Цената на вештачките ѓубрива веќе се зголеми за 300 отсто, што драматично се одразува на одржливоста на земјоделското производство и цената на крајниот производ. Македонија во минатото имаше сопствено производство на вештачко ѓубриво, но погонот од 2003 година целосно се затвора и оттогаш стануваме земја што е целосно увозно зависна од ѓубрива. Кој е излезот од ваквите состојби
Производството на многу земјоделски производи е загрозено од високите светски цени на ѓубривата, поради што на земјоделците им недостигаат витални хранливи материи за земјоделските култури, што ги поттикнува стравувањата за глобалната безбедност на храната и инфлацијата. На преработувачите на храна ќе им биде поскапо да дојдат до суровини, додека земјоделците треба да плаќаат уште повеќе за ѓубрива за да ги задржат високите приноси. Цената на вештачките ѓубрива веќе се зголемила за 300 отсто. Руско-украинската криза, но и претходно пандемијата, ги разниша економските текови и прекина дел од претходно воспоставените синџири на доставување, наедно и цените на производите се зголемија. Растот на трошоците во земјоделството ги зголемува и влезните цени во прехранбената индустрија. Нашите експерти велат дека драстично зголемените трошоци може да предизвикаат прекин во производството на храна, било да се основни земјоделски продукти или, пак, нивни преработки. Македонија во минатото имаше сопствено производство на вештачко ѓубриво, но погонот од 2003 година целосно се затвора и оттогаш стануваме земја што е увозно зависна од ѓубрива. Прашањето е дали Македонија може да преструктурира некои од производствените капацитети и повторно да произведува ѓубрива, дали постои начин како држава да најдеме алтернатива за скапите увозни ѓубрива и да го заштитиме секторот?
Според претседателот на здружението на земјоделците „Агрофаланга“, Љупче Станковски, во Македонија моментално не постои погон за производство на вештачко ѓубриво од репроматеријали до готов производ, кој е во функција. Тој вели дека проблемот со цените на ѓубриња, за македонските земјоделци започнува од 2003 година, кога се затвора единствениот наш производствен капацитет за вештачко ѓубре, погонот Хемија, во составот на МХК „Злетово“, или познат како ХИВ („Хемиска индустрија Велес“).
– Тој погон беше доволен за снабдување на сите македонски земјоделци со комплетните потреби за прихрана на нивните насади и посеви. Од тој момент, Македонија стана комплетен зависник од увозот на хемиски ѓубрива, а со тоа и крајно чувствителна на финансиските турбуленции и шпекулации на светските берзи. Уште од самиот момент на прекинот на работата на велешката Топилница, а со тоа и на погонот Хемија (поради недостиг од сулфурна киселина од металуршкиот процес во топилницата), веднаш цената на вештачките ѓубриња беше покачена, за цената на транспортот, од соседните држави. Тоа веднаш финансиски ги погоди земјоделците и ги направи помалку рентабилни од порано – објаснува Станковски.
Тоа што немаме свој производствен капацитет за вештачки ѓубрива е голем хендикеп за нас како држава, според Станковски, кој вели дека тоа индиректно ги покажува нашата кусогледост и недостиг од стратегија, на куп влади по ред.
– Во поранешните Југословенски стратегии за земјоделство имаше правило и потреба на секои 300 километри да има фабрика за ѓубрива. Тоа беше поради причината што транспортот на поголеми далечини би го одзел целиот профит од производот. За мал дел од земјоделското производство, каде што се користат кристални ѓубрива во системите капка по капка, нема проблем, но за огромниот дел од земјоделските површини, особено житарките и фуражните култури, стандардните ѓубрива се незаменливи – нагласува претседателот на „Агрофаланга“.
Како што вели тој, инпутот на ѓубрето и нафтата, која исто така соборува рекорди, е огромен во трошокот за производство на житарките. Склопено со појава на суши и ниска родност на нашата почва, просторот за профит од земјоделството драстично се намали. Сега, со енормно покачување на ѓубривата, тој смета дека вистинско прашање е дали е потребно рестартирање на постојните погони, за конечно избегнување огромни осцилации во цените на репроматеријалите за лебното жито.
– За добивање на основните суровини што се потребни за производство на сите вештачки ѓубрива е потребен материјал од увоз, попознат како фосфат и сулфурна киселина, кои доаѓаа од металуршко-хемискиот комбинат „Злетово“, во текот на производството на цинк и олово. Поради огромното количество на сулфурна киселина, која се појавуваше тогаш како нуспроизвод во процесот, околу 100.000 тони, е изградена и фабриката за вештачки ѓубрива „Хемиска индустрија Велес“. На овој начин во центарот на Македонија се произведуваше комплетната палета на вештачки ѓубрива, која беше потребна за сите наши земјоделци, по пристапни цени, на релативно мала далечина – посочува Станковски.
