Мини-анкета на „Нова Македонија“
Референдумот и постреферендумскиот развој на настаните сѐ уште се во фокусот на интересот кај Македонците надвор од Македонија. Сите учесници што ги искажаа своите мислења во врска со оваа тема на штрек ги следат случувањата во земјата. Врската со својата татковина ја сметаат за нераскинлива и уште посилна кога се живее надвор од неа и уште повеќе во вакви суштински моменти. Овој став треба да се извлече, како што истакнуваат тие, како битен заеднички именител, за да се отстранат некои сомнежи што беа реафирмирани во матичната држава, за некадарност или незаинтересираност на дијаспората. Сите испитаници се припадници на академската средина…
И по 74 години од АСНОМ, ние, наместо за демократски вредности, зборуваме за „партиски меници за пратеници“
Какви се вашите впечатоци од референдумот и какви се вашите ставови во врска со него?
– ДИК се изјасни во смисла на референдумот. Тие соопштија дека врз основа на податоците за одзивот, референдумското прашање не е усвоено! Што се однесува до моите лични впечатоци, морам да кажам дека тие се некаква рефлексија од реакциите во врска со целиот процес. Од организацијата и спроведувањето до изјавите во врска со резултатите. Соодносот на бројот на жители со кој се оперира, бројот на малолетни лица што немаат право на глас и бројот на запишани граѓани во избирачкиот список не соодветствува со реалноста. Тоа ги подгреа сомнежите дека со бројките, какви и да бидат, ќе се шпекулира. Тоа и се случи. Одговорен за бројките и последиците од тоа врз процесот е оној што го организира референдумот. Тоа е Собранието, односно мнозинството во него. Теснопартиските интереси се покажаа недостојни за едно вакво важно и големо прашање. Едноставно покажаа дека сѐ уште не се дораснати за тоа.
Какви се размислувањата на Македонците во вашата средина?
– Мислењата се поделени. Најмалку што може да се заклучи е дека и соодносот и состојбата се исти како и во Македонија. Никој не знае колку луѓе со потекло од Македонија живеат во Шведска, а уште помалку знаеме колку луѓе дојдоа во последниве десетина години. Од социјалните мрежи може да се извлече заклучок дека има такви што го поддржаа тој процес, има такви што се против, а многу поголем е бројот на оние што не се изјаснуваат воопшто во однос на тоа. Типично македонски, би рекол.
Во светлина на претстојниот, еден од најсветлите датуми на нашата историја, 11 Октомври, кои се вашите визии за Македонија, остануваме ли на асномските темели или ќе дојде до некакви сериозни промени?
– Јас мислам дека мојата генерација ќе ја преземе одговорноста за тоа што Македонија доцни со развивањето на еден од клучните темели на асномскиот процес. Имено, Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија, која е врвен документ, не само што не ја втемеливме и развивме туку, уште полошо, ја упропастивме. По 74 години од АСНОМ, ние, наместо за демократски вредности, зборуваме за „партиски меници за пратеници“, не престануваат употребата и практикувањето на политичкото насилство како метод на промоција и реализација на партиски програми. Граѓаните сѐ уште не се чувствуваат еднакво пред законите. Имаме девастиран и заробен правосуден систем, кој не генерира впечаток дека се дели правда. Корупцијата и криминалот ја нагризуваат и онака кревката институционална супстанција. Постои впечаток дека криминалот има сериозна партиско-политичка заднина, која се влече со години. Безбедносниот систем не оддава впечаток дека може да се спротивстави на организиран напад однадвор, токму поради впечатокот дека неговата подготвеност е правопропорционална со расположението и волјата на партиско-политичките елити.
Ќе остане запаметено дека ние не можеме да го заокружиме ниту егзистенцијалниот општествено-институционален минимум на кој сме упатени од генерациите пред нас. Тоа нѐ прави плашливи, а во таква ситуација стануваме ирационални. Најпрво како поединци, а потоа тоа го пренесуваме и на нашата околина. Останува впечатокот дека не можеме сами да се реформираме ниту да ги сфатиме промените околу нас. За жал, тоа резултира со сериозен стратегиски дефицит во разврската на сложениот регионален геополитички контекст.
Што мислите за политичките промени што се најавуваат во Македонија, во смисла на нови прегрупирања, собраниски изјаснувања, евентуални избори?
– Ништо особено. Не гледам дека нешто ќе се промени. Згрозен сум од лицемерството. Како може да зборуваме за некакви слободи кога е јавна тајна дека пратениците потпишуваат меници (ЈО не реагира ни по допрен глас), а слушаме дека дел од пратениците се под притисок и под постојани закани по сопствениот живот. Столбот на демократијата, прашањето на слободен избор е згазено. Дури и да се влезе во евентуално нов изборен циклус, тој ќе ги има истите аномалии како и претходните. Се плашам дека, без оглед на тоа како ќе ги наречеме фазите и процесите, односно прегрупирања, изјаснувања или избори, ќе остане впечатокот дека ништо не можеме да решиме без помош од меѓународната заедница.
