Во една поранешна размисла за три типа писатели според нивниот однос кон власта, на Хронистерикот му ја определив колумната како жанр својствен за неговата нагла, нервозна природа, притоа стеснувајќи ја колумната исклучиво како напаѓачки, агресивен и не ретко безобѕирен облик на пресметка со политичките противници. Сега мора да се дообјаснам (исправам). Тогаш мислев на одредена категорија колумни, онаа што влетува во директна политичка борба. Тука Хронистерикот има предност – неговата директност, определеност, предизвикувачка циничност и склоност и талент за хиперболичност „легнуваат“ на вистинска почва. