Појавата на жртви на модерното ропство од Албанија во Велика Британија станува се позагрижувачка, поради што британските власти бараат против овој феномен максимално да се ангажираат властите во Албанија и тоа финасиски ќе го потпомогнат, јави тиранската телевизија Топ чанел.
Со посебна програма за тоа властите во Лондон издвоиле два милиона фунти за Албанија за време на состанокот на високи функционери од двете земји.
– Средствата ќе бидат искористени за спречување на трговијата со жртви на модерното ропство, преку поддршка на жртвите за обновување на нивните животи во земјата од која доаѓаат, како и да ги спречат луѓето кои се изложени на ризик да паднат во рацете на трговците со луѓе во Албанија кои ги пренесуваат во Велика Британија-наведува Топ чанел.
Најмалку 800 албански државјани лани се пријавиле кај британските власти да бараат азил, што земјата ја ставаат на прво место по баратели на азил во Велика Британија.
Според британските власти, како области од каде доаѓаат повеќето жртви на трговија со луѓе, а кои побарале азил, се посочени Тирана и околните Пешкопеја,Скадар и Кукс.
Британскиот заменик министер за криминал и заштита на загрозени лица, Викторија Аткин изјави дека „соработката со нашите албански партнери може многу да го промени животот на оние на кои им се украдени нивните основни човекови права“.
Овој чекор на британските власти го поздрави „Програма за надеж“, најактивното друштво на албанската заедница во Велика Британија, кое се занимава со интеграција на овие жртви во британското општество.
Љуљеја Нузи, претседателка на друшвото, се надева дека овие средства ќе се искористат ефикасно за да се подигне нивото на свеста кај граѓаните да не ги осудуваат лицата кои биле жртви на трговија со луѓе.