Во вакви чудни времиња кога обичните луѓе стравуваат дека светот излегува од контрола и дека би можело да се случи нуклеарна војна, светските лидери, без оглед на острата реторика што ја разменуваат меѓу себе, се едногласни во пораките дека нема да има нуклеарна војна. Разни сценарија за евентуална нуклеарна војна биле разработувани низ годините од новинари, воени експерти, аналитичари, како и од воените школи и на Истокот и на Западот, при што заедничко за сите е што ваквите сценарија никогаш немаат завршница, поточно на сите им е кристално јасно дека ако некогаш се реализира вакво сценарио, следува апокалипса

Сè почесто разработувани сценарија за евентуална нуклеарна војна

Сè повеќе воените јастреби и од едната или од другата страна, како и многу „независни“ аналитичари ја туркаат тезата што би било ако се случи нуклеарна војна, иако повеќе од сигурно е дека исходот од ваков безумен чин ќе биде збришување на целото човештво од лицето на Земјата.
Последниот инцидент во нуклеарната централа „Запорожје“ на југоистокот на Украина и пожарот во тамошната контролна соба уште еднаш ја потсети Европа на хаваријата во Чернобил, кога поголемиот дел од европските земји беа изложени на зголемени концентрации на радијација. Ако тогаш се зборуваше за зголемено ниво на радијација во воздухот, во случај на нуклеарна војна тоа ќе значи тотално уништување, крај на светот што некогаш постоел и каков што сме го познавале. Лансирањето на нуклеарните проектили во истиот момент ќе значи крај на една цивилизација, нејзината историја и сите нејзини достигнувања.
– Зголеменото ниво на закана од нуклеарното оружје ја нагласува сериозноста на ризиците по целото човештво – порача неодамна во Женева, Мишел Башелет, високата комесарка на Обединетите нации за човекови права.
Поаѓајќи од сето ова, човештвото мора да продолжи да верува дека оние што ги поседуваат шифрите за лансирање на нуклеарните проектили сè уште размислуваат прагматично и со студена глава, како и дека никогаш нема да се осмелат да го стават прстот на црвеното копче.

Апсурдот на една нуклеарна војна

Разни сценарија за евентуална нуклеарна војна биле разработувани низ годините од новинари, воени експерти, аналитичари, како и од воените школи и на Истокот и на Западот, при што заедничко за сите е што ваквите сценарија никогаш немаат завршница, поточно на сите им е кристално јасно дека ако некогаш се реализира вакво сценарио, следува апокалипса.
Британскиот весник „Гардијан“ пред неколку години објави симулација изготвена од страна на британскиот воено-политички врв, во која е претставено како би изгледала една нуклеарна војна меѓу НАТО и Русија. Како што е наведено во тоа сценарио во кое се разработува логичен редослед на настаните, нуклеарната војна би ја започнала Русија на тој начин што би ги испратила своите трупи во Естонија. По упадот на руските војници на територијата на земја-членка на НАТО, први реагираат Американците и Британците со испраќање десантно-морнаричка пешадија што се истоварува од воени бродови за да им помогнат на копнените сили на Естонија.
За да оневозможат дотур на дополнителни воени сили и да го одвратат непријателот, Русите лансираат тактичка нуклеарна ракета, која го погодува британскиот воен транспортен брод, а потоа руската војска со нов нуклеарен проектил потопува и американски десантен брод. Ваквата ситуација налага одговор од Американците, кои истрелуваат нуклеарен проектил врз некој руски воен објект. Во оваа фаза почнува размена на проектили при што главните цели се бродови и воени објекти.
Но во британското сценарио за нуклеарна војна, ситуацијата ескалира и Русите истрелуваат нуклеарен проектил на Лондон. Во тој момент британскиот политички и воен врв се наоѓа во дилема што понатаму. Дали да одговорат на тој начин што ќе ги лансираат своите проектили од нуклеарните подморници и ќе ја уништат половина Русија или, пак, да преземат нешто друго. Одговорот на британскиот воен врв е дека тука треба да се запре ескалацијата, бидејќи нивните пресметки покажуваат дека не вреди да ја уништат половина Русија бидејќи ќе се соочат со целосно уништување на Британија. Калкулациите и на Американците се дека ниту тие нема да поминат подобро ако удрат на Русија.
Тоа е едно од сценаријата што случајно или не беше објавено во британски „Гардијан“, иако повеќе од сигурно е дека и Русите изработувале слични симулации и пресметки што би се случило ако некој прв го притисне црвеното копче.
Факт е дека досега никој во ниту еден воен колеџ и кој било генералштаб во светот не симулирал веродостојно сценарио за нуклеарна војна, бидејќи тоа едноставно е невозможно да се направи. Никој не може да знае колку проектили ќе ја погодат целта, колку ќе бидат неутрализирани од системите за одвраќање, а колку ќе затаат при самото лансирање.
Она што е единствено сигурно, тоа е дека никој не посакува реализација на вакво сценарио.

