Дуња и Даела се најдобри другарки. Речиси цел живот се заедно. Неразделни. Иако се од различен вид, Даела е африканска слоница, а Дуња индиска, иако имаат речиси 20 години старосна разлика, тие совршено функционираат само ако се заедно.
Во дивина се родени, но израснале во шатор. Се запознале и се зближиле во германскиот циркус „Максимум“. Изведувајќи заеднички акробатски точки со Џони Меј Франк, а подоцна и со неговиот син Антон Франк пред публиката, до 2015 година кога Европската Унија комплетно забранува какво било учество на слоновите во циркусите. Оттаму повторно заедно се однесени на мирен живот во зоолошката „Перидејза“ во Белгија, а сега нивното патешествие продолжува во скопската зоолошка градина.
– Не се однесени во прифатилиште или во резерват за слонови, затоа што Даела и Дуња многу долго се изолирани од својот вид, и асоцијални, така што не би можеле да функционираат со други групи слонови – вели Тина Мицковска, лице за односи со јавноста во скопската зоолошка градина.
Како што информираат од зоолошката, Дуња и Даела веднаш се приспособиле на скопската клима и на пространото живеалиште проектирано по нивни стандарди.
– Се однесуваат како да се дома. Веднаш се аклиматизираа. Нивното живеалиште е природен карантин и немаше потреба да ги затвораме. Интелигентни се многу, итри, инаетливи. Даела е помала и пољубопитна, попалава, нонстоп нешто истражува, мудра е, снаодлива. Додека Дуња е попасивна – вели Тина.
Дуња е индиска слоница, родена е 1970 година и сега има 48 години, додека Даела е африканска шумска слоница, џуџест вид, и е родена 1989 година, има 29 години.
Војо, Виктор, Бојан и Биљана секојдневно се грижат за нив. Бидејќи габаритните животни бараат голема ангажираност и претпазливост.
– Виктор и Бојан беа во зоолошката во Белгија на обука за нега на слонови. Една недела гости ни беа Роб и Кристоф од Белгија на дообучување на нашите зоо-негуватели. И сега можам да кажам дека сме подготвени и одлично тече приспособувањето со нашите нови жители – ни сподели Тина.
Додека има сонце и пријатни есенски температури, тие се во надворешното живеалиште, од 10 до 15 часот. А за во зима имаат топлење на пелети и им дува топол воздух.
– Од сабајле прво имаат мали тренинзи со нивните зоо-негуватели, влегување, излегување, нозете да ги подадат, да им ги средат ноктите. Потоа јадат, шетаат во живеалиштето, си играат, се чешаат во песокот, и уживаат во присуството на публиката. Супер се однесуваат со посетителите, им годи вниманието, не ги вознемирува метеж – додава Тина.
Сено, јавор, бамбус, јаболка, моркови, кикиритки во лушпа, путер од кикиритки им се дел од секојдневната исхрана. А наскоро ќе почнат да добиваат и пелетирана витаминска храна.
– Тие двете јадат повеќе од сите тревопасни животни заедно во зоолошката градина – вели Тина.
Даела е помала кога станува збор за растот и увото, како и на сите африкански слонови, ѝ е во облик на континентот Африка. Таа има и бивни, односно надворешно заби, додека Дуња е поголема и речиси 20 години постара од Даела. Живеат во внатрешно живеалиште од 400 квадратни метри со дел за спиење, хранење, за средување нозе, прегледи. А надворешното има 3.200 квадратни метри широк двор, реквизити за играње и базен.
Африканскиот слон e најголем сувоземен цицач на планетата. Ги населува полупустините, саваните и шумите кружно од пустината Сахара. Живеат социјален живот во стада и до 50 индивидуи, предводени од алфа-женка. Достигнуваат од 4 до 7 тона тежина. Живеат околу 60 години. Статусот му е загрозен.
Индискиот слон е втор по големина, по африканскиот. Распространет во Јужна и во Југоисточна Азија на островите Шри Ланка и Суматра во Индонезија. Тежок е од 2 до 5 тона. Статусот на овој вид исто така му е загрозен.