ДЕНЕСКА ВО ИСТАНБУЛ НОВА РУНДА ПРЕГОВОРИ МЕЃУ РУСИЈА И УКРАИНА

Новата рунда директни преговори меѓу руската и украинската делегација ќе започне денеска во Истанбул.
Турција се надева дека претстојните преговори меѓу делегациите на Русија и Украина ќе доведат до мир во Украина – изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
По околу две недели мировни преговори во онлајн формат, делегациите од Украина и Русија сега сакаат повторно да остварат физичка средба. Киев планира темелно да ги разгледа руските барања за неутрален статус на Украина.
Украина е подготвена да разговара за неутралноста и за ненуклеарниот статус на земјата ако добие безбедносни гаранции, како што порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеоинтервју за руски медиуми.
Безбедносни гаранции и неутралност, ненуклеарен статус на нашата држава. Подготвени сме да разговараме за тоа. Ова е многу важна точка. Одлуката за неутрален статус на Украина би морала да има гаранции од трета страна и да биде потврдена на референдум – рече Зеленски.
Според Зеленски, договорот со Русија е можен само ако руските трупи се повлечат од Украина. Тој додаде оти руската инвазија предизвикала разорување на украинските градови во кои се зборува на руски јазик и дека штетата е полоша отколку за време на војните во Чеченија.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков вчера го потврди заминувањето на делегациите за Турција, но преговорите се очекува да започнат денеска. Тој додаде дека сѐ уште не може да зборува за напредокот во преговорите меѓу Русија и Украина, но оцени дека е важно што е одлучено тие да продолжат во Истанбул.
Засега не можеме и нема да зборуваме за напредок. Самиот факт дека е одлучено да се продолжат разговорите во директен формат е секако важен – изјави Песков за новинарите.
Тој додаде дека директните разговори во Истанбул ќе им овозможат на страните да имаат побогат дијалог. Песков изјави дека нема да има средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски по средбата на руската и украинската делегација во Истанбул.
Не, нема напредок – рече Песков, одговарајќи на прашањето дали има напредок кога станува збор за евентуална средба меѓу Путин и Зеленски и дали тоа може да се очекува по преговорите меѓу делегациите во Истанбул.
Истовремено, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги отфрли сите можности за директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека тоа би било контрапродуктивно. Ројтерс ја цитира неговата изјава дека нивната средба треба да се одржи само кога двете страни би биле блиску до договор за клучните прашања.


Анализа на експертите од Центарот за стратегија и безбедност на Атлантскиот совет

Мировниот договор меѓу Русија и Украина под лупа – за некого штета, за некого од корист?!

Најавата за мировни преговори меѓу Киев и Москва предизвика најразлични анализи и толкувања, но една од посериозните е секако онаа објавена во „Форин полиси“, во која Ема Ешфорд, виш соработник во Скоукрофт, Центарот за стратегија и безбедност на Атлантскиот совет, ги споделува своите размислувања со Метју Крениг, заменик-директор во истиот центар. Она што им е заедничко, за почеток, е фактот дека во петтата недела од конфликтот почнуваат да се гледаат појасни знаци за тоа како ќе заврши оваа почетна фаза.
Според Ешфорд, додека сериозното решение преку преговори може да им стави крај на страдањата на Украинците, предвремениот мировен договор може да биде најлошиот можен исход за Киев. Таа смета дека веќе се наѕира почетокот на потезите и од Киев и од Москва да размислуваат за начините на кои може да се реши овој конфликт.
Навистина, кога размислувате за начините на кои би можела да се реши оваа војна (на пример, со руска победа, со решение преку преговори, или со колапс на режимот во Москва), тоа договорно решение е веројатно најверојатната и најмалку лошата опција од купот. Се разбира, нема да биде лесно. Секој мировен договор нужно ќе ја награди Русија во некоја смисла. Но таква е природата на војната: придобивките од бојното поле ги диктираат евентуалните политички отстапки. Од руска страна, видовме некои индикации дека Москва повеќе не се залага за промена на режимот во Киев (т.е. смешното барање за денацификација), но тоа е само претпоставка. Двете страни сѐ уште се далеку една од друга и веројатно нема да дојде до договор наскоро. Само велам дека можеби ќе биде подобро за сите страни ако дојде до преговори и договор – вели Ешфорд.
Од своја страна, Метју Крениг, заменик-директор на Скоукрофт, вели дека предвремени мировен договор може да биде најлошиот можен исход.
Брзиот договор не е нужно најдоброто за сите страни. Володимир Зеленски не сака да ѝ даде на Москва отстапки што за него беа неприфатливи пред почетокот на војната. Од друга страна, целта на НАТО е да се осигури дека оваа војна ќе резултира со голем стратегиски пораз за Путин и дека Западот ќе излезе од оваа криза во посилна позиција. Никој не сака да ја награди агресијата на Путин. Светот брзо ќе го насочи своето внимание на друго место, мислејќи дека проблемот е решен. Путин ќе се откаже од договорот (како што обично прави) и ќе ја продолжи војната против Украина. Зеленски ќе ја изгуби јавната поддршка откако ќе му се предаде на Путин и може да биде сменет од функцијата. А Путин ќе ја добие посакуваната промена на режимот на лесен начин – вели Крениг.
Тој додава дека Западот треба и ќе продолжи да се труди повеќе пред да прифати лош договор, верувајќи дека сѐ уште има надеж.
Видовме други нерешливи воени ќор-сокаци (како Западниот фронт во Првата светска војна во Европа), кои на крајот резултираа со двострани победи. Што е со патувањето на Бајден и иднината на европската безбедност? Сигурен сум дека се согласуваме дека европската безбедност суштински ќе се промени по оваа војна. Украина нема да биде иста. Ќе има различно НАТО, поинаква Европска Унија, поинаква Русија итн. Но се сомневам дека не се согласуваме околу тоа како треба да изгледа сето тоа – објаснува експертот зошто е приврзаник на преговори.


