Русија и Украина се расправаат околу Виктор Медведчук, за кого е познато дека има блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, по неговото апсење од украинските власти. Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера предложи размена на воени заробеници за ослободување на Медведчук, но предлогот наиде на критики од Кремљ.
– Предлагам да направиме замена со Руската Федерација. Нивното момче за нашите момчиња и девојчиња кои се во руско заробеништво – изјави доцна синоќа Зеленски во обраќањето до јавноста.
Кремљ соопшти дека ќе го следи случајот, но ја критикуваше Украина, велејќи дека „го гони човекот поради неговите политички ставови“. Руските власти сугерираат дека не би се согласиле на размена на затвореници, имајќи предвид дека Медведчук е украински државјанин кој се наоѓа во Украина.
– Односот на властите во Киев кон украинскиот опозициски политичар Виктор Медведчук „е живописна илустрација за тоа каков е всушност режимот во Киев – изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи оти Русија очекува Европејците да ги применат своите стандарди за слобода на говор за да го запрат прогонот на една личност врз основа на нејзините политички ставови.
Медведчук (67) е адвокат и богат бизнисмен што извршувал повеќе политички функции од 90-те години на минатиот век. Тој бил во куќен притвор минатата година под обвиненија за предавство и финансирање на тероризам, кои ги негира. Контроверзниот политичар родум од Русија поминал неколку дена во бегство по отпочнувањето на воените дејствија во Украина во февруари, пренесува „Ројтерс“.
Медведчук честопати беше фотографиран со Путин, кого го опишува како личен пријател и кум на неговата најмлада ќерка Дарина. Во текот на политичката кариера Медведчук бил шеф на кабинетот на украинскиот претседател Леонид Кучма од 2002 до 2005 година, истакнувајќи се како противник на прозападниот наследник на Кучма, Виктор Јушченко, но и како близок соработник на Виктор Јанукович, последниот проруски претседател на Украина, кој избега во Русија по падот од власт во 2014 година.
Украинскиот магазин „Фокус“ во 2008 година го процени богатството на Медведчук на 460 милиони долари, наведувајќи дека е стекнато со инвестиции во енергетиката и во медиумите.
За време на конфликтот во источна Украина во 2014 година, Медведчук учествувал во мировните преговори, како член на украинскиот преговарачки тим за размена на заробеници. Истата година САД му воведоа санкции поради неговата наводна улога за време на руската анексија на Крим. Минатата година и Украина му наметна санкции поради наводната вмешаност во финансирањето на тероризам. Тој ги негираше обвинувањата.