Ацо Каланоски, дипломиран правник, вработен во „Волво“, 16 години живее во Шведска
Ние во Австралија ќе направиме сѐ Македонија да остане држава на конститутивниот македонски народ!
Какви се вашите впечатоци од референдумот и какви се вашите ставови во врска со него?
– Референдумот претставуваше подмолен манипулативен обид да се промени името на Македонија, но македонскиот народ цврсто и недвосмислено, со огромниот успешен бојкот кажа дека не прифаќа промена на името, историјата, културата, јазикот и идентитетот и целосно го отфрла Преспанскиот договор.
Какви се размислувањата на Македонците во вашата средина?
– Македонскиот народ во Австралија целосно го отфрла Преспанскиот договор, како и каква било промена на нашето вековно историско име Македонија заради влез во евроатлантските институции. Сите водечки и главни македонски организации и поединци ја поддржуваа кампањата „Бојкотирам“ и ќе продолжат да се борат Македонија да остане држава на конститутивниот македонски народ, да се укине договорот за добрососедство со Бугарија и да не се спроведува тиранската платформа. Позитивни, прогресивни реформи треба да се спроведат не заради влез во ЕУ, туку заради доброто на Македонија и сите нејзини државјани.
Во светлина на 11 Октомври, кои се вашите визии за Македонија, остануваме ли на асномските темели или ќе дојде до некакви сериозни промени?
– АСНОМ е круна на македонската борба за слобода, македонска држава, нашето самоопределување како Македонци и темелите удрени од него треба да останат како главен патоказ на понатамошниот политички, економски, социјален и културен развој на Македонија. Секако, асномските принципи треба да се модернизираат, приспособат и применат во сегашните услови во кои живееме, но нивната суштина, дух и мудрост не смеат да се напуштат или преиначат. Но свесни сме за силите на глобалистичкиот систем што се трудат да ги разводнуваат националните идентитети и култури во служба на среброљубието.
Што мислите за политичките промени што се најавуваат во Македонија, во смисла на нови прегрупирања, собраниски изјаснувања, евентуални избори?
– Социјалдемократите се надеваат дека со нови избори ќе обезбеди двотретинско мнозинство за промена на Уставот. Со оглед на неуспешниот референдум, не мислам дека ќе успеат да обезбедат такво мнозинство. Ако ДПМНЕ продолжи со овие топло-ладни позиции, нивниот рејтинг исто така сериозно може да се намали и да изгубат неколку пратенички места. Народот сака политичари што ќе ги бранат македонските национални интереси и ќе придонесат за економскиот развој на земјата, а тука постои шанса трети сили да се обединат и да понудат нешто попривлечно на гласачите од тоа што досега било понудено.
Ицо Најдоски-Перин е магистер по мултикултура и доктор по историски науки, долгогодишен активист за човекови права на Македонците во соседните држави и во иселеништвото, живее во Мелбурн, Австралија
Македонците во Белгија поделени во мислењето
Мини-анкетата што ја реализиравме со десетици наши иселеници, интелектуалци во Белгија, референдумот и постреферендумските феномени ги третираат со исклучителна сериозност. Еве неколку впечатоци поврзани со референдумот…
– Моите впечатоци се дека се создаде огромен притисок од страна на меѓународната заедница, што можеби имаше контрапродуктивност во однос на исходот. Се направи обид по секоја цена да се протурка договорот од Преспа, кој народот едноставно не успеа да го свари и докрај да го разбере, особено поради начинот на кој беше дефинирано референдумското прашање, кое ги стави граѓаните пред чинот – ако не си за договорот, тогаш си против Македонија. Сметам дека опозицијата требаше да излезе со конкретен став (за/против). Ефектот, во тој случај, ќе беше дефинитивно посилен.
– Можеше и подобро. Самиот факт дека се работи за чувствително, дури и емоционално прашање за секој Македонец, водеше кон тоа дека треба многу труд и работа во кампањата да се допре до луѓето за да се пренесе и протолкува Преспанскиот договор. Ова, по мене, изостана, не се работеше доволно, така што тоа изостана. Втор индикативен фактор, кој повлекува многу посериозна анализа и прашања, е одзивот на албанските гласачи.
