Од Украина тргнаа низа прашања што имаат глобален импакт, тестирајќи ги светските сили во контекст на

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет за признавање на двата региона во источна Украина, Донецк и Луганск – познати како Донбас, како независни ентитети. Веднаш потоа, Советот на Федерацијата, Горниот дом на Федералното собрание на Руската Федерација, ги ратификува договорите за пријателство и соработка со народните републики Донецк и Луганск. Советот на Руската Федерација едногласно ја усвои одлуката за ратификација на договорот. А, освен Русија, Донецк и Луганск ги признаа уште седум држави: Венецуела, Куба, Никарагва, Сирија, Јемен, Јужна Осетија и Абхазија, со што, според експерти од меѓународното право, тргна лавината на признавање држави и влади, во контекст на создавање нов статус и државноправен субјективитет на народните републики Донецк и Луганск.

Што содржи билатералниот договор на Русија со Донбас, со кој Москва го признава меѓународноправниот субјективитет на народните републики Донецк и Луганск

Според текстот на Договорот за пријателство, соработка и заемна помош меѓу Русија и народните републики Донецк и Луганск, заштитата на границите на ДНР и ЛНР ќе се врши со заеднички напори, засновани на сопствената безбедност, мир и стабилност. Договорите, исто така, предвидуваат дека секоја страна ќе ѝ даде право на другата да гради и користи воени бази и објекти на своите вооружени сили на нејзина територија. Договорите предвидуваат заштита на етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на националните малцинства. Граѓаните на Донецк и на Луганск ќе можат да имаат руско државјанство под услови утврдени со закон, а страните ќе склучат дополнителни договори за да се реши прашањето за двојното државјанство. Се утврдува дека документите издадени од државните органи и органите на локалната самоуправа на другата договорна страна се признаваат на територијата на секоја од договорните страни. Според договорите, Русија ќе преземе ефективни мерки за поддршка и функционирање на финансиските и банкарските системи на народните републики Донецк и Луганск, почнувајќи од фактот дека легално платежно средство на нивната територија е руската рубља.

Гутереш во ООН: Одлуката на Москва не е во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации

Само неколку часа по признавањето на независноста на Донецк и Луганск, Путин потпиша декрет со кој дозволи влез на војската во овој регион. Според неговите зборови, трупите само ќе изведуваат мировни функции.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, го критикуваше потегот на Русија како „кршење“ на суверенитетот на Киев.
„Генералниот секретар смета дека одлуката на Руската Федерација е повреда на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и не е во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации“.
Одлуката на Путин придонесе и Советот за безбедност на ООН да одржи вонреден состанок, каде што се разви жестока дискусија. Очекувано, за Америка, најновиот потег на Путин е обид да се најде изговор за натамошна инвазија. Путин го тестира меѓународниот систем и гледа до каде може да не притиска, сметаат САД.
САД ќе воведат санкции кон Русија за отворено прекршување на меѓународното право, независноста на Украина и територијалниот интегритет – рече Линда Томас-Гринфилд, претставничка на САД во Обединетите нации (ОН), во изјава по вонредниот состанок на Советот за безбедност вчера.
И највисоките функционери на ЕУ го осудија руското признавање на регионите Луганск и Донецк во источна Украина, нарекувајќи го потегот „еклатантно прекршување на меѓународното право“. Во заедничката изјава, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, најостро го осудија тој чекор на Москва, квалификувајќи го како „незаконски чин“. Мишел, Фон дер Лејен, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, ја споделија истата порака на социјалните мрежи.

Признавањето на двете сепаратистички територии во Украина е очигледно прекршување на меѓународното право, територијалниот интегритет на Украина и договорите од Минск. ЕУ и нејзините партнери ќе реагираат со единство, цврстина и одлучност во солидарност со Украина – заеднички истапија лидерите на ЕУ.
И претседателот на Естонија ја повика Европската Унија да воведе санкции за, како што рече, „грубо и неоправдано газење на меѓународното право“, а претседателот на парламентот на Литванија изјави дека „признавањето на сепаратистичките ‘републики’ од Донецк и Луганск од страна на Русија е неподносливо прекршување на меѓународното право и ‘еднострано повлекување од договорите од Минск’“.
Британскиот премиер Борис Џонсон остро го осуди руското признавање на сепаратистичките републики како „флагрантно кршење на суверенитетот и интегритетот на Украина“. Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека потегот на Путин „сигнализира крај на процесот во Минск и е прекршување на Повелбата на Обединетите нации“.
На ваквите ставови на Западот, во контекст на толкувањето на меѓународното право, се надоврза и Украина. Имено, претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека Киев ја разгледува можноста за прекин на дипломатските односи со Русија. Тој посочи дека толкувањето на меѓународното право и постапките на Москва се „правна агресија“. Зеленски смета дека „со оваа одлука Русија создава правна основа за натамошна оружена агресија врз Украина, прекршувајќи ги сите можни меѓународни обврски“.


Претседателот Владимир Путин потпиша декрет со кој се наредува влегување на руски трупи во регионот на Луганск и Донецк