Културата тоне, но духот сѐ уште го одржуваме

ПРАЗНИ ВЕРБАЛИЗМИ

По предавањето на Рикардо Пасони, и изложбите: „Блек ро мемори“, „Конекции во колекциите“ и „Вон…“

Натали Р. Павлеска

Пристигнав малку порано на предавањето во Музејот на современа уметност, најавено како „Презентација на Рикардо Пасони“, инаку директор на Галеријата на модерната и современа уметност во Торино, Италија, знаејќи дека речиси на сите настани во изминатиов период: изложби, предавања, политички и (не)политички фестивали, дебати, кружни маси, родови дискурси и дискусии и преполни платоа на МСУ (домот на уметноста) со луѓе што го бараат своето право на изразување гнев и револт поради неурамнотеженост на системот… пристојно е да се биде присутен навреме. Онака како што прилега за секоја институција, според угледот, па и гостите (поканети и непоканети), да удостои со пристоен четврт час предност на публиката, да се постави на своето столче и се разбира, уште четврт плус, за почнување на презентациите на повиканите гости. Во изминатиов период ги имаше во изобилство, имаше многу повеќе од оние што политички актуелно одговараат на институционалните политики и (не)предвидени агенди за оваа година.

Сосема поразлична слика има денес, тоа не е музејот што го паметам како студент (тогаш на архитектура), кој беше дом на сите љубители на уметноста, меѓу другото и сакрално место што ги удомило најзначајните дела од македонската уметничка еволуција, речиси недостижен императив за сите оние што одлучиле својот живот ѝ да го посветат на уметноста… На самиот влез пресретнав мојадрага колешка, кураторка, која љубезно ме поздрави и сета обземена од возбуда за претстојната презентација, сосема спонтано го испи своето кафе со мене. Притоа, малку пред зајдисонце, си поразговаравме, па низ полупразните вербализми, изникна прашањето: „Јас не знам, што всушност работиш? Те имам на фејс?“ Не сакајќи да ја нарушам флуидноста на моментот, премолчев, со помислата дека па и не мора сите да читаат критика, сепак тaa постои за оние што ги засега и кој сѐ уште купува весници, кој сѐ уште има стомак за здодевна академска доследност. Денес, за жал, критичката дијалектика најчесто е присутна во блогерска форма на социјалните мрежи и онлајн-платформи (секоја чест за последните борци…) со голема извесност дека ја напушта елементарноста на критичкото истражување.

Минутите поминуваа навистина бавно, задлабочена во прелистувањето на мојот бележник со делата што треба да ги обработувам во следниов период, не ни забележав дека поминаа нешто повеќе од четириесетина минути и сосема обземена од своите мисли се упатив кон аудиториумот на музејот. Поканетиот гостин, подготвен за презентација, само што не почнал со своето зборување. Поминаа уште петнаесетина минути, аудиториумот остана речиси целосно празен, ако не ги сметаме вработените од музејот – вкупно двајца, еден наш колега, кој не пропушта можност да присуствува на секаков настан, без разлика дали настанот припаѓа на неговата професионална облигација за посета или едноставно човекот има широко поле на интерес, и како што се покажа, навистина симпатично – зборува повеќе јазици и поставува неверојатно комплексни екстензивни прашања, и уште двајца случајни посетители на музејот, кои шетајќи низ него, најверојатно одлучија да проверат што се случува во затемнетата просторија.

Кураторката Б. Ј. Шемова, во исклучително непријатна (за нас неколкумина и за гостите) ситуација, ја почна презентацијата со преставување на почесниот гостин, а потоа му го отстапи времето нему. Со длабока емпатија кон присутните и со голема воздржаност од каква било реакција, или евентуално одлука да го напуштам предавањето (доцнев на изложбата во Музејот на градот Скопје), останав нема и тивка и забележував во својот потсетник што слушав… Гостинот, и покрај тоа што безмалку беше обесчестен од празната сала, сепак во рамките на својата професионалност, го одработи она за што бил повикан. Сето она што беше презентирано (уметноста поседувана и застапена од Градскиот музеј во Торино, од 19 век па до 1970-тите) не сосема соодветно за периодиката на МСУ, заслужуваше пристојна посетеност. Слушајќи го предавањето, вниманието ми го оттргнуваше неверојатно големиот текст на ѕидот во другата хала, скоро како завеса спуштен од плафон до под, со букви нанижани во реченици (со изоставените референци од бергсоновата „Материја и меморија“), за кои, да се прочитаат и визуелно доживеат како унитарна целина, потребно е растојание од повеќе од 7-8 метри, што е физички невозможно бидејќи наспроти има ѕид со врата од која лево и десно секогаш стојат прикачени дела и слики, во редовните музејски изложувања.