– Мој личен впечаток е дека целата кампања беше неумесно изведена од страна на поддржувачите. Од друга страна, имаше кампања „против“, која успеа да го злоупотреби и измами демократскиот процес. Оние што беа против можеа да се изјаснат на референдумот, и тоа би било во демократски дух. Вака имаме голем број незаинтересирани што ги присвои групата „против“. Сметам дека ниедна помала држава не може да опстои во иднина, освен ако не е дел од некој сојуз. Секако, условот за придружување на Република Македонија во НАТО и во ЕУ не е фер, но јас не слушнав ниедна реална алтернатива. Познавам и луѓе одовде што не сакаа да се пријават за гласање, за да не им се видело името на списокот на гласачи, кој беше транспарентен и подразбирлив дека сите пријавени ќе гласаат „за“.
– Јас лично не очекував толку мал процент, но со оглед на консултативниот карактер, постапката продолжува понатаму. Сметам дека ќе има големи промени и моментално живееме во еден голем историски пресврт. Политичките интереси во Република Македонија секогаш биле во преден план, и секогаш на штета на македонскиот народ. Тоа го очекувам и сега.
– Го прочитав договорот во целост, со особено внимание на членот 7, но и за државјанството дека ќе било македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Спорен ми е и членот каде што се цитира нашиот јазик, се става во наводници, што отвора прашање дали е признаен само во оној договор од каде што се презема, а во овој не. Ако го признаваат, требаше да ги отстранат наводниците, или да го додадат без наводници. Исто така, моето мислење е дека времето за „разбирање“ на договорот беше многу кратко, требаше да има подлабоки анализи и поорганизиран пристап од страна на власта. А пред сѐ и над сѐ, мислам дека договорот може да го разбере само меѓународен експерт по право, кој знае да ги чита и да ги толкува уставите и на Република Грција и на Република Македонија. Обичниот академски читател, кој не е стручен во областа, не знам колку би бил на рамниште да знае да толкува еден таков договор. А веста дека го пишувале консултанти од Америка, во оваа смисла, не помогна многу за да се зголеми вербата кон договорот. Еден ваков референдум, особено за едно такво чувствително прашање за промена на името, бара време да се разбере и да се прифати, а не вака набрзина и под притисок. Па, така, договорот ми останува недоречен. Затоа бојкотирачите имаат голема поента. А, инаку, се разбира дека сакам нашата држава да биде дел од ЕУ.
– Бојкотот беше единственото разумно решение. Молчењето го извика најжестокиот одговор, кој се надевам дека, полека но сигурно, ќе ги увери засегнатите страни дека Македонците сакаат влез во ЕУ, но не по секоја цена…
– Се надевам дека оваа „поинаква“ дијаспора ќе ја продолжи својата мисија за европска Македонија. Само до пред две години живеев во Република Македонија и бев сведок на неправдата да се живее во општество во кое најголемиот социјален капитал е партиската книшка.
Дали остануваме на темелите од АСНОМ?…
– Нема подобра гаранција за останување на асномските темели од стабилна и меѓународно интегрирана земја, така што единствен начин да се држиме до нив е што побрзо да излеземе од овој ќор-сокак.
– Темелите од АСНОМ многу нѐ обврзуваат, и не е лесно да се одговори на ова прашање. Промената на името нема да доведе до појасен идентитет кај мене како Македонка. Но се чини дека тоа е единствен начин за влез во Унијата, па се отвора прашањето за тоа колку скапо ќе платиме ако не влеземе.
За политичките промени во земјата, нови прегрупирања, собраниски изјаснувања, евентуални избори…
– Не очекувам дека нови избори, ниту нови прегрупирања ќе донесат по автоматизам позитивни промени. Така ќе биде сѐ додека се водиме од максимата дека може да биде и полошо и не се развие вистинска критична маса што ќе го диктира однесувањето на политичките елити, наместо обратно.
– Македонија има суштински проблем, ако не се најде сила да се направи суштински исчекор, секое политичко прегрупирање е преточување од шупливо во празно. Лично ме интересира само дали ќе се најдат начин и политичка волја конечно да се придвижиме кон европски интеграции.
– Следното што го очекувам е собраниско гласање за договорот. Сметам дека политичарите треба да водат, управуваат и оформуваат одредени идеи и мислења, а не само да го следат народот. Ниедна политичка партија не би требало да се повикува на народот, туку на своите членови и симпатизери. Иако сметам дека сѐ уште е рано, се надевам на Македонија во една надетничка, надрелигиозна, политичка и општествена констелација, во која главната цел ќе биде прифаќање и исполнување на позитивните европски вредности и идеи.
Мислење на Белгиец од Фландрија
– Мислам дека не е нормално да се има референдум за договор меѓу две земји во земја во која нема традиција за организирање референдуми. Предметот е многу комплициран и вклучува многу повеќе,односно промена на име. Но, предметот ја вклучува и иднината на земјата и затоа луѓето беа исправени пред една тешка задача. Со ова се објаснува нискиот одзив. Но мислам дека сѐ уште има многу голема можност за земјата да биде дел од единствениот пазар.
