Пандемијата направи да заборавиме дека само пред три години имавме епидемија на морбили, мали сипаници. Со мерките на Министерство за здравство, вакцинирањето со тогаш непопуларната МРП-вакцина (за морбили, рубеола и паротитис) се зголеми, па родителите кои долго ја одложуваа имунизацијата на децата се охрабрија да ги однесат на вакцина. Така имавме вакцинален опфат од 93,1 проценти.
Но, набргу, тој се намали, а тоа се поклопи и со почетокот на пандемијата. Не толку далеку од нас, особено ако се смета дека за ширење на вирусот и не треба многу, во Црна Гора, епидемиолозите предупредуваат дека бројките на вакцинирани деца се далеку од доволни и предупредуваат на можна нова епидемија. Каква е состојбата кај нас?
Колкав треба да е колективниот имунитет за морбили?
За да се смета дека има колективен имунитет за морбили потребен е опфат на вакцинација од 95 проценти. Изминатите две години во земјава не е регистриран потврден случај на морбили, што, според здравствените власти се должи и на вакцинален опфат токму во 2019 година. Оттогаш, многу од родителите очигледно не ги однеле децата на вакцина. Ризикот да се рашират морбилите се зголемува не само поради се поголемото отворање на границите, туку и поради олабавување на ковид-мерките. Така луѓето и децата повеќе ќе се мешаат едни со други.
Од Министерството за здравство велат дека во 2020 година опфатот со МРП-вакцината бил 63 отсто, а со ревакцината изнесувал 68,5 отсто.
– Во моментот Институтот за јавно здравје ги обработува и евалуира прибраните годишни извештаи од Центрите за јавно здравје, врз основа на кои ќе изготви извештај за состојбата со спроведената имунизација во 2021 година – велат оттаму.
Епидемиолозите објаснуваат дека состојбата во Црна Гора покажува дека треба да бидеме внимателни. Според Светската здравствена организација (СЗО), во Црна Гора има најмал број вакцинирани деца против мали сипаници во светот – само 23,8 отсто од доенчињата во 2020 година биле вакцинирани со две дози. Драматичниот пад на стапката на вакцинација ги принудила тамошните експерти за јавно здравје да се подготват за, како што ја нарекуваат, неизбежна епидемија на морбили.
Немаат колективен имунитет и други балкански земји. Опфатот со вакцинацијата против морбили опаднал за време на ковид-пандемијата, поради иста причина како и порано, дезинформациите. Во Србија, 78 отсто од децата ја примиле МРП-вакцината.
Зголемен ризик
Според Министерство за здравство тоа што во изминатите две години не е регистриран потврден случај на мали сипаници се должи на високиот опфат со МРП-вакцината и ревакцината во 2019 година.
– Високиот опфат е резултат на засилената кампања за вакцинација против малите сипаници спроведена како превентивна мерка во справувањето со епидемијата на мали сипаници што регистрира на територијата на државата, во текот на 2019 година. Сепак, за да имаме колективен имунитет за морбили потребно е да се постигне препорачаниот опфат на вакцинација од 95 отсто. Намалување на опфатот со МРП-вакцината доведува до кумулација на осетливо и невакцинирано население за мали сипаници и го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници – заклучуваат од ресорното министерство.
Ако едно дете е болно, ќе зарази 8 други во група од 10 деца
Се смета дека две дози вакцина против мали сипаници овозможуваат висок заштитен ефект кај вакцинираните лица и затоа и Светската здравствена организација препорачува ваква заштита. И кај нас, како и во многу земји, висок опфат на вакцинирани деца имало сè до појавата на антивакцинални кампањи.
-За да се заштити населението ќе бидат повикувани за вакцинација сите невакцинирани деца – велат од Институт за јавно здравје.
Eпидемиологот Александар Стојанов вели дека морбилите се најзаразно заболување од капкови инфекции.
– Ако во едно одделение има 10 деца и ако едно се разболи, ќе зарази осум деца. Мора да имате преку 90 отсто опфат на вакцинација за да може да се превенира. Вакцинација против морбили може да се прави во текот на целата година – вели епидемиологот.
Според него, ризикот е голем ако епидемијата од морбили се рапири во нашето соседство.
Како се шират морбилите?
Кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но и да предизвикаат воспаленија и сериозни компликации, па и да бидат фатални кај организми со слаб имунитет.
Морбилите се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Кај 20 отсто од случаите настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.