Анализа на експерти од регионот, во пресрет на денешните преговори Русија – Украина во Турција

На зелената маса прашањето за неутралноста, безбедносните гаранции, Крим и Донбас…

Ова се клучни денови, следните десет дена до две недели јасно ќе одредат дали ќе се интензивираат преговорите и решението или продолжувањето на воените операции, односно преминот во втората фаза од руско-украинскиот конфликт – изјави Александар Животиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Белград.
Тој нагласува дека една од главните теми на преговорите ќе биде идната неутралност на Украина, а украинската страна инсистира на таканаречениот украински модел, иако, како што вели, не е кажано каков би бил тој модел. Тој нагласува дека притоа треба да се има предвид ситуацијата, која е многу посебна и различна во однос на сите посебни модели и која треба да ги содржи сите тие посебни карактеристики.
Ова првенствено би значело, како што бара секоја неутралност, да има сериозни меѓународни гаранции. Во овој случај, тие гаранции треба да бидат нешто поголеми и нешто пошироки, бидејќи ова е исклучително голема земја, а од друга страна земја каде што се вкрстуваат различни геополитички интереси. Од таа причина, тие сигурно ќе инсистираат на посебен облик на неутралност што би вклучувал одредени безбедносни гаранции – рече Животиќ.
Зборувајќи за тоа како добрите односи меѓу турскиот и рускиот претседател можат да придонесат за можен компромис, Животиќ вели дека тие секако можат, бидејќи двете земји имаат блиски односи, а и претседателите Ердоган и Путин.
Од друга страна, кога ќе ги погледнете статистиките за испорака на оружје и воена опрема за Украина, ќе видите дека Турција е меѓу водечките земји, во некои сегменти дури и водечка – вели Животиќ.
Тој нагласува дека одредени решенија треба да се бараат во тој триаголник меѓу Киев, Москва и Анкара.
Турција зазеде позиција да го осуди рускиот напад врз Украина, но, од друга страна, одби да воведе санкции, оставајќи ги тие политички и економски канали за во иднина – додаде Животиќ.
Тој додава дека прашањето за Донбас е едно од клучните прашања.
Во моментов она што е во центарот на вниманието е разговорот за идната реорганизација на Украина во однос на идните уставни реформи и одреден посебен статус за тие области. Сега она што ги комплицира тие разговори е тоа што од една страна имате самопрогласена независност, и тоа независноста ја призна Русија. Всушност, тоа беше вовед во сите овие настани – по признавањето следуваше договорот за помош, а потоа и руското вооружено мешање во целиот конфликт – наведува Животиќ.
Тој посочува дека прашањето за Крим останува, бидејќи Русија „го анектира Крим, односно го прогласи неговото враќање во матицата“.
Сепак, никој не го призна тоа враќање, вклучувајќи ја и Украина, а за Русија е многу важно правно да ја обезбеди сегашната ситуација – така што тоа ќе биде една од главните точки на разговорот – рече Животиќ.

Подготвил: Марјан Велевски