Можам да дадам еден пример на една реална ситуација, која ни оддалеку не е слична со таа во Република Македонија, но, сепак, е вредна да се спомене. Националистите во мојата земја сакаат да ја поделат земјата на Фландрија и Валонија. Поделбата на Белгија е член број еден во нивните статути. Но желбата да се остане дел од единствениот пазар на ЕУ сѐ уште е разумна логика што преовладува кај нив. Јас никогаш не би гласал за поделба, затоа што заедно сме економски посилни.
Лорета Трајковска, наша кореспондентка, специјално од Брисел
Референдумот беше шлаканица за најкрупните македонски партии, како од позицијата така и за голем дел од опозицијата
Со референдумот, народот беше ставен пред избор што едноставно не беше прифатлив. Најголемата опозициска партија исто така молчеше и, иако се обидува да се репозиционира сега, по референдумот, факт е дека таа не презеде ништо да се спротивстави на неуставните обиди за силување на демократијата, туку беше тивок соучесник.
Огромните суми потрошени на реклами, притисокот на меѓународната заедница не го постигнаа ефектот, народот остана мудар и победи. На референдумот на 30 септември македонскиот народ покажа храброст и самопочит, а пораката е едно јасно „не“. Тој јасно даде до знаење дека никој не смее да го потценува, ниту него, ниту неговата татковина.
Денес се прават обиди за толкување на резултатите на овој или оној начин, многумина се обидуваат да го присвојат или политички да го обојат бојкотот. Но фактите се следните: демократски победи бојкотот со своето мнозинство, борбата на овој референдум беше на народот и победата е на народот. Прашањето за промена на името, идентитетот и јазикот треба да се затвори, непромената на нив да се стави како црвена линија, а ние како земја треба да се рефокусираме на она што навистина ни треба – создавање здрава економија и општество.
… Ние имаме прашања за односот кон сопствената историја, за кои треба сериозно да се запрашаме. Од една страна, од разни причини се чувствува има занемарување на придобивките и херојските жртви дадени низ историјата, потсетувањето на придобивките како да стана „немодерно“ во денешно време. Уште повознемирувачка е скриената поделба на две групи: или се сакаат и почитуваат хероите од времето на македонските револуционери и се занемарува улогата на партизанското движење или обратно. Занемарувањето на историјата и поделбите мора еднаш засекогаш да престанат. Луѓето што го дале животот за оваа татковина, без разлика на временскиот период, мора да бидат длабоко почитувани од секој граѓанин на оваа земја. Благодарение на нив, денес имаме слободна Македонија и наша обврска е да ги зачуваме таа земја и нивните придобивки и да продолжиме да ја градиме и развиваме.
Придобивките на АСНОМ се од фундаментално значење за нашата земја. Благодарение нему, по долговековна окупација, повторно се возроди македонска држава, се декларираа основните права во нашата земја, се прогласи македонскиот јазик како службен во целата држава, Илинден го добива заслуженото место, ние ја возродивме својата татковина. Тие придобивки се свети, за нив се дадени животи и големи жртви низ историјата и никој нема право да си поигрува со нив. Се залажува секој што мисли дека со злоупотреба на тешката економска ситуација, дека со лаги и притисоци ќе успее да му ги одземе тие придобивки на нашиот народ. Напротив, секој обид за посегнување кон слободата и независноста на оваа земја не само што треба да се осуди туку за секој таков обид треба да се одговара пред институциите како за најтежок чин.
Но придобивките не се нешто што треба да го чуваат само институциите, тоа е должност пред сѐ на секој од нас. Првенствено секој од нас мора да ги почитува, да направи сѐ што е во негова можност да ги надгради во сопствената сфера: работата, семејството, општеството, но и да ги заштити на демократски начин секогаш кога некој ќе посегне по нив.
Референдумот беше шлаканица за најкрупните македонски партии, како од позицијата така и за голем дел од опозицијата, која не се спротивстави на таа авантура.
Ова е можеби добро време за алтернатива, со шанса за нови и искусни кадри да ги заменат корумпираните и неспособни политички групи и со овозможување на професионализација на институциите. Без разлика на следните чекори, ние мораме да се вратиме на вистинскиот курс, пренасочен кон развој на економијата и општеството, создавање поволна клима за развој на малиот и средниот бизнис, но и кон соработка со партнери низ светот по принципот на равенство и почит.
Д-р Влатко Давидовски работи во областа на консалтинг за бизнис-трансформации при глобални корпоративни компании-лидери на светскиот пазар, со над 15-годишно меѓународно работно искуство. Има докторат по економија на санктпетербуршкиот политехнички универзитет „Петар Велики“, магистратура по информатиката на Швајцарскиот федерален технолошки институт (ЕТХ) во Цирих, еден од десетте најдобри универзитети во светот, постдипломско образование во областа на менаџментот и двојни додипломски студии.