Разузнавачки дрон тежок шест тона кој леташе од Украина, низ Источна Европа, пред да се урне во Загреб минатата недела, отвори незгодни прашања за подготвеноста на НАТО за одбрана на европскиот воздушен простор, објавува „Блумберг“.
Инцидентот бара објаснување за реакцијата на три членки на Северноатлантската алијанса – Романија, Унгарија и Хрватска додека беспилотното летало Ту-141 од советската ера поминуваше низ нивните воздушни простори со брзина од 700 километри на час, минатиот четврток. Надлежните укажуваат на недостиг на координација помеѓу владите во трите држави и НАТО.
Системите за воздушна одбрана меѓу трите земји-членки на НАТО не успеале да ги протолкуваат итните радарски известувања како непријавен лет, според извор на „Блумберг“ од НАТО, кој инсистирал неговиот идентитет да остане во тајност додека трае истрагата. Тој посочува дека ваквите пропусти ќе послужат за подобрување на воздушната одбрана во иднина.
– Имаше јасна и непосредна закана на која требаше да реагираме – нагласи хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ при посетата на местото на уривање на леталото, каде што остана кратер широк три метра.
Истражителите во Загреб сега соработуваат со НАТО и со нивните колеги во украинската влада за да ги откријат околностите за лансирањето на леталото, како и за трагите од експлозив кои се пронајдени во првичната истрага на хрватското Министерство за одбрана. Заталканиот дрон поминал 40 минути над Унгарија и седум над Хрватска пред да се урне.
– Безбедносниот пропуст доведе во ситуација на вперување со прст наспроти веќе истенчените нерви во регионот додека армијата на рускиот претседател Владимир Путин напредува во Украина – наведува „Блумберг“.
Пленковиќ кажа дека неговата влада не била известена за инцидентот од сојузниците во соседството, ниту од НАТО, додека унгарскиот премиер Виктор Обран дознал за летот на дронот токму од хрватскиот премиер, како што соопшти владата во Загреб.
– Зошто никој не реагираше, тоа е одлично прашање. Дури и без предупредување од НАТО, во случајот како што е овој, државата треба да реагира и да ги покрене борбените авиони – истакна пензионираниот хрватски пилот Иван Селак, кој во текот на службата 35 години летал со авиони МиГ-21.
Романското министерство за одбрана соопшти дека дронот летал многу ниско над тамошната територија, што не дозволило преземање дополнителни мерки, додека унгарските власти имаа потешкотии да дадат објаснување за инцидентот, како што забележува „Блумберг“.
Загриженоста за безбедноста во регионот е зголемена откако завчера беспилотно летало се урна во Романија, на околу 160 километри од украинската граница. НАТО ќе соработува со хрватските власти во истрагата за инцидентот како што најави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.