Бугарскиот универзитетски професор и политиколог Евгениј Дајнов вели дека не знае што сака Бугарија од Македонија кога е во прашање ветото за преговори со ЕУ, бидејќи тоа не е нејзин интерес, туку на кругови во Бугарија кои и служат на руската политика на Балканот. Тој во интервју за Дојче веле потенцира дека не сфаќа што подразбираат бугарските националисти кога зборуваат за македонизам и се сомнева дека ова е некаква примитивна идеолошка конструкција за стигматизирање на „непријателите“.
Според него, многу барања што доаѓаат од Бугарија се провокација, како на пример барањето за бришење текстови на споменици во Македонија или ставањето фусноти дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик. Професорот вели дека не е експерт за Македонија, но знае што се случува во Бугарија и дека „бомба“ била поставена уште во 1992 година, кога Софија ја призна Македонија, но не ги призна нацијата и јазикот.
-Уште тогаш стана јасно дека во ова непризнавање е поставена „бомба“. Владата на Иван Костов се обиде да ги деактивира овие бомби со Декларацијата од 1999 година со потенцирање добрососедство. Во 2017 година, додека се шминкаше како про-европеец, прорускиот популист Бојко Борисов ги вметна главните точки од Декларацијата во Договорот со РСМ. Во 2020 година стана јасно дека ВМРО нема да може да влезе во Народното собрание и поддржана од ГЕРБ на Борисов, одлучи да ги мобилизира националистичките гласачи со ставање вето на РСМ поради „антибугарско“ однесување“ – вели професорот во интервјуто за Дојче веле.
По низа барања од Бугарија, за кои Дајнов вели дека се провокација, дојде и она на претседателот Румен Радев, Бугарите да влезат во македонскиот Устав, но Дајнов вели дека Радев е „само олицетворение на проблемот“.
-Проблемот е што отровната националистичка тиња продолжува да ја труе политичката атмосфера. Денеска и старите и новите партии во Бугарија заземаат проруски и националистички позиции и нема да дозволат укинувањето на ветото од која било причина – вели професорот.
Тој во целата ситуација гледа решение – да се неутрализира руската агентура и да се напуштат провинциско-балканските скандали, со што ќе им се олесни на македонскиот и бугарскиот народ да ослободат од националистичката омраза, а за почеток, вели професорот, дека би било добро „ако двајцата премиери на заедничка средба едноставно кажат: „Бугарите не се фашисти, а Македонците не се Бугари“.