Тој укажува дека интересот на МХК „Злетово“ бил да се зголеми потрошувачката на сулфурна киселина, за да не дојде до застој во металуршкиот процес, кој премногу чинел, а така и земјоделците станувале поконкурентни и посамоодржливи.
– Услови и можности за реотворање на МХК „Злетово“, како и фабрика за вештачки ѓубрива, „Хемиска индустрија Велес“, има. Пред десетина години, во периодот на претходната влада, велешката Топилница доби од тогашната влада интегрирана А-еколошка дозвола за да се рестартира комбинатот, а наедно и фабриката за ѓубрива, но процесот запре затоа што невладините организации се сплотија во едно и создадоа огромен притисок да не се отворат поради почиста средина. Доколку се заложи сегашната влада и не се кочи во административниот дел, има услови и во иднина за отворање на фабриката. Потребно е ремонтирање на машините и инвестирање, но, сепак, основните делови се во функција, а тоа ќе значи голема придобивка за земјоделството, но и за целокупната економија – истакнува Станковски.
Производителите на пченица во земјава укажуваат дека и досегашното поскапување на цените на ѓубривата и репроматеријалите за производство на пченица биле високи, поради што голем дел земјоделци не биле во можност да ги набават, а дополнителни поскапувања ќе влијаат и врз идното производство на оваа култура во земјава.
– Ѓубривата, меѓу кои и азотните, поскапеа значајно, поради што некои земјоделци воопшто не набавија. Азотот е важен за заштита на пченицата, па доколку не се користи, може и да се одрази врз следната жетва. Ако не се прихранува пченицата, приносите може да се намалат – вели Бубе Трајковски, сопственик на трговското друштво „Клечовце“, производител на пченица.
Тој посочува дека зелената нафта е добредојдена и поволна за земјоделците, но додава дека се потребни поголеми количества, а берзанските цени на нафтата се во нагорна линија, поради што стравува од дополнително зголемени трошоци.
– Состојбата со ѓубривата може дополнително да се влоши, бидејќи многу малку фабрики во Европа произведуваат ѓубрива за земјоделството. Најголем дел од суровините за производство на ѓубрива повторно е од Русија, бидејќи за производство на азотот е потребен гас, а Русија важи за најголем производител на ѓубрива. Производителите што се во соседните земји се поскапи, ако проблемот не се надмине, ќе имаме уште поголеми трошоци за ѓубрива и тоа ќе биде силен удар. Јас би апелирал во иднина да се работи на зголемување на површините засадени со пченица, да се зголемува домашното земјоделско производство, да се зголемуваат засадените површини, бидејќи само така може да ги покриеме домашните потреби – споменува Трајковски.
Економскиот професор Ванчо Узунов посочува дека Македонија, како земја со поволни услови за производство на храна, не би требало да се плаши од растот на цените.
– Ние стравуваме од растот на цените бидејќи увезуваме храна, а можеме да ја произведеме, ние сме погодна земја за производство на храна. Податоците покажуваат дека имаме поголем увоз на храна отколку извоз, што е сигнал за лошата специјализација или лошата конкурентност на нашата економија. Земјоделството потфрлува во сегментот производство на храна, со децении. На оваа гранка кај нас се гледа како на начин за преживување и со неа се занимаваат претежно повозрасни луѓе што сѐ уште живеат во рурални средини. Наместо модерно фармерско земјоделство, каде што ќе бидат насочени најдобрите образовани ресурси, и да извезуваме и свежа храна и преработки на земјоделски производи, па со растот на цените да се радуваме на поголем прилив, ние сме во лоша позиција – вели Узунов и додава оти треба да се бараат начини да ги искористиме потенцијалите.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека земјоделскиот сектор пројавува потреба за интервенции со кои ќе се подобри нарушената конкурентност. Во однос на зголемувањата на цените на вештачките ѓубрива, тие истакнаа дека е потребно да се најдат нови мерки за помош на земјоделците.
– Ќе обезбедиме финансиска поддршка за производителите на житни култури, односно за дополнување на разликата на цените за ѓубриво и на преостанатите репроматеријали, а сѐ со цел да се анулираат зголемените трошоци за ѓубрива, за земјоделците да имаат рентабилно производство во овие услови на зголемени цени на репроматеријалите. Според анализите, поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива е планирана поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња, и тоа во количество најмалку од 200 килограми по хектар – потенцираат од МЗШВ.
Оттаму додаваат дека наедно е потребна и промената на застарените и неефикасните агротехнички мерки, сопственото производство на расад, сортното разнообразие, несоодветната берба и недостигот или неправилното применување на побербените процеси и стандарди.