Фото: Игор Бансколиев

Шесте земји од регионот на Западен Балкан се соочуваат со нови економски предизвици, и покрај закрепнувањето од рецесијата предизвикана од пандемијата на ковид-19, се вели во најновиот редовен економски извештај на Светската банка за Западен Балкан

ИЗВЕШТАЈ НА СВЕТСКАТА БАНКА

Растот на БДП во регионот достигна 7,4 отсто во 2021 година, по намалувањето од 3,2 отсто во 2020 година. Ова враќање на растот забележа значително отворање нови работни места, при што побарувачката за труд помогна да се намали сиромаштијата во сите шест економии од Западен Балкан. Во 2021 година, стапката на вработеност во Западен Балкан се зголеми на историски највисоко ниво од 45,8 отсто, пред сѐ, предводена од закрепнувањето на вработеноста во Србија и во Косово.
Според извештајот во Македонија, растот бил предводен од силното закрепнување на потрошувачката, потпомогнато од фискалниот стимуланс и враќањето на побарувачката, како и од олабавувањето на ограничувањата за движење и за патување.

– Сепак, закрепнувањето по пандемијата запре, бидејќи војната во Украина предизвикува шокови низ целиот регион. Растот за регионот на Западен Балкан сега се предвидува на 3,1 отсто во 2022 година и 2,7 отсто за Северна Македонија. Економиите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, забележаа солидно закрепнување на растот во 2021 година, но сега се соочуваат со нови предизвици поради војната во Украина, со зголемени цени на суровините, нарушувања во трговијата и инвестициските текови, како и зголемени финансиски трошоци – вели Масимилијано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светската банка за Македонија и за Косово.

Според него, со заострувањето на трошоците за финансирање, нашата земја ќе треба да им даде приоритет на трошењата и да го зајакне собирањето даноци, за да ги намали грижите за одржливоста на долгот.

Тој додава дека надолните ризици за економските изгледи на регионот се загрижувачки. Проширување на конфликтот или продолжена војна во Украина може да предизвика дополнителни нарушувања на глобалната трговија, како и на цените на енергијата и храната.
– Може да се појават ризици за рефинансирање доколку продолжат да се заоструваат условите на надворешниот финансиски пазар. Одржливоста на долгот може да стане позагрижувачка ако ограничениот фискален простор дополнително се намали со одговор на повисоките цени на енергијата и храната во услови на зголемени трошоци за рефинансирање. Во такво опкружување, владината политика на Македонија треба да се фокусира на градење отпорност и на преземање структурни реформи за да го поддржи растот и да управува со кризата – вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виша економистка на Светската банка.

Според неа, со ограничен фискален простор, сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, ќе треба внимателно да ги балансираат трошоците и придобивките од новите обврски за фискална поддршка, како одговор на повисоките цени на енергијата и храната, давајќи им приоритет на најранливите домаќинства.
Во контекст на енергетската криза во Европа, извештајот, исто така, дава оцена за ранливоста на нашата земја на шокови предизвикани од цените на енергијата, мерки усвоени од владите за ублажување на влијанијата и, гледано нанапред, како кризата може да влијае на транзицијата кон зелена енергија.

– Во одговор на актуелната енергетска криза и обезбедувањето заштита на најранливите домаќинства и фирми, Западен Балкан не треба да ги изгуби од вид своите долгорочни цели за постигнување енергетска безбедност и отпорност како дел од агендата за зелени реформи – укажува Ричард Рекорд.

Според извештајот, одржливиот раст не може да се случи без структурни реформи за зајакнување на продуктивноста, зголемување на конкуренцијата, инвестирање во човечки капитал и зајакнување на управувањето. Мерките за намалување на деловните регулаторни трошоци, зголемување на пазарната конкуренција, поддршка на учеството на пазарот на труд и зајакнување на независноста на јавните институции претставуваат поддршка за раст во несигурно опкружување.

Е.Р.