Љупчо Арсовски/Фото: Приватна архива

Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски за санкциите на Стејт департментот

Санкциите не се изненадување, а претставуваат порака дека веќе не можете да влезете во политиката, вели дипломатот од кариера и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, давајќи видување за мерките на американските власти насочени кон поранешниот македонски премиер во бегство Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Груевски и Мијалков се меѓу седуммината бизнисмени и некогашни функционери од Балканот што се најдоа на проширената „црна листа“ на Канцеларијата за контрола на странски капитал (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД, со образложение за нивна наводна вмешаност во значителна корупција. Тие се цел на извршната уредба 14033 според која се казнуваат оние што претставуваат закана за стабилноста на регионот, а проширувањето на листата е во согласност со декрет на американскиот претседател Џо Бајден од минатата година. На листата се најде и фирмата И.Ц.И.Ц. што Груевски ја отвори во Унгарија, во јули минатата година. А поранешниот премиер и Мијалков, како и членовите на нивните потесни семејства добија и забрана за патување во САД.

Груевски станува бизнисмен со своја фирма во Унгарија

– Неколку земји од Советот за безбедност, меѓу кои се и САД имаат пракса за воведување санкции, а тие веќе беа најавени и од американскиот претседател Џо Бајден. Одредени крупни институции како што е Европската централна банка го следат текот на парите, а многу пари се излезени од земјава. Имаше и инвестиции од Кипар, од каде што парите кружат, а пред десетина години од Македонија излегоа 3-4 милијарди евра, што во тоа време беше сума поголема од државниот буџет, така што објавувањето на „црната листа“ не зачудува. Згора, ЕУ неодамна интервенира во Бугарија во справувањето со корупцијата, што значи дека не е сѐ заборавено – смета Арсовски.

БиХ и Албанија, како и Македонија, имаат по две имиња опфатени во проширувањето на „црната листа“ на САД, а Црна Гора едно. Истовремено Велика Британија воведе санкции врз членот на претседателството на БиХ Милорад Додик и врз претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ, поради нивното нарушување на легитимитетот и функционалноста на БиХ, како што соопшти британската амбасада во Сараево.

– Велика Британија воведе санкции за Додик кој беше доста гласен кон Западот, додека има беневолентен однос кон Русија. Велика Британија веќе не е во ЕУ, но тесно соработува со Америка и сака да биде присутна на Балканот – додава Арсовски.

Јавното обвинителство го обвини Груевски дека ги организирал насилствата на 27 април 2017 година во Собранието. Оттогаш тој е во бегство во Будимпешта, а на 27 јуни 2019 година, судот во Будимпешта одлучи да не го екстрадира поранешниот македонски премиер. Груевски се бара и за издржување на казна и за злоупотреба на службената положба, а Мијалков се соочи со судски процеси поврзани со обвиненија за корупција.


Груевски: Наводите поради кои сум на листата произлегуваат од политичкиот прогон

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски преку Фејсбук ги отфрли обвинувањата за корупција со кои се соочи откако доспеа на „црната листа“ на САД, тврдејќи оти произлегуваат од долгогодишниот политички прогон што се води против него во Македонија.

– Жалам за одлуката на Стејт департментот. Наводите кои се наведени, заради кои сум ставен на листата, се неточни информации на кои подлегнале и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект иако немам никаков имот во САД, чуствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финасиски или матерјален интерес. Ќе продолжам да се борам во правец да ја докажам вистината. Ќе продолжам да се борам за Македонија – порача Груевски.

Поранешниот директот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, исто така преку Фејсбук, истакна дека одлуката на Стејт департментот не е исправна.

– Жалам за денешната одлука на Стејт Департментот и сметам дека таа не е исправна. Одлуката е базирана на конструкции и дезинформации за кои со време ќе се докаже дека се неиздржани. Секогаш сум ги бранел и ќе ги бранам интересите на Македонија. Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде корегирана – напиша Мијалков на Фејсбук.