Последното редовно вклучување на системите за алармирање, попознати меѓу граѓаните како „сирени за опасност“ (со звучно емитување на еден знак за опасност и еден за прекин на опасноста), било пред распаѓањето на СФР Југославија, односно пред Југословенската народна армија (ЈНА) да ја напушти нашата држава (тогаш именувана Социјалистичка Република Македонија -СРМ). Од тогаш не се имаат вклучувано. Дотогаш тоа се случувало секој прв петок во месецот во времето во 12 ч. и 12.30 часот. Во меѓувреме се правени „тихи“ проверки за следење на нивната техничка исправност, во согласност со кадровските и буџетските капацитети на Центарот за управување со кризи (ЦУК)
АНАЛИЗА: ИМА ЛИ СКОПЈЕ ФУНКЦИОНАЛНИ СИСТЕМИ ЗА АЛАРМИРАЊЕ И ПОДГОТВЕНИ СКРИВНИЦИ
Ескалацијата на состојбата во Украина, несомнено предизвика да се појават силни и различни емоции, предвоена психоза, па дури и некаде паника во целиот свет, посебно кај жителите на Европа. Стравот и паниката што ги создаде воената интервенција на Русија во Украина беа почувствувани и во земјава, кога многумина беа исплашени од целокупната ситуација, под стрес од една предвоена психоза, а одредена група граѓани почнаа масовно да се снабдуваат со неопходни прехранбени и други артикли и инстинктивно ги празнеа полиците во локалните маркети, панично прогнозирајќи најцрни сценарија на социјалните мрежи. Најголем притисок од таквата состојба се почувствува во главниот град. Неразумната паника се прошири сѐ повеќе и насекаде, посебно кога преку медиумите сите ги слушавме сирените непосредно пред нападите и за време на нив. Тие звуци ги паметат постарите наши сограѓани, оние што живееле за време на војната во 1945-1946 година, кога сирените го предупредувале населението да бега во скривници за да се заштити.
СИРЕНИ ЗА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ УШТЕ ОД МИНАТИОТ ВЕК
Снимките од Украина на кои сирените морбидно одекнуваат од далечина, непосредно пред да се почувствува силниот татнеж на гранатата, ракетата или бомбата, отворија голем број прашања околу системот за предупредување во Скопје. Дали главниот град има сирени што се во функција, дали населението може од тој аспект да биде мирно и да биде сигурно дека доколку нешто претставува опасност за жителите, сирените ќе го алармираат за да се заштити.
Она што „Нова Македонија“ го истражи токму на оваа тема и резултатите од тоа истражување покажаа дека има многу простор за интервенција, темелно реструктурирање на системот за алармирање, за да биде коректно ставен во приправност и во функција на известување и тревожење на граѓаните во случај на потенцијална опасност. Но засега, најпластично кажано, сирени за предупредување во Скопје има, но многу е веројатно дека доколку на градот му се случува некоја опасност нема да бидат вклучени, бидејќи истите тие не се во функција, односно не работат.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека во Скопје има сирени. Тие се монтирани пред 1980 година, на локации при што преку изработена акустична студија било предвидено да се покријат сите населени места. Оттаму велат дека станува збор за најмногу електрични сирени, неколку пневматски и неколку електронски сирени.
– Технички, само електронските што се набавени последни – во периодот околу 1985-1990 годинa, овозможуваaт преку нив по далечински пат да се пренесе говор. Исто така и во градовите во државата има сирени, но тие се само електрични. Процентуално, околу 80-85 отсто од сирените се исправни. Системите за далечинското управување со сирените не се во согласност со новите комуникациски технологии, а со тоа не функционираат и самите сирени, освен со поединечно вклучување конкретна сирена – велат од ЦУК.
Оттука истакнуваат дека според достапните податоци, на територијата на нашата држава имало поставено најмногу до 200 сирени, а нивниот број е намален поради разни причини, пожари при што целосно изгореле заедно со објектите каде што биле ставени, рушење објекти и слично.
ПОСЛЕДЕН ПАТ БИЛЕ РЕДОВНО ВКЛУЧЕНИ ПРЕД 1990-ТИТЕ ГОДИНИ
Последен пат кога сирените биле тестирани биле 1990-тите години. Оттогаш, ниту една сирена не е вклучена, па со тоа не ни може физички да се знае во каква состојба се, дали работат и дали доколку има потреба од нив, истите тие ќе ја реализираат намената поради која постојат.
