Случајот со девојчето што беше фрлено од прозорец од нејзините 14-годишни соученци во основното училиште „Ѓоргија Пулевски“ во скопската населба Аеродром одново го актуализира проблемот со агресијата кај децата. Неодамна објавено меѓународно истражување, во кое учествувале над 17.000 испитаници на возраст меѓу девет и 19 години од 2010 до 2017 година, покажува дека играњето насилни видеоигри доведува до зголемување на агресијата кај младите.
Анализата открила дека учениците што играле насилни видеоигри имале двојно поголеми шанси да завршат кај училишниот психолог или директор поради насилство или напад на лица надвор од семејството во период од осум месеци.
– Иако ниту еден истражувачки проект не е конечен, истражувањето имаше за цел да даде најточен и најубедлив одговор на главните критики за поврзаноста. Врз основа на нашите наоди, сметаме дека постои јасна врска меѓу насилните видеоигри и зголемувањето на физичката агресија – вели Џеј Хал, автор на истражувањето објавено од Американската академија на науки.
Истражувањата на насилните видеоигри како важен фактор за зголемувањето на агресијата кај децата особено се интензивираа во светот по масакрот во американското средно училиште „Колумбајн“ во 1999 година. Тогаш се дозна дека напаѓачите Ерик Харис (18) и Дилан Клеболд (17), кои убија 13 лица и ранија 24 други во училиштето, играле насилни игри. Авторите на најновото истражување се надеваат дека наодите ќе помогнат да се надминат сомнежите дека насилните игри го јакнат агресивното однесување и дека фокусот ќе се префрли на прашањата кога, како и зошто игрите имаат такви ефекти.