Од отворањето на изложбата „Конекции во колекциите“ – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Без да се навраќам на претходно споменатата изложба на Владимир Фрелих „Блек ро мемори“ некој ден претходно, пред исто така, како што во самата најава Зоран Петровски рече, интимна и скромна публика, се запрашав кога повторно музејот барем малку ќе биде како што заслужува, потсетувајќи се повторно на оние стари времиња кога со голем ентузијазам со денови и стотици премерувања ја поставувавме изложбата „R=1:2 R=1:200“ (2004 г.) на проф. Јован Шумковски, или според сеќавањата на моите драги пријатели – уметници, критичари, љубители, па и не толку посветени познавачи на уметноста, со секое кафе испиено во нашето ателје се присетувавме на изложбите на Б. Маневски, С. Павлески, Ж. Вангели, Д. Перчинков, П. Х. Бошков. И со пауза во разговорите ги пребарувавме каталозите по полицата (литературно попрецизни од оние што денес ретко се појавуваат), за да потврдиме, и да продолжиме со дискусиите за тие засекогаш неповратни времиња, кога уметноста на Калето навистина цутеше.
Поставката на Шумковски беше многу добра, а бројката на посетители – како онаа на политичкиот собир на владејачката партија по повод изложбата „Конекции во колекциите“. На секое мое навраќање и потсетување солзи ми навираат, но сепак имам надеж дека повторно ќе дојдат такви времиња и дека ќе има за што да се прераскажува со денови, за што да се пишува.

Но, да се навратам на изложбата на Фрелих. Малобројноста на публиката и неверојатно непропорционалниот исказ на ѕидот, не се никакво мерило за целокупниот впечаток на навистина лошо поставената и организирана музејска поставка, мерило се сите подобности и ентериерни/амбиентални доследности (осветлувањето од полускриениот плафон со неонски светла, на кои фасонките доминираат и го одвлекуваат вниманието од изложеното), кои оваа институција со години не може да ги обезбеди. Не навлегувам во критика на актуелното раководството или неговата често менлива конституција, туку повеќе кон нивниот влог и ангажираност и двосмисленоста на слободата што за себе си ја претпоставуваат, непропорционално распределувајќи ги своите приоритети и заложби, да речеме во неверојатно зголемена кампања за рекламирање и повикување посетители, истите оние што сѐ помалку одвојуваат од своето време за една изложба, а сѐ повеќе го преполнуваат платото на политичките или на невладините настани. Но како критичар со широко разбирање за сите можни чинители што една изложба ја одбележуваат како успешна, скоро секогаш се обидувам да слушнам мислење од оние што најдобро умеат да го пренесат, проценат и прераскажат тоа – често слушам од колегите уметници – дека авторот на самата изложба, и покрај импликацијата на различните фактори, сепак конечно целосно сам ја сноси целата одговорност за изложеното. Па тогаш што му преостанува на уметникот, кога речиси секогаш се приспособува кон институциите на системот (моменталните политички струења, политики на раководство, недоволен буџет за материјализација на идејата, изложување без печатен материјал и сл.) освен да твори, затворен во своето ателје и да чека подобри времиња? Толку за МСУ, во некоја наредна пригода и малку повеќе…

По предавањето на Пасони, со задоцнување се упатив кон Музејот на градот Скопје, на веќе отворената изложба на проф. Жарко Башески, „Вон…“, за која иако со голема скептичност, поради прочитаниот онлајн-текст, и со неверување дека авторот ќе изненади со нешто ново и надвор од неговиот негуван реалистички пристап кон фигурата, останав без зборови од целата слика. Неоспорно е дека многубројноста на посетителите и нивното повторно навраќање на изложеното, на конзола прикачениот човечки полуоблик на централниот ѕид – облога од гипс-картон, го одвлекуваа моето внимание од она што имав намера да го забележам (околу релевантноста и современоста во пристапот, еволуцијата во ликовниот јазик низ долгогодишниот творечки опус итн.). Ме изненади гестот на младиот човек да биде присутен и да покаже почит кон ентитетот – автор, посветен уметник, кој им пренесува знаење на младите генерации и твори во исто време во рамките на своето разбирање за светот, осцилирајќи во контури на своите внатрешни размисли и интереси. Секоја чест за одработеното! Да се биде денес општествено признаен, почитуван член во заедницата на културниот свет, е подолготраен процес, наложува голем личен влог, надвор од уметничкото творештво, над сѐ, наложува чесна човечка особеност, и токму затоа севкупниот впечаток (автор – дело – трансмисија) заслужува поздрав.

И можеби како заклучок ќе следува дека високата култура сѐ повеќе потклекнува и се потчинува пред привремениот дискурс (општествено-социјален), кој сѐ повеќе осцилира кон отстапувањето предност на институционалните политики, кон личните афирмативни поставености на младиот културен работник, губејќи го својот еквивалент во вредносниот културен систем. Сосема на крајот, само накратко се присетив на еден човек, една висока издолжена тенка силуета, слична на оние од сликите на Модилијани… (метач, одржувач на дворот наспроти мојот прозорец, утилитарен човек), кој секое утро ме будеше со шум од косилката за трева, летно и пролетно време, а со метла во есенските и во студените зимски денови ја расчистуваше почвата, и не толку одамна беше кога тој звук исчезна… Дворот сега е опустошен, натрупан со стари и со нови отпадоци. Тоа секако ќе дојдеше еден ден, но текот на времето и текот на настаните не се движат по иста патека. Затоа, неопходно е да се одржува смислата на постоењето, во ова време, многу почесто да се расчистува почвата, зашто еден ден можеби и таа ќе стане толку порозна и разјадена, па, така, ќе нема ниту врз што да се потпреме.