– Последното редовно нивно вклучување, (секој прв петок во месецот во времето во 12 ч. и 12.30 часот) со емитување звучно на еден знак за опасност и еден за прекин на опасноста, било пред расформирањето на СФРЈ и пред Југословенската народна армија да ја напушти нашата држава (тогаш именувана СРМ). Од тогаш не се имаат вклучувано. Во меѓувреме се правени „тихи“ проверки за следење на нивната техничка исправност, во согласност со кадровските и буџетските капацитети на ЦУК. ЦУК предлагал буџет и начин за одржување и осовременување, но тоа е одложувано, пред сѐ поради финансиски причини во државата – велат од ЦУК.
Во Законот за управување со кризи генерално е регулирана темата за употреба на сирените и препораките за населението во главата 5 од членовите 37 до 43. Инаку, последна Уредба за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапки на населението е донесена на 20.11.2018 година на седница на Владата.
КОЛКУ ВИДОВИ ЗВУЦИ ЗА ОПАСНОСТ ПОСТОЈАТ
Постојат три звуковни знаци за опасност и еден за престанување на опасноста. Но од широката анкета што ја направивме во повеќе населби во главниот град, никој од граѓаните не ги знаеше звуковните знаци за опасност! Тоа беше и втората причина за непријатното изненадување на нашата новинарска истражувачка екипа при истражувањето на оваа тема.
Како што информираат надлежните, знаците за тревожење се единствени за целата територија на државата и се: знак за воздушна опасност, знак за радиолошко-хемиско-биолошка опасност, знак за опасност од елементарни – природни непогоди и други несреќи и знак за престанување на опасноста.
– Знак за воздушна опасност се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење со непрекинат завивачки тон во траење од 60 (шеесет) секунди.
Знак за радиолошко-хемиско-биолошка опасност се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење во траење од 90 (деведесет) секунди, со три завивачки тона по 20 (дваесет) секунди и две паузи помеѓу тоновите по 15 (петнаесет) секунди.
Знак за опасност од елементарни – природни непогоди и други несреќи се емитува со вклучување на сирените од системите за тревожење во траење од 60 (шеесет) секунди, во комбинација на два еднолични тона по 20 (дваесет) секунди и еден завивачки тон од 20 (дваесет) секунди помеѓу првиот и вториот едноличен тон.
Знак за престанување на опасноста се емитува при престанување на ризикот и опасноста со вклучување на сирените од системите за тревожење со едноличен тон во траење од 60 секунди – наведено е во Уредбата за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението.
ВО СКОПЈЕ ДЕСЕТИНА, ВО МАКЕДОНИЈА 100 СКРИВНИЦИ ЗАСОЛНИШТА
Прашањето што изминатите десетина дена многумина си ги поставуваат, покрај сирените, се и скривниците, кои служат за заштита и засолнување на населението од евентуални опасности. Но и при посетата на повеќе засолништа, нашата новинарско-истражувачка екипа ја чекаше третото непријатно изненадување, а тоа е дека скривниците за граѓаните за во случај на опасност не се подготвени да ги примат граѓаните. Повеќето од нив се запоставени, неодржувани, запустени, па дури и некои се узурпирани и се користат како магацини, складишта или подрумски простории.
Надлежна за скривниците и нивното одржување е Дирекцијата за заштита и спасување од каде што информираат дека Скопје има повеќе од десет скривници што се под нивна надлежност.
– Во Скопје, Дирекцијата има на користење над десет засолништа во зависност од видот и периодот на засолнување и колку луѓе може да опслужат. Системот е за заштита и спасување на луѓето, животната средина, материјалните добра, природните богатства, животинскиот и растителниот свет и културното наследство од природни непогоди и други несреќи во мир, вонредна состојба и воена состојба – информираат од дирекцијата.
Засолништата под надлежност за ДЗС се доделени во 2005 година, реновирани се, а некои од нив се реновираат во моментов.
Скопје е град што масовно се урбанизира, град во кој постојано расте бројот на жители. Сепак, и покрај тоа што низ градот има стотици згради, само жителите на старите згради за своите потреби имаат достапни скривници или засолништа.
Бидејќи Скопје е милионски град, несомнено е отворена дилемата што е со сите жители на градот, како речиси еден милион лица би се сместиле во десетина скривници, меѓутоа, од ДЗС информираат дека новоизградените објекти немаат обврска при добивањето дозвола од страна на Општината за градба да приложат елаборат за градење засолниште, заклучно од 2008 година.
– Во целата територија на Република Северна Македонија, според Одлуката од Владата од 2005 година, на трајно користење се околу 100 засолништа. Состојбата на постојните засолништа, тие што се во сопственост на ДЗС, е во процес на реновирање и одржување, засолништата што се по станбените згради се под одговорност на заедницата на станари, јавните засолништа кои се на државата, други министерства и други – информираат оттаму.