произлегоа и Арсовски и Солев, како бележити претставници на македонската модерна книжевност, но и како врвни интелектуалци што во новото македонско општество и култура оставија длабоки и значајни траги.
Омажот во НУБ беше можност да се потсетиме на ликот и делото на еден од најпознатите повоени македонски драмски автори, писателот-драматург, но и романсиер и преведувач Томе Арсовски (1928-2007). Тој заедно со Бранко Пендовски, Коле Чашуле и со уште некои други македонски драмски автори од оваа втора генерација писатели ги продолжи веќе остварените вредносни придобивки на овој книжевен жанр во тогаш сѐ уште младото драмско македонско творештво, олицетворено во делата на родоначалниците на македонската драмска литература: Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљовски и други. Благодарение на тие придобивки беше отворен патот за афирмација и на третата, современа генерација драмски автори во земјата, меѓу кои се појавија драмски писатели што продолжувајќи ги традициите и задржувајќи ги вредностите на своите претходници успеaја фитбекот на македонското драмско творештво да го пренесат далеку преку границите на малата, но духовно неисцрпно богата земја од Балканот, Македонија. Денес, низ Европа, па и во светот, драмските текстови на македонските автори како Горан Стефановски, Дејан Дуковски, Јордан Плевнеш или Венко Андоновски често се дел од репертоарот на најугледните театарски куќи и сцени и задолжителен предмет на опсервација на најугледните европски и други театарски критичари и театролози. Овој факт неминовно нѐ соочува со незаобиколниот импозантен драмски опус на Томе Арсовски и на неговиот уметнички богат и тематски разновиден драмски дијапазон на пиесите и драмите какви што се: „Александра“, „Парадоксот на Диоген“, „Матурска вечер“, „Обрачи“, „Бумеранг“ и уште многуте други, на кои промоторите на омажот му го посветија должното внимание. Во оваа пригода, како најпогодна можност, читателите и љубителите на еден лапидарен начин да допрат до суштината на драмското творештво и пораките што Арсовски како автор им ги упатува на гледачите и на читателите може да послужи констатацијата на помладиот -визави Арсовски драмски автор, Јордан Плевнеш, кој за драмското кредо на Арсовски, меѓу другото, ќе рече: „Потрагите на овој автор (Арсовски) добиваат значење на континуирано понирање во општествените, моралните и психолошките лавиринти на човековата егзистенција, кое никогаш не се одродило од вредносните варијабли, понирање што ги заслужува сите респекти на својата истрајност и длабочина, за своето спротивставување на замките што ги поставува таа толку сложена задача на духот – да се мисли и дејствува низ драмскиот збор“, заклучува Плевнеш. На крајот, од овој, за жал, оправдано по обем скуден осврт за Томе Арсовски, останува да се повикаме и на мислењето на академик Гане Тодоровски од предговорот на собраните дела на авторот, каде што вели: „Во лицето на автор каков што е Томе Арсовски, ние препознаваме една ангажирана творечка самосвест, еден сериозен и афирмиран литературен трудбеник и посведочен литературен угледник, со чии творби современата македонска литература може да се гордее и да се претставува и пред домашниот и пред странскиот читател и гледач“.
Димитар Солев (1930-2003), слично како и Томе Арсовски, го носи предзнакот претставник на втората генерација македонски писатели и интелектуалци, изнедрени од Филозофскиот факултет во Скопје, а формирани и реализирани од брановите и фреквенциите на Радио и телевизија Скопје, во 1960-тите години. Постулатите на неговото модерно поимање на современата македонска литература, Солев мошне уверливо ги одредува уште во почетокот на својот несодржаен творечки опус и како романсиер и раскажувач (романите: „Под усвитеност“, „Кратката пролет на Моно Самоников“, „Зора зад аголот“ и други, збирките раскази: „Окопнети снегови“, „По реката и спроти неа“, „Црно огледало“…), но и како есеист и критичар во „Кво вадис скриптор?“ ги афирмира преку уредувањето и страниците на списанието „Разгледи“.
Полемичката природа на неговото творечко кредо во тоа време го свртува вниманието и на тогашната југословенска книжевна критика, определувајќи му на Солев високо место не само во македонската туку и во југословенската книжевна номенклатура. Делата на Солев се преведени на неколку странски јазици, а тој слови и како сценарист на познатите филмови „Истрел“ и „Денови на искушение“. И што уште од творечката лабораторија на тивкиот човек Димитар Солев може да го привлече вниманието на постојната генерација млади читатели и љубители на македонската книжевност од минатиот век? Меѓу другото и фактот што тој е подвижникот што значително придонесе нивото на македонската современа модерна литература, во втората половина на 20 век, да се крене мошне високо и на македонската книжевност да ѝ ги определи местото и угледот меѓу напредните и модерни европски литератури што таа со право и ги заслужува. Во тоа е и големото значење на овие и вакви повремени навраќања токму кон тие високи творечки вредности во нашата современа национална книжевност и култура воопшто.
Драган Јањатов