Кога лошите навики ќе станат секојдневие, придонесуваат ловџијата многу потешко да ја погоди целта, дури и тогаш кога се чини дека е сѐ во ред

Луѓето покрај добрите, умеат да развијат и некои лоши навики. А тие навики, кога ќе станат секојдневие, придонесуваат ловџијата многу потешко да го погоди дивечот при ловот, дури и тогаш кога се чини дека е сѐ во ред и дека би требало да ја погоди целта. Така, постои голема веројатност ловџијата да прави некоја од грешките при пукањето, а да не е свесен за тоа. Кои се најчестите грешки поради кои ловџиите го промашуваат дивечот?
Ако се ѕирка преку цевката од пушката додека се нишани, голема е веројатноста да се промаши целта. Наместо тоа, потребно е ловџијата да се концентрира, да ја држи главата на кундакот и да се има посакуваната цел во видикот. Тоа треба да се прави, на пример од полетувањето на птицата, па додека не се повлече чкрапалото од пушката.

Постојат многу производи што можат да му помогнат на ловџијата за што полесно да ја нанишани целта. Повеќето светли мушички на пушките сачмарки се многу корисни, ако со сачмарката се пука на стоечка цел. Но ако се пука на движечки цели, без разлика дали станува збор за фазан или за глинен гулаб, светлите мушички можат да предизвикаат повеќе проблеми отколку корист. Последната работа што треба да ја гледа ловџијата, кога ја следи, на пример птицата во лет, е цевката на пушката.

Големата и светла мушичка може да го насочи ловџијата на префрлање на концентрацијата од птицата на цевката и тоа повеќепати пред да се пукне. Затоа е потребно за сето време да се биде фокусиран на птицата што се сака да се отстрела.
Дивечот што му се приближува на ловџијата, се чини дека е лесно да се погоди. За жал, ваквата цел почесто се промашува отколку што би требало, затоа што ловџиите имаат навика да нишанат и да пукаат пред да дојде посакуваната цел. Тоа би можело да биде добро само ако целта се движи директно кон ловџијата, но тоа не е чест случај. Наместо тоа, дивечот оди кон ловџијата под одреден агол, па затоа испуканиот куршум минува покрај целта. Затоа е потребно ловџијата со пушката да ја следи целта што му се приближува и без да се сопре движењето на пушката да пука.

Ситe знаат декa потскокнувањето од истрелот e најлошата ноќна мора на ловџиите со пушка, но луѓето тоа го забораваат, па тоа може да стане отежнувачка околност кај пукањето со сачмарка. Во тој случај ловџијата ја подигнува главата од кундакот, правејќи со своите раце природно движење со што цевката се оддалечува од целта.

Бидејќи тоа се одвива во дел од секундата, можно е луѓето да не се ни свесни дека прават така, со што тоа станува уште поголем проблем за нив. Затоа е потребно ловџијата многу да се концентрира на целта и да ја гледа како се движи. Ако не го сфати тоа, многу е веројатно да ги затвори очите при пукањето, како еден вид одбранбена техника од повратното потскокнување. Ако тоа се случува почесто, треба да проба да користи помеко стреливо или да се стави нова подобра гума на кундакот, која, пак, ќе го ублажи потскокнувањето.


Фугу – најотровната риба на светот

Рибата фугу, која се смета за најотровна риба на светот, претежно живее во Индиски Океан, а во Медитеранот доаѓа низ Суецкиот Канал, поради климатските промени и зголемената температура на морето. Има сѐ повеќе пријави за улови на ваква риба, чиј отров е 1.250 пати појак од цијанид, и во Јадранско Море. Ако се консумира оваа риба, во 60 отсто од случаите завршува со парализа и смрт.
Но и покрај овој податок, деликатесите од рибата фугу се продаваат слободно во јапонскиот главен град Токио иако претходно во Токио трговијата со фугу беше строго ограничена. Но под притисок на потрошувачите, општината направила отстапки и може да се порача на специјален сајт.
Сепак, властите предупредуваат дека рибата фугу содржи нервнопарализирачки отров – тетродотоксин, а отровни се и нејзината внатрешност како и кожата.
Откако отровните делови од рибата ќе се одвојат, тие мора и одделно да се отстранат од домашниот отпад. Секоја година од труење со рибата фугу умираат десетици луѓе, а тоа се претежно оние што самите си ја приготвувале отровната риба.


Лошиот конец веднаш да се замени со нов

Ако случајно се забележи дека конецот некаде може да пукне без причина, истиот тој треба добро да се провери или уште подобро веднаш да се замени со нов. Во 90 отсто од случаите, губењето на рибите е проблем на приборот со кој се лови, вклучувајќи го тука и искуството на риболовците. Но, сепак, главен фактор е конецот, бидејќи рибарот никогаш не би си простил доколку ја загуби веќе уловената риба поради лош конец. Треба да се биде подготвен за риболов, а не сѐ да се препушти на факторот среќа, а особено разликата е голема кога се лови на река и на езеро. Рибарот во една сезона знае да промени конец и до трипати. Но затоа, пак, возбудата и радоста кога успешно ќе ја извади капитална риба, нема цена.