Невидените нивоа на стрес предизвикани од социјалната изолација за време на пандемијата на ковид-19 доведоа до „масовно“ зголемување на случаите на анксиозност и депресија
Во новиот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) се проценува дека во првата година од пандемијата на ковид-19, глобалната преваленца на анксиозност и депресија се зголемила за повеќе од 25 проценти. Анализата покажа дека жените се повеќе погодени од мажите, а помладите – особено оние на возраст меѓу 20 и 24 години – се повеќе погодени од постарите возрасни лица.
Резултатите треба да бидат повик за будење
СЗО соопшти дека најголем пораст на депресија и анксиозност е забележан на места каде што има многу заразени, а социјалната интеракција е ограничена. Резултатите треба да бидат повик за будење до државите да ги зајакнат услугите и поддршката за менталното здравје.
– Информациите што сега ги имаме за влијанието на ковид-19 врз менталното здравје во светот се само врвот на ледениот брег. Ова е повик за будење до сите земји да посветат поголемо внимание на менталното здравје и подобра поддршка на менталното здравје на нивната популација – рече генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејсус.
СЗО процени дека главниот двигател на наглото зголемување на анксиозноста и депресијата е стресот предизвикан од социјалната изолација. Пандемијата резултира со променети работни услови, тешкотии во барањето поддршка од најблиските и ограничувања на ангажманот во заедниците. Други фактори вклучуваат осаменост или страв од инфекција, како и страв од сопствена смрт и смрт на најблиските. Тагата по смртта на некој близок и финансиските грижи, исто така, може да бидат поттик за зголемување на анксиозноста и депресијата.
Светската здравствена управа соопшти дека порастот на потребата од медицинска нега за депресивните луѓе се совпадна со сериозни нарушувања во услугите за ментално здравје, оставајќи огромни празнини во грижата за оние на кои им е најпотребна.
– Иако пандемијата предизвика интерес и загриженост за менталното здравје, таа исто така откри хронично недоволно инвестирање во услугите за ментално здравје. Земјите мора итно да работат за да обезбедат поддршка за менталното здравје за сите – вели Девора Кестел, директорка на Одделот за ментално здравје и злоупотреба на дрога при СЗО.
Во 2020 година бројот на случаи се зголемил за 27,6 отсто
Според истражувањето, во 2020 година бројот на случаи на тешка депресија се зголемил за 27,6 отсто, а бројот на анксиозни растројства се зголемил за 25,6 отсто.
– Во однос на обемот, ова е многу големо зголемување – изјави за „Афп“, Брендон Греј од Одделот за ментално здравје и злоупотреба на дрога на СЗО, кој ја координираше студијата.
Истражувањата покажуваат дека ковид-19 има огромно влијание врз човековото ментално здравје и благосостојба. Се покажа дека постои поголем ризик од самоубиствено однесување и самоповредување кај младите од почетокот на кризата.
Исцрпеноста на медицинскиот персонал, осаменоста и морбидитетот од ковид-19 го зголемија ризикот од самоубиствени мисли, покажа истражувањето.
Исто така, откриено е дека луѓето што живеат со ментални нарушувања имаат поголем ризик од развој на тежок облик на ковид и смрт од оваа болест.