Миењето и чистењето на садовите во кујната се секојдневие на секоја домаќинка, без разлика дали садовите ги мие на раце или во машина за миење садови, притоа трудејќи се да бидат најдобро исчистени.
Меѓутоа, понекогаш некои од тавите или тенџерињата во кои сте го приготвувале јадењето не можете во целост добро да ги исчистите и измиете, па се мачите како да го отстраните загорениот остаток од храната на нив. Затоа, ќе ви понудиме неколку лесни и едноставни трикови што ќе ви помогнат во секојдневието и со чија помош вашите садови ќе блеснат во полн сјај.
– За побрзо и подобро да го измиете ѓезвето или чајникот (на пример од топло чоколадо) потребно е да го наполните со вода, да додадете една лажичка сода бикарбона и да го зовриете. За само неколку минути целата нечистотија ќе се одлепи од внатрешноста и со млаз вода ќе се отстрани.
– Чистењето на машината во која сте мелеле месо претставува голем проблем на повеќе домаќинки. Многу брзо и лесно ќе ја исчистите машината доколку по мелењето на месото низ машината сомелете еден излупен компир или парче сув леб. Тие ќе соберат голем дел од мрснотијата од внатрешноста и многу полесно и побрзо ќе ја измиете машината.
– Остатоците во стаклените тегли најлесно ќе ги исчистите така што ќе ги наполните со топла вода и ќе додадете една лажица оцет. По неколку минути само исплакнете ги со чиста вода и ќе имате совршено чисти и блескави тегли.
– Стаклените садови секогаш мијте ги со топла вода. За да бидат сјајни, можете да додадете сол и оцет (една лажичка сол и две лажици оцет на еден литар вода).
Садовите добро исплакнете ги со чиста вода и избришете ги со сува ленена крпа.
– Дрвените лажици во кујната со текот на времето попримаат миризба од јадењата. Секогаш мијте ги со средство за садови, а еднаш неделно ставајте ги во раствор од прашок за перење алишта. Потоа добро исплакнете ги со млака вода.
– Ако вашите чаши за вино имаат мат-финиш, измијте ги со ладна вода, па пребришете ги.
– Садовите од сребро најдобро ќе ги исчистите со мешавина од лимонов сок и пепел од цигари. По чистењето, сребрените садови добро исплакнете ги и пребришете ги. На истиот начин можете да ги исчистите и другите сребрени предмети во домот (накит, парички, сувенири…). Уште еден добар начин за чистење на сребрените садови е да исечете лимон на половина и со него да ја истриете површината на садовите.
– Ако ви загорело јадењето во тавата, сипете ладна вода во него, додајте сол и оставете го да отстои. По неколку часа лесно ќе ја отстраните храната. Исто така, наместо сол, во водата можете да додадете малку абразивно средство за садови и да ја ставите тавата на оган да проврие водата. Тргнете ја од огнот и оставете ја да отстои така половина час, потоа без никаков труд ќе имате чиста тава.
– За најлесно да го исчистите емајлираниот лонец во кој ви загорела или се засушила храна, треба да го наполните со вода и во него да додадете сода бикарбона. Зовријте ја водата и залепената и загорената храна многу лесно ќе се отстрани.
– Доколку, пак, користите машина за миење на садовите, најдобро би било пред да ги ставите во машината да ги поминете со млаз вода, за да се отстрани поголемиот дел од мрснотијата и нечистотијата. Така гарантирано ќе имате чисти и сјајни садови, без непријатен мирис.