Работам директно со реплицирање на Сарс КоВ-2 (вирусот што предизвикува ковид-19), секојдневно предавам лице в лице на десетици студенти на универзитет, имам деца на училишна возраст и сè уште не сум била ковид-позитивна, вели д-р Занија Стаматаки, виш предавач и истражувач по вирусна имунологија на Универзитетот во Бирмингем, во интервјуто за британски „Гардијан“ . Дел од луѓето не се заразуваат од коронавирус, иако биле изложени на него, а научниците се обидуваат да откријат зошто.
– Инфекцијата со САРС-Ков-2 може да се манифестира од асимптоматска до живото-загрозувачка болест. Сепак, одреден процент на индивидуи и покрај тоа што биле изложени на вирусот не се заразиле – појаснува имунологот д-р Мери Киријас од Институтот за имунобиолгија и хумана генетика во Скопје.
Постојат, вели таа, повеќе претпоставки за тоа кои се можните причини за оваа состојба.
– Една од причините може да биде постоењето на вкрстено-реактивни памтечки Т-клетки создадени од претходни инфекции со слични коронавируси кои предизвикуваат настинки. На тој начин вирусот брзо е отстранет доколку навлезе во организмот. На ова се надоврзуваат антителата и Т-клетките создадени по вакцинација кои се вклучуваат во арсеналот на одбрани на организмот од САРС-КоВ-2 и успеваат почесто да ја блокираат вирусната репликација и детектибилната инфекција – вели д-р Кирјас.
Таа појаснува дека останатите коронавируси може да не се единствениот извор на вкрстено-реактивен имун одговор. Како пример го посочи истражувањето на проф. Седерберг-Науклер, имунолог од Каролинска Институтот во Стокхолм. Таа и нејзиниот тим при анализа на датабазите со протеинските секвенци на разни вируси, идентификувале шест-амино киселински секвенци во протеин од Х1Н1-инфлуенцата која е иста со дел од спајк протеинот на САРС-Ков-2.
-Ова истражување сè уште не е рецензирано, но се претпоставува дека постоењето на антитела кон оваа секвенца поттикната од претходна инфекција со свински грип може да понуди делумна, но не целосна заштита од САРС-КоВ-2 – вели д-р Кирјас.
Во текот на хуманата еволуција многу микроорганизми правеле селективен притисок на гени кои се клучни за хуманата одбрана. Такви гени се идентификувани за други заразни болести како туберкулоза, маларија и ХИВ.
-Со намера да се откријат евентуални генетски варијанти кои штитат од заразување со САРС-КоВ-2 вирусот формиран е интернационален конзорциум на чело со проф. Андерас Спан од „Рокефелер Универзитетот“ во Њујорк. Нивна цел е идентификување на индивидуи кои не биле до сега инфицирани со САРС-КоВ-2 вирусот, а биле изложени или во услови на висока стапка на ширење на вирусот или во домаќинствата. Планирано е да се прави секвенционирање на целиот геном со цел да се идентификуваат генетски варијанти на имунитетот кои нудат заштита од САРС-КоВ-2 – вели нашата соговорничка.
Таа додаде дека според истражувањата на имунолозите, природната инфекција не нуди долготрајна заштита, па на имунитетот индуциран со вакцината му треба засилување за да се заштити од ново настанатите варијанти.
– На пример, личност била позитивна на ковид-19, и нејзиниот имунолошки систем добро се снашол со една варијанта на вирусот, но не можеме да бидеме сигурни дека би останала имуна и на инфекција со некоја од новите варијанти. Последните истражувања покажуваат дека имунитетот стекнат по прележување на ковид-19 и по вакцинација нуди добра заштита, но со текот на времето ослабува. Потребата од „бустер“ доза е важна за зајакнување на имунолошкиот одговор посебно во услови на појава на нови варијанти на САРС-КоВ-2 вирусот – објаснува Киријас.
Додека сè уште учиме за тоа што може да предизвика отпорност на ковид-19, не можеме да бидеме сигурни зошто некој сè уште не бил позитивен на тестот.
-Но, она што го знам е дека поради веројатноста за појава на варијанти, нема гаранција дека сè уште нема да развијам ковид-19. Дури и ако сте имале среќа досега, не ризикувајте – порачува д-р Стаматаки.