Ѕирнавме во креативната работилница на познатиот македонски писател за деца и возрасни Трајче Кацаров и со негова дозвола први го објавуваме расказот со кој тој го најавува својот нов роман за млади, на кој веќе работи. Се надеваме дека
и ова негово дело ќе предизвика интерес кај читателите
ЕКСКЛУЗИВНО: Најновиот расказ на писателот Трајче Кацаров на страниците на „Колибри“
Во градот доаѓаше со мирисите на пролетниот ветар: Фијууууу! Еј! Еј! Никој не дигавме глава кон небото, ама знаевме дека оддалеку долетува нана Александра. Фијууу! Еј! Еј! Изникнуваа кокичиња во дворот, качунките на ридјето жолтееја. Славеите песни пееја. На небото се отвораа милиони очи. Нана Александра слетуваше на маалскиот сокак и влегуваше низ широко отворената порта на жолтата куќарка. Сите Турци од маалата почнуваа да се крстат, а христијаните јајца да кршат. Еј! Еј! – пристигна нана Александра. Само што ќе влезеше во куќата се распостилаше, на креветот во дневната. Изгледаше дека не сака со никого да се поздрави. Погледот го држеше врз дланките што ѝ почиваа во скутот. Нана Александра имаше сопствено време. Кога таа ќе долеташе во маалата што се простираше од Градската болница до црквата „Св. Илија“, сите до еден се откажувавме од своето време. Таквиот период траеше од рана пролет до доцна есен.
Нана Блажа, постара од двете ќерки, прва низ Турската Маала го објавуваше слетувањето на нана Александра: Оп, опа! Ихаа!
Мавташе со насмевката од лицето и со насолзените очи од радост и на сите им велеше: „Сега, кога мама е овде, секој ден ќе е Велигден. Повелете кај нас на црвени јајца!“
Кокошките масовно излегуваа по сокаците на Турската Маала и сите до една ја имитираа нана Александра во одот. Ехејјјјј!- птиците се гнездеа во нејзината распеана душа. Маалските кучиња и мачките спиеја во нејзината сенка. Црницата во дворот ги спушташе плодовите до нејзините прсти. Нана Александра беше химна на калдрмата во Турската Маала.
Троп-троп, тропа-троп, ихааа!
Мама ден-денес раскажува дека во времето на нана Александра престанувало нејзиното растење, како и растењето на нејзините двајца браќа. Всушност, никој не сакал да расне, па да порасне. Се плашеле дека пораснати не ќе можат да спијат во ист кревет со неа.
Со нана Александра можело да спие само најмалото од децата. Раскажува мама: „Многу се каравме околу тоа кое е најмалото од трите деца. Бев веќе мома, а браќата беа многу помали од мене, кога се изборив за статус на најмала од децата и добив дозвола да спијам со нана Александра. Моите двајца браќа постојано ѝ се жалеа на мама за моето бавно растење. Нема-нема, некој од двајцата ќе извикаше: „Еј, готово е, денес си порасната. Не треба да спиеш повеќе со нана!“
Нана Александра беше правило без кое животот би бил обичен хаос. Сите го почитуваа или сакаа да го почитуваат. Единствено сватот – дедо Трајко и зетот за најстарата од внуците, мама Донка, мојот татко, беа исклучок. Дедо Трајко на нана Александра гледаше како на вештерка. Секогаш кога ќе дојдеше да нѐ посети во куќарката во Широк Дол, тој се затвораше во своето собуле и мрмореше, мрмореше сѐ додека кутрата не си заминеше. Потоа собата во која престојуваше ја кадеше со евтин тутун. Тато на нана Александра гледаше како на итра жена, која со години се преселува од едно место на друго само да им докаже на своите две ќерки дека еднакво ги сака.
За мене, времето на нана Александра беше време во кое се раскажуваше најубавата приказна на светот. Јас верував во времето на нана Александра. Има ли нешто повистинито од пролетта и есента, односно од летото и зимата. Нејзиното време беше составено од такви вистини. Почнуваше секогаш во рана пролет и завршуваше во доцна есен.
Штом ќе ја видевме како лета кон северните краишта, мама ќе нѐ собереше околу себе и ќе ни речеше: „Порано доаѓајте си дома. Денот се смалува. Ноќта може да ве затекне на улица.“ Кога ќе завршеше времето на нана Александра, кога ќе одлеташе, небото добиваше сина, Турската Маала мирис на запалена бука. Птиците ги собираа под крилцата нотните тетратки, а трендафилите во дворот ја започнуваа својата карневалска прошетка претворени во трња. И тогаш и само тогаш нана Блажа ќе избереше еден ден во неделата кога наместо кон црквата „Св. Никола“, ќе тргнеше кон фамилијарниот чевлар Таушанот, да си нарача чевли за зима. А дедо, дедо Љубомир, се враќаше дома. Календарот од ѕидот со сликата на Варна го добиваше стариот сјај. Животот почнуваше да излегува од капутот на дедо.
Но, како што и секоја приказна има свој почеток и крај, така и времето на нана Александра. Една година дојде многу порано од вообичаеното. Слета во дворот на куќата покрај Градската болница. Рано им беше на кокичињата да се разбудат, качунките да расцветаат, птиците да запеат, калдрмата во Турската Маала да заигра. Турците не беа подготвени да се прекрстат, а христијаните да ги вапсаат јајцата.
Слетувањето на нана Александра, плупу, плуп, падна во вода, односно се удави во солзите што го исполнуваа дворот на куќарката покрај Градската болница. Повторно како шатка, нога за нога влезе во куќарката, ама не да се распостели на креветот во дедовото собуле, туку да клекне покрај одарот на кој лежеше мртва нана Блажа, постарата од двете нејзини ќерки.
Нана Блажа умре. Нана Александра одлета засекогаш заедно со своето време. Дедо Љубомир го симна календарот со сликата на Варна од ѕидот. Престана да пуши цигари, да пие вино, престана да живее во стварноста. Турците се иселија од маалата.
Загосподари нашето време. Во него ден-денес бараме приказни за добра ноќ, а нив ги нема, ги нема, ги нема…