Доделени наградите на Саемот на книгата
Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, во состав: Весна Дамчевска, новинарка за култура, Сашо Димоски, книжевник и театролог, и Никола Војнов, графички дизајнер, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, ги донесе одлуките за најдобрите изданија.
Првата награда за најдобра едиција, чиј основен критериум се уредничкиот пристап и унифицираноста на едицијата, но и естетиката, ѝ е доделена на едицијата „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ („Арс ламина“), втората награда на едицијата „Штици“ („Гаврош“), а третата на едицијата „Безвременски“ („Три“).
– Едицијата „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ е сочинета од десет тома, во кои се сместени 12 наслови за возрасни. Го вреднуваме како најквалитетен овој издавачки проект и во исто време исклучителен чин за истакнување на „мајката на македонската книжевност“, за кој сметаме дека е уреднички одлично сработен, со добар и унифициран изглед на кориците – велат од жирито.
Првата награда за оригинален дизајн на корица и/или внатрешно уредување ѝ е доделена на „Бамбино“ од Ника Гавровска и Никола Радуловиќ („Гаврош“), втората на „Збор по збор“ од Ника Гавровска (идеја, концепт и графичко уредување и илустрации на Наташа Андонова – „Гаврош“), а третата на „Волшебното патување на простор и време“ – автор Мирко Трајановски, илустратор Кристијан Јованоски („Софија“ – Богданци).
– Книгата „Бамбино“ отскокнува од сите други во конкуренцијата – графички е беспрекорно средена, и надворешно и внатрешно, со оригинален разделник од црвена ткаенина, кој е поврзан со приказната. Меѓутоа, и содржински, спојот на текстот и графиките создава една силна фабула, која целата книга ја прави навистина за пофалба – велат од комисијата.
За најдобра книга за деца првoнаградена е „Пет приказни од целиот свет“ од Живко Гроздановски („Чудна шума“), второто место го освои „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш и Наталија Лукомска („Арс ламина“), а третото место – „Мистериозниот остров“, напишана од Бистра Георгиева, илустрирана од Наталија Лукомска (од едицијата Сани и Стела на „Три“).
Изборот за најдобра книга за деца на комисијата оваа година едногласно падна на книгата „Пет приказни од целиот свет“, раскажани од Живко Гроздановски. Комисијата смета дека станува збор за мошне оригинален пристап, многу убав избор и одлично раскажани приказни со соодветни илустрации, кои оваа книга ја прават содржински значајно четиво за децата.
За автор на годината (популарноста и влијателноста на авторот, придонесот во афирмацијата на книжевноста во и надвор од државата; бројот на странски преводи; успесите од продажбата) е прогласен Владимир Јанковски.
– За автор на годината го прогласуваме Владимир Јанковски, кој е годинашен македонски кандидат за наградата за литература на Европската Унија за романот „Скриени желби, немирни патувања“. Книгата на Јанковски беше и македонски кандидат за наградата „Балканика“. Јанковски е истакнат книжевен деец, критичар, преведувач и автор на три романи. Наскоро се очекува второ издание на неговата последна книга, а во тек се нејзини преводи на чешки и српски јазик – вели жирито.
Признанието за најкреативно издание ѝ е доделено на „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски (самостојно издание), второто место е за „Finger print art“ („Арс ламина“), а третото за „Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска, илустрации на Јована Велинова-Трајанова („Арс ламина“).
– Фотокнигата „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски едногласно ја избравме за најкреативно издание. Книгата има одличен концепт на содржинско спојување на 64 лирски прози на Баковска со 115 фотографии од различни жанрови на Димоски. Начинот на кој тие се дополнуваат во раскажувањето на состојбата на свеста во непосредниот период пред и непосредниот период по смртта на мајката на Баковска, во соочувањето со загубата на родител и со вечните теми за животот и смртта, ја прават оваа книга целосно оригинална и креативна и нешто повеќе од само книга – стои во образложението.
Комисијата во категоријата за поттикнување општествена одговорност реши да додели само прво место, поради отскокнувањето на проектот „Сликовницата на Халки“ во однос на другите. Сликовницата го објаснува процесот на изработка на една книга за деца и нејзината главна порака е дека читањето е најважната животна навика. Сликовницата е достапна на македонски, турски и албански јазик и е поддржана од Халк банка, што е позитивна практика од страна на една банка во поглед на поддршка на издавачки проект. Во рамките на проектот се организирани работилници низ повеќе училишта во земјава, проследени со подвижна изложба на илустрациите на Трајче Павлов. Дополнително, сите средства од нејзината продажба се наменети за децата од СОС „Детско село“.
Специјалното признание за промотор на читачката култура го добива фестивалот „Букстар“, кој досега се има одржано седум пати, ја заслужува наградата за специјален промотор на читачката култура, поради тоа што на македонската јавност ѝ претставува значајни современи европски автори и отвора дебати на важни теми од областа на книжевноста. Фестивалот од година на година има сè поголем медиумски опфат, привлекува голем интерес кај публиката, го посетуваат и многу млади, кои се запознаваат со авторите и купуваат книги за време на неколкудневната програма, и е вистински промотор на читачката култура.