Фото: Маја Јаневска-Илиева

По неуспешниот референдум, односно неисполнувањето на законскиот цензус и малиот одзив политичкиот фокус е насочен кон друго прашање, брзи избори или решение во Собранието. И повторно стручната јавност е поделена. Некои сметаат дека изборите нема ништо не решат, додека за други тоа е единствената опција во моментов.

Повторни избори би ја забавиле реформската агенда потребна, пред сè, за европските интеграции, оценуваат упатените. Според некои од нив, без разлика на цврстите партиски ставови кај некои политички субјекти што се актуелни деновиве за предвремени избори, опцијата за двотретинско мнозинство во Собранието сѐ уште е во игра околу уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција. Во исто време повеќе странски организации и невладини здруженија во јавноста веќе излегоа со својот став дека евентуални нови избори сепак можат да ѝ наштетат на државата во политичката, економската, но и во безбедносната сфера.

Меѓу првите што предупредија на ваквите последици, наспроти желбите на политичарите за брзи избори, беа МАНУ, Стопанската комора, но и Светската банка. Овие влијателни домашни но и меѓународни субјекти во своите извештаи посочија за опасностите по економијата од ваквиот евентуален развој на политичката состојба и иднината во земјава. Ако дополнително се земе предвид дека Македонија безмалку е сиромашна држава и за краток рок од шест месеци ќе спроведе три изборни циклуси, тука имајќи ги предвид и претстојните редовни претседателските избори закажани за следната година напролет, меѓу домашните познавачи на состојбите се наметнува дилема и за економските последици. Можно ли е таквиот контекст на политичката ситуација во земјава да биде преголем залак за граѓаните, но и за финансиската и секоја друга стабилност на земјава?

Поранешниот амбасадор, Нано Ружин, вели дека следува период на калкулации што не може да трае долго доколку пратениците не се договорат, а амнестијата што ја бара ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде причина за какво било условување или тактизирање ниту од страна на Владата, ниту од страна на најголемата опозициска партија и од тие причини мора да се носат брзи и важни одлуки.

– Односот на ВМРО-ДПМНЕ е крајно негаторски и анархистички во однос на државните интереси и во однос на интересот на граѓаните на Република Македонија. Тоа е така бидејќи новите избори ќе претставуваат нов трошок за државава и еден вид губење временски период, кој може да донесе дестабилизација и влегување во еден вид политичка и безбедносна криза на земјава. Но за ваквата евентуална состојба, според мене, ќе биде заслужен единствено партискиот интерес на ВМРО-ДПМНЕ и ништо повеќе. Тие по секоја цена сакаат да одат на избори иако дел од тамошното раководство на партијата не се согласува со таквата опција – вели Ружин.

Евентуалните предвремени парламентарни избори, пак, во моментов се најдоброто решение смета аналитичарот Милан Стефановски, кој додава дека со апстинирање од гласање на референдумот е направен најпаметниот чекор за да не се даде легитимитет на тој договор.

– Силувањето на пратениците со уцени, закани и секаков вид притисоци затскриени во „меѓупартиски разговори“ во насока за изменување и дополнување на Уставот, претставува уште еден владин блеф пред меѓународниот фактор и дел од една психолошка војна, која не оди во насока на демократијата. Очигледни се намерите на Владата дека по секоја цена го донесе договорот со Грција во Собранието, спротивно на волјата на народот од последниот референдум каде што со апстиненција одговори дека е против таквата понижувачка спогодба по цена за влез во НАТО и во ЕУ. Сепак, иако лично сметам дека новите избори ќе бидат решение на оваа состојба во која се наоѓа земјава, тие често од партиите знаат да служат за ширење страв и држење на народот под контрола и со празен стомак – заклучува Стефановски.

Политикологот уште додава дека зборувањето за воени опасности, непријатели, закани од соседството е за да се шири страв и да се зацврстуваат позициите на власта, претставува грубо кршење на демократијата, а народот може да го увиди тоа и казни на следните евентуални избори.

Во меѓувреме Владата вчера на вонредна седница го разгледуваше предлогот за пристапување кон уставните измени. До затворањето на весникот не беа соопштени никакви информации, но се очекува уште денес предлогот од Владата да биде испратен во Собранието. Во меѓувреме останува нејасно дали и како течат преговорите за евентуално обезбедување двотретинско мнозинство од 80 пратеници, потребни за изгласување на уставните измени.

Засега не се знае дали мнозинството успеало да обезбеди уште девет пратеници за да може да се почне процедурата за измена на Уставот. Во јавноста само постојат гласини за преговори со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои наводно биле подготвени да гласаат. Но сето тоа и понатаму останува во сферата на шпекулации, тактизирања и надмудрувања на политичките кујни.


Мицкоски му пиша на Заев

Во меѓувреме преку својот фејсбук-профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вчера му испрати отворено писмо на премиерот Заев, во кое јасно порача дека обидите за уценување и за условување пратеници нема да поминат.
– Со самото тоа што не се откажува од штетниот договор Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли. Договорот преку кој Заев сака да ги прекрсти на сила државата и народот, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали. Нема друга држава во светот каде што премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине. Со отфрлањето на предлогот што го дадов, Заев и власта покажаа дека се плашат од слободни, фер и демократски избори, затоа што знае дека на тие избори народот ќе си дојде по своето и ќе бидат жестоко поразени – се вели во писмото на Мицкоски.