Златко Ангелески за Регистарот на македонска музика
Музичкиот регистар (ВБУ), кој функционира од скоро, е создаден како поддршка на претставниците на музичката заедница во нашата земја и за промоција на авторската музика. Вклучени во реализацијата на плановите на регистарот се активни членови на музичката индустрија од Македонија.
Според Златко Ангелески, едно од лицата вклучени во реализацијата на регистарот, целта на проектот е континуирано да врши евидентирање на податоци за музичките изданија од Македонија, без жанровски рестрикции, но сепак со уредувачка политика во приоритетот на нивното евидентирање.
Во исто време, тенденцијата е да се вклучат уште повеќе ентузијасти, со што ќе се овозможи полесно следење на музичкото творештво во нашата земја, вклучувајќи и преслушување музика.
– Музичкиот регистар евидентира податоци за изведувач, учесник, издание и издавач. Под издание, Регистарот подразбира фонограм (аудиоснимка) што бил објавен за поширок круг луѓе, јавно достапно на различни медиуми, вклучувајќи и електронски медиуми/сервиси како: Јутјуб, СаундКлауд и други популарни е-продавници за музика, како Дизер, Епл мјузик, Спотифај, Амазон мјузик и други. Регистарот го интересира многу повеќе семантиката одошто формата, поточно многу повеќе содржината создадена од авторите и учесниците, отколку формата или медиумот користен за дистрибуција на содржината – вели Ангелески.
Засега се евидентирани речиси 10.000 изданија, од над 6.000 изведувачи, во чија реализација учествувале над 13.000 учесници од сите жанрови на музика: рок, фолк, традиционална/етно, детска, евергрини, блуз, класика, амбиентална, хипхоп…
На Регистарот можат да се најдат комплетни фестивалски компилации од најпопуларните македонски фестивали од сите жанрови, но и од фестивали за кои малку се знае дека се одржуваат или се одржувале во Македонија. Редовно известува за сите значајни музички настани што се случуваат во Македонија преку написи, интервјуа и фотостории. Освен тоа, на веб-страницата има и календар на настани што треба да се случат во Македонија (концерти, промоции, настапи) и кој редовно се ажурира. Но записите за идните настани што се евидентираат во календарот остануваат да бидат написи во календарот и како архивски записи. Тимот на Регистарот подготвува и месечен билтен, кој го добиваат сите заинтересирани преку е-пошта, во кој се прави сублимација на сѐ што се случило на македонската сцена во месецот што поминал, како и листа на најслушани македонски песни. Во март 2022, листата со електронски адреси на кои се испраќа месечниот билтен има околу 380 претплатници. Некои од нив се музички професионалци, музички ентузијасти, медиуми и издавачи – потенцира Ангелески.
Регистарот е своевидна архива и енциклопедија на македонската музичка сцена, зашто е извор на информации што можат да им послужат на многумина во креирањето дела (книжевни, документарни, историски), а кои се однесуваат за развојот на македонската музика и дискографија. Од неодамна, Регистарот започна и со архивирање стари написи од трети медиуми, кои се достапни за слободен преглед. Тоа значи скенирање статии, интервјуа, музички критики, рецензии, промоции, кои се однесуваат на македонските изведувачи и, воопшто, на македонската музичка сцена. На таков начин ќе се создаде една непроценлива база на архивски материјал, која ќе остане во трајно наследство за идните генерации.