Земјотресот што го погоди индонезискиот остров Сулавеси не се очекувало да предизвика толкави смртоносни бранови. Досега настрадаа над 840 лица,
а властите велат дека конечниот биланс може да биде илјадници жртви
Научниците се изненадени од јачината на цунамито што во петокот го уништи индонезискиот град Палу, оценувајќи дека земјотресот што му претходел не би требало да предизвика толкави смртоносни бранови.
– Очекувавме дека може да предизвика цунами, не толку големо. Кога се случуваат вакви настани, многу поверојатно е дека ќе откриеме нешто што претходно не сме го забележале – вели Џејсон Патон, геофизичар што предава на државниот универзитет „Хумболт“ во Калифорнија.
Земјотресот со јачина од 7,5 степени удри во 18 часот по локално време, на длабочина од 10 километри, на островот Сулавеси, на околу 80 километри од градот Палу. Само половина час подоцна, бранови до шест метри го потопија градот, уништуваа згради, поплавуваа возила и убија стотици луѓе. Според експертите, причина за високиот број жртви можеби е фактот што Индонезија нема напредни системи за откривање и предупредување од цунами.
Смртоносните бранови погодија и други области на Сулавеси, меѓу кои и градот Донгала, но засега има малку детали за степенот на уништување или за жртвите надвор од Палу. Засега бројот на настрадани е најмалку 844 лица, но властите предупредуваат дека конечниот црн биланс може да биде илјадници жртви.
Катастрофалното цунами често е резултат на тектонски мегаземјотреси, кои деформираат и движат огромни делови од Земјата вертикално по раседот. Тоа, пак, предизвикува поместување на огромни количества водена маса, при што се формираат бранови што може да патуваат со голема брзина низ океанските басени и да предизвикаат уништување на далечина од илјадници километри од епицентарот на земјотресот, пишува „Њујорк тајмс“.
– Цунамито од Индиски Океан во 2004 година, кое имаше бранови од над 30 метри и уби околу 250.000 луѓе од Индонезија до Јужна Африка, беше предизвикано од земјотрес со јачина од 9,1 степени близу Суматра.
Спротивно на тоа, поместувањето на плочите предизвикано од земјотресот во петокот близу Сулавеси беше главно хоризонтално, а тоа најчесто не создава цунами, но во одредени услови може да се случи и такво нешто – вели Патон.
Според него, понекогаш може да има и вертикално движење, што може да ја помести морската вода. Исто така, зоната на разурнување близу раседот, која во случајот била долга околу 110 километри, може да поминува каде што морското дно се крева или паѓа, така што кога раседот се движи за време на земјотресот, ја турка морската вода пред него. Друга можност е дека цунамито е создадено индиректно. Силното тресење за време на земјотресот можеби предизвикало подводни свлечишта и поместување на водената маса, што довело до формирање високи бранови. Ваквите појави не се невообичаени. Неколку слични беа регистрирани за време на земјотресот со јачина од 9,2 степени во Алјаска во 1964 година.
Патон вели дека комбинација од фактори може да придонесе за формирање. Истражувањата на морското дно ќе бидат клучни за разбирање на појавата.
– Нема да знаеме што ги предизвикало додека не се истражи појавата – вели тој.
Цунамито, исто така, можеби е овозможено и од самата местоположба на Палу на крајот од тесниот залив. Самото крајбрежје и контурите на дното на заливот можеле да ја насочат енергијата на брановите и да ги водат до заливот, зголемувајќи ја нивната висина како што се приближувале до копното. Такви ефекти, исто така, се забележани порано. На пример, Кресент Сити, Калифорнија, бил погоден од над 30 цунамија, меѓу кои и еден по земјотресот во Алјаска во 1964 година, во кој загинаа 11 лица, поради контурите на морското дно во регионот и топографијата и локацијата на градот.
Без оглед на потеклото, земјотресот со јачина од 7,5 степени не се очекува да создаде цунами што би се почувствувало низ целиот океан, туку најчесто тоа е локално, како што беше случајот со земјотресот во петокот во Индонезија.
– Цунамито се формира многу блиску до Палу, па жителите имаа малку време за да избегаат. Властите издадоа предупредување за цунами и го укинаа околу половина час по земјотресот, наводно откако градот бил погоден од брановите.
Индонезија во моментов користи само сеизмометри, ГПС-уреди плимомери за откривање цунами, кои имаат ограничена ефикасност – смета Луиз Комфорт, професорка на Универзитетот во Питсбург, која е вклучена во проект за инсталирање нови сензори за цунами во Индонезија.
Американските служби имаат сложена мрежа од 39 сензори на дното на океанот, што може да открие екстремно мали промени во притисокот што укажуваат на цунами. Потоа, податоците се пренесуваат преку сателит и се анализираат и, доколку е потребно, се издава предупредување за цунами. Комфорт вели дека Индонезија има слична мрежа од 22 сензори, но дека повеќето не се во употреба, бидејќи не се одржувани или се вандализирани.
Проектот на кој работи таа треба да ѝ обезбеди нов систем на Индонезија, кој би користел подморска комуникација за да се избегне користењето пловни објекти што би можеле да бидат вандализирани или погодени од бродови. Комфорт вели дека веќе разговарала за проектот со три индонезиски агенции и дека плановите за инсталирање прототип на системот во западниот дел на Суматра биле одложени минатиот месец.
– Не можеа да најдат начин да соработуваат. Тоа е жално, бидејќи технологијата е веќе тука – вели таа, предупредувајќи дека и во иднина ќе има цунами во Индонезија.