Да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму после јуни. Крајно време e земјава и регионот да добијат силна и јасна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива. Секое натамошно одлагање на почеток на преговорите може да има сериозни безбедносни последици за регионот и за Европа. Ова беа пораките од премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето и на средбите со неговите колеги на форумот „ГлобСек“ вчера во Братислава. Во меѓувреме, Австрија до земјите членки на ЕУ проследила т.н. нон пејпер кон крајот на мај, во кој се залага за нов пристап кон државите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“.
Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ во рамки на форумот „ГлобСек“ рече дека ЕУ сега има два проблеми. Едниот се одлуките за Западен Балкан. Ако не се донесе одлука, кредибилитетот и важноста ќе и опадне и во моментот кога тие ќе опаднат, национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи, а ние не сакаме да го видиме тоа.
Од друга страна, наведе Ковачевски, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков. Пристапувањето кон ЕУ, потенцира Ковачевски, требаше да биде процес што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Во нашиот случај, појасни премиерот, 45 проценти од законодавството е усогласено и ако ја споредиме државата со други земји кои веќе преговараат неколку години, тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри.
– Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Северна Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини – истакна премиерот, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ.
Од друга страна, според Ковачевски, имаме нов геополитички развој на настаните и поинаква слика во Европа, каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата важност на Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш мора да биде таков принцип и начело за сите земји.
Прашан дали ЕУ добро соработува со САД и дали ова партнерство е функционално или само создава проблеми, Ковачевски одговори дека земјава иако не е членка на ЕУ, целосно ја усогласи својата со надворешната политика на ЕУ, затоа што одлуката е дали сте на вистинската страна на историјата, на страната на демократијата во војна со автократијата.
– САД е стратешки партнер на регионот и на Северна Македонија и тоа е така веќе 30 година во текот на нашата независност, на секое поле на развој на земјата – рече Ковачевски, потсетувајќи дека државите од поранешна Југославија се земји кои претпрпеа дисконтинуитет поради промената на политичкиот и економскиот систем.
Кон крајот на мај, Австрија до земјите членки на Европската Унија проследила таканаречен „нон пејпер“, во кој се залага за нов пристап кон државите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“.
Австрија со нон-пејпер за постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ
Како што јави Радио Слободна Европа, којашто имала увид во овој документ, во него се наведува дека Австрија смета оти кризата што настана поради руската инвазија врз Украина може да предизвика колатерална штета врз стабилноста на Западен Балкан. Како последица на тоа, Австрија смета дека со тоа конфликтот би можел да се пресели на границите на ЕУ, па и во неа.
– Мораме да размислуваме преку веќе постојните инструменти за проширување и соседство да го искористиме неискористениот потенцијал. На патот кон полноправно членство, треба да создадеме можност овие земји постепено да се интегрираат – се вели во документот.