Откривањето на споменикот во Слупчане посветен на борците на ОНА ја следи практиката од поранешна СФР Југославија, при која секој народ им подига обележја на сопствените жртви во војните на преминот меѓу 20-от и 21-от век, со што повторно се отвораат меѓуетнички поделби и се создааат тензии.
Лидерот на ДУИ Али Aхмети, во обраќањето пред присутните при вчерашното откривање на обележјето во Слупчане, рече дека „овој споменик не нѐ дели, туку нѐ обединува“, порачувајќи оти ОНА е составен дел од историјата на Македонија, без која не би можел да се постигне Охридскиот мировен договор. Но откривањето на споменикот беше проследено со незадоволство меѓу Македонците, судејќи според коментарите на социјалните мрежи. А имаше и бројни политички реакции, меѓу кои најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ упати прозивка кон премиерот Димитар Ковачевски.
– Каде е Ковачевски да го искоментира столбот во Липково на ДУИ? Во Битола бугарско здружение за ликот на Михајлов, во Липково 20 метарски столб на УЧК. Има ли оваа држава премиер и институции? Зошто Липково нема квалитетна патна мрежа, а има столб од бетон висок 20 метри? Зошто Липково нема квалитетна струјна мрежа, а има споменик, и дали споменикот ќе ги врати иселените од Липково? – се наведува меѓу другото во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски јавно се спротивстави на изјавата на Ахмети за обединувачката улога на споменикот.
– Еве, погледнете ги реакциите на граѓаните на социјалните мрежи и јавните коментари, направете јавна анкета и ќе видите дека споменикот не нѐ обединува. Дури и во втор план го стави најголемиот муслимански празник, токму денеска во државата. Кога сте партија кога немате што да понудите на граѓаните и кога повеќе од 21 година сте на власт, безидејни, тогаш мора да одите со вакви проекти, кои се на тенка линија со законитоста и се пркосат со законот, и едноставно ги нудите популизмот и национализмот на граѓаните. Не сум изненаден ништо од нив – кажа Димитриевски во вчерашното гостување во дневникот на телевизија „Сител“.
Претседателот на политичката партија „Достоинство” и директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, пак, преку Фејсбук апелираше да не се креваат меѓуетнички тензии.
– Свеченото отворање на 20-метарската спомен кула на УЧК во Липково на кое присуствуваа и Али Ахмети, Талат Џафери, Артан Груби, Фатмир Бесими, Бујар Османи и други високи претставници на владата, собранието и на ДУИ, колку и да не му се допаѓа некому, треба да биде пример за македонскиот државен и политички врв, како треба да се чествуваат македонските бранители од 2001-та кои го дадоа својот живот бранејќи ја татковината. Чевствување на загинатите, но и почит кон ранетите, трауматизираните и сите останати македонски бранители, кои на било кој начин и во било кој обем учествуваа во одбраната на Македонија во 2001 година. За разлика од овој нов споменик на УЧК кој се наоѓа некаде далеку во Липковско, ние, македонските бранители од 2001-та, имаме достоинствен и репрезентативен споменик во строгиот центар на Скопје, во непосредна близина на македонското Собрание и скопскиот плоштад. Останува уште, на овој наш споменик на бранителите од 2001-та, да се поклонат и претставници на највисокиот македонски државен и политички врв.
Затоа, повикувам да не се крева непотребна меѓуетничка тензија поради новиот споменик на УЧК бидејќи јас, како непосреден учесник во одбраната на Македонија во 2001-та, можам само да им честитам на наследниците на УЧК – ДУИ, за почитта која ја покажуваат кон загинатите од нивните редови. Тие нека си ги чествуваат нивните, ние да си ги чествуваме нашите загинати а сите заедно да дадеме сѐ од себе во Македонија никогаш повеќе да не ни се повтори војна и конечно да завладее целосен меѓуетнички мир – напиша Ангелов на неговиот фејсбук-профил.
За 20 метри високата спомен-кула во Слупчане потрошени се 200 илјади евра општински пари. На вчерашната церемонија беа присутни и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за надворешни работи Бујар Османи, првиот вицепремиер Артан Груби, како и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Претходно, Министерството за транспорт и врски ги офрли информациите дека била побарана дозвола за изградба на споменикот, а Министерството за култура наведе дека надлежноста е на Собранието или единиците за локална самоуправа, според Законот за меморијални споменици и спомен обележја.
На подрачјето на поранешна СФРЈ спомениците вообичаено се посветени на мнозинското население, со тоа што жртвите се делат на „наши и нивни“, односно секој народ ги одбележува сопствените загуби. Според податоците на Здружението за општествени истражувања и комуникации (УДИК), кои неодамна ги пренесе „Дојче веле“, во Србија има вкупно 284 споменици посветени на страдањето на Србите во војните од 90-те години на минатиот век. Околу 94 отсто од спомениците во Хрватска, пак, се посветени на страдањето на Хрватите во текот на оружените дејствија. А во БиХ се изградени над 2.100 споменици во чест на цивилите или борците што ги загубиле животите во војна, од кои околу 59 отсто им се посветени на Бошњаците, 24 отсто на Србите и 13 отсто на Хрватите.
Од друга страна, вкупно девет споменици во Србија им се посветени на Албанците, а на Хрватите и Бошњаците настрадани во војните, еден до два споменика. Во Хрватска три отсто од обележјата се посветени на страдањето на два или повеќе народи, слично како и во БиХ, наведува УДИК.
Во најновата публикација на здружението, „Култура на сеќавањето и стратегија на репрезентацијата на военото минато на 90-те во БиХ, Хрватска и Србија“, се истакнува како со меморијалите не се гради само идентитет, туку и политичка идеологија, која во крајната позиција има етнички апартхејд – раздвојување на етничките групи едни од други, со што „другите“ би се претставиле како непријатели“. Од УДИК посочуваат и дека на дело е виктимизација на општеството во која секоја страна смета оти најмногу страдала, што најдобро се согледува преку спомен-обележјата. М.Ж.