Светските политичари свесни дека нуклеарната војна не е опција

Во вакви чудни времиња кога обичните луѓе стравуваат дека светот излегува од контрола и дека би можело да се случи нуклеарна војна, светските лидери, без оглед на острата реторика што ја разменуваат меѓу себе, се едногласни во пораките дека нема да има нуклеарна војна.
Пред неколку дена рускиот, претседател Владимир Путин им нареди на рускиот министер за одбрана и на началникот на Генералштабот на војската да ги стават силите за нуклеарно одвраќање во „специјален режим на борбена должност“, што значи дека нуклеарното оружје на земјата ќе биде во зголемена состојба на подготвеност за лансирање.
Наредбата веднаш предизвика загриженост дека тензиите со Западот може да доведат до употреба на нуклеарно оружје.
– Трета светска војна може да биде само „нуклеарна војна“… Тоа е само во главите на западните политичари – и не е во главите на рускиот народ – порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, смирувајќи ја светската јавност дека Русија би можела да започне нуклеарна војна.
Во таков лош исход не се убедени ниту западните политичари, кои сметаат дека санкциите ќе бидат доволни да се изврши притисок врз Русија да ја прекине агресијата врз Украина.
– Која е алтернативата на санкциите? Трета светска војна – одговори неодамна американскиот претседател Џо Бајден, одговарајќи на прашањето што е алтернатива на санкциите кон Русија.
Извесна загриженост околу одлуката на Путин да ја подигне готовноста на силите за нуклеарно одвраќање искажа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истовремено истакнувајќи дека Алијансата нема да се меша во конфликтот меѓу Русија и Украина.
– Го разбираме очајот, но веруваме дека ако го направиме ова, може да има сеопфатна војна во Европа и повисоко ниво на човечко страдање. Затоа донесовме болна одлука да воведеме строги санкции и да ја зајакнеме поддршката, а силите на НАТО не ги вклучуваме директно на копно или во воздух – порача Столтенберг.
Поаѓајќи од изјавите што ги даваат светските политичари, но и постапките што се преземаат, повеќе од јасно е дека никој нема да се дрзне да употреби нуклеарно оружје бидејќи тоа ќе значи целосно уништување. Потврда за тоа е одговорот на НАТО да не го подига нивото на својот нуклеарен арсенал, што сигурно не би се случило ако Командата на Алијансата има некакви индиции дека Русија би употребила нуклеарно оружје.

Човештвото се стреми кон повисоки цели

Без оглед на разурнувачките димензии на конфликтот во Украина, на терен се одвива конвенционална војна и никој нема да се осмели да употреби нуклеарно оружје. Русија се соочи со санкциите, НАТО прифати да не се меша во руско-украинскиот конфликт, што на некој начин е нивен премолчен договор да не се излегува надвор од класичното војување и да не се загрозува човештвото со непромислени постапки.
Свеста за опасноста што ја носи нуклеарното оружје е присутна кај сите светски лидери, па затоа повеќе од сигурно е дека никој нема да го употреби, без оглед на заканувачката реторика во последно време. Сето тоа е дел од една валкана пропаганда и начин на специјално војување, кое меѓу спротивставените страни е воена рутина, но кај обичните луѓе создава страв и паника.
И во минатото имало вакви тензични ситуации и воени конфликти низ светот, но во ниту еден не беше употребено нуклеарно оружје, па така нема да биде употребено ниту сега. Светот мора да продолжи да живее и да работи на сплотување, наместо да стравува дека се ближи неговиот крај. Како никогаш досега технологијата не напредувала со поголема брзина, а токму таа треба да биде во функција на сеопшто подобрување на животот на луѓето на планетата. Огромните воени буџети треба да почнат да се пренасочуваат за изградба на инфраструктурни, медицински, образовни и други програми, кои ќе бидат за сеопшт просперитет и благосостојба на општествата, наместо да се користат за создавање оружја што носат само уништување.
Човештвото има можност да зачекори во нова ера, ера на мир, заедништво, разбирање, соработка… Тоа треба да го направи веднаш и сега.


Вистинска приказна за еден нуклеарен инцидент
Човекот што го спаси светот

Станислав Јевграфович Петров бил руски полковник што ја имал главната улога во нуклеарниот инцидент од 26 септември 1983 година. Тој спречил потенцијална нуклеарна војна одбивајќи да поверува дека САД лансирале ракети кон Советскиот Сојуз, без оглед на укажувањето дадено од компјутерски систем за рано предупредување. Подоцна се покажало дека советските компјутерски извештаи покажале грешка, а Петар бил заслужен што спречил третата светска војна и уништување на голем дел од планетата со нуклеарно оружје. Заради воената тајност и меѓународната политика, постапките на Петров се чувале во тајност до 1998 година.
И покрај спречувањето на потенцијална нуклеарна катастрофа, одбивајќи да ги информира своите претпоставени за предупредувањата на компјутерскиот систем, полковникот Петров ги прекршил наредбите и воениот протокол. Подоцна тој бил испрашуван од претпоставените за неговите постапки за време на настанот, што довело до тоа тој повеќе да не биде сметан за сигурен воен офицер.
Овој инцидент првпат бил официјално објавен во текот на 1990-тите години од 20 век, во мемоарите на генерал-полковник Јуриј Вотинцев, поранешен командант на советските единици за противвоздушна ракетна одбрана.
Во јануари 2006 година, Петров отпатувал за САД, каде што бил награден на состанокот на Обединетите нации во Њујорк. Потоа, Здружението на светски граѓани му ја доделило и втората специјална награда на Петров, „Светски граѓанин“. Негово интервју, заедно со другите настани за време на патувањето на Петров во САД, е вклучено во документарниот филм „Човекот што го спаси светот“, објавено на крајот на 2006 година. Починал во 2017 година.