Фото: МИА

Со обезбедувањето на јавни податоци за управување со водите и новата легислатива во делот на мониторингот на водите, МЖСПП им овозможува на граѓаните поголема видливост за состојбата на водните ресурси. Со вкрстување на податоците од Водната книга и од мониторингот на Управата за хидрометеоролошки работи ќе се овозможи носење одржливи политики и мерки за користење и заштита на водите, но и поголема транспарентност на процесот, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој, на денешната презентацијата на Дигиталната водна книга, база на податоци за управување со водите, и на Методологијата за мониторинг на водните тела на МЖСПП, што се одржа по повод Светскиот ден за заштита на водите – 22 март, под мотото „да го направиме невидливото видливо“, нагласи дека подземните води се невидливи, но нивното влијание е видливо насекаде. Подземните води, како што рече, се надвор од очите, под нашите нозе, но тие се скриено богатство што ги збогатува нашите животи.

– Министерството за животна средина и просторно планирање нè случајно одбра токму денеска да ги промовира резултатите од спроведувањето на проектот за изработка на дигиталната платформа на Водната книга и Методологијата за мониторинг на водите, финансиран од британската амбасада во Скопје и менаџиран од Институтот за комуникациски студии преку кампања „Разбистри сè“. Резултатите кои се обезбедија во рамки на проектот имаат за цел да и помогнат на Владата, а пред се на МЖСПП и другите институции во процесот на усогласување со европските барањата за управување со водите, но истовремено да обезбедат и зајакнување на административните капацитети за имплементација и примена на законодавството за управување со водите – истакна Нуредини.

Министерот за животна средина и просторно планирање потенцираше дека јавноста има право за пристап до податоците од животната средина и до начините и условите на користење на водните ресурси.

– Оттука, дигиталната платформа за Водната книга, ќе придонесе за транспарентност и учество на јавноста во донесувањето на одлуките во областа на водите и ќе се овозможи сите релевантни податоци од Водната книга да бидат јавно и лесно достапни за сите засегнати страни – посочи Нуредини.

Тој додаде дека за да се има сеопфатен преглед на статусот на водите, Законот за водите утврдува дека треба да има и систематско следење на површинските и на подземните води.

– За таа цел, Министерството ќе го донесе Правилникот за методологијата за мониторинг на површинските водни тела. Правилникот е подзаконски акт со кој поблиску се пропишуваат начинот на мониторингот и оценката на еколошката состојба на водите. За површинските води, тоа значи прецизни податоци за класификација на нивниот статус, за промените што настануваат поради антропогена активност, особено од испуштањата на загадувачки материи – рече Нуредини.

Тој упати благодарност до Британската амбасада во Скопје, Институтот за комуникациски студии и до експертите ангажирани во рамки на проектот од Природно-математичкиот факултет – Скопје, како и УХМР и Хидролошкиот завод – Охрид, за успешно завршени резултати.

– Како што веќе истакнав ова се чекори кои нé водат до соодветно управување со квалитетот на животната средина во нашата држава, а тоа е и еден чекор поблиску до исполнување на препораките од Европската Унија во процесот на достигнување идно членство во неа – заклучува Нуредини.