Фото: Архива

Глобалниот индекс на конкурентноста, реализиран од Светскиот економски форум, ја рангира нашата земја последна во регионот, односно на 82-то место од вкупно 141 земја. Затоа Владата треба да најде решение и начин како да им помогне на бизнисите во амортизирањето на трошоците, кои предизвикуваат енормни проблеми за нив, како што се ликвидноста, чувањето на работните места, конкурентноста, која треба да се има предвид дека е аспект што повеќе зависи од функционалноста на институциите, владеењето на правото и добрите економски и финансиски политики, тврдат стопанствениците

ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГИ МУЛТИПЛИЦИРА НЕГАТИВНИТЕ ЕФЕКТИ ВРЗ ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА

Војната во Украина и економските санкции што следуваа ќе предизвикаат многу поголеми нарушувања во европската економија и пазар од претходните кризи, како што е пандемијата на коронавирусот. Шефот за глобално макроистражување во ИНГ банка, Карстен Брзески, посочува дека поради војната, Европа е особено изложена на ризик од губење на конкурентноста на меѓународниот пазар. Тој вели дека еврозоната сега се соочува со лошата страна на нејзиниот основен економски модел, како извозно ориентирана економија со голем индустриски столб и голема зависност од увоз на енергија. Колку Македонија ќе страда индиректно од оваа состојба, дали сме изложени на ризик од губење на конкурентноста на меѓународниот пазар? На кој начин може да се справиме и да ги ублажиме ударите?
Како што вeлат надлежните од Стопанската комора на Северозападна Македонија, конкурентноста е можеби главниот аспект што се наоѓа во ризик, не поради тоа што нашите бизниси не се способни да се приспособат на промените што се случуваат, туку поради неподготвеноста на институциите и на Владата да креираат политики што ќе им помагаат на бизнисите да ги остварат нивните проекти.
– Ова го велиме бидејќи сме сведоци дека Владата донесе неколку одлуки што се контроверзни во економски аспект, имајќи ги предвид кризите што нѐ погодуваат во низа.
Според податоците, ние имаме капацитети за производство на околу 40 отсто на електричната енергија што ја користиме како земја, што значи дека немаме капацитети да ги задоволиме домашните потреби и сме увозно зависни и за електрична енергија. Од друга страна, извозните компании, од десетте најголеми, шест се странски капитал, кои работат со фиксен пласман на производите, што значи дека не сме многу конкурентни во регионалниот пазар со домашните компании и, за жал, тие се соочуваат со дополнителни препреки, особено со зголемувањето на цените на енергентите – укажуваат од СКСЗМ.
Оттаму дополнуваат дека Владата треба да најде решение и начин како да им помогне на бизнисите во амортизирањето на овие трошоци, кои предизвикуваат енормни проблеми за нив, како што се ликвидноста и чувањето на работните места, бидејќи многу компании работат со загуба во последниот период.

– Треба да се има предвид дека конкурентноста е аспект што повеќе зависи од функционалноста на институциите, владеењето на правото и добрите економски и финансиски политики што Владата може да ги доведе. Затоа, кога станува збор за конкурентноста, Глобалниот индекс на конкурентноста реализирана од Светски економски форум, индекс за кој СКСЗМ е институционален партнер, ја рангира нашата земја последна во регионот, односно на 82-то место од вкупно 141 земја – нагласуваат од Комората.
Како и многу други земји во регионот и Европа, така и Македонија се соочува со длабока енергетска криза, закана од инфлација, недостиг од резерви, нарушен биланс на стратегиска храна и стоки, зголемена побарувачка, намалена конкурентност…
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, потенцира дека нашата економија, како мала и отворена, е високозависна од случувањата во европската економија, ризиците се присутни и тие зависат од развојот на настаните, санкциите и времетраењето на кризата.
– Ние сме отворена економија, со многу силни врски со европската. Европската економија е наш најзначаен трговски партнер, каде што извезуваме 77 отсто од вкупниот извоз. Сепак, би потенцирала дека оваа состојба е навистина неизвесна и тешко е која било централна банка да ги прави проекциите тековно, токму поради големата неизвесност – вели Ангеловска Бежоска.
Гувернерката споменува дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна ја погаѓа европската економија.

– Првиот канал е потрошувачката, поради нагорните придвижувања на цените на примарните производи – енергентите и храната. Повисоката инфлација ќе значи понизок реален расположлив доход на домаќинствата, кој би се одразил врз приватната потрошувачка. Сепак, според некои аналитичари, овој ефект може да се ублажи преку акумулираното штедење во пандемискиот период – додава Ангеловска Бежоска.
Вториот канал се инвестициите, како што појаснува гувернерката, во услови на висока неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите.
– Третиот канал на влијание на тековната криза врз европската економија е трговскиот, затоа и постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија – истакнува Ангеловска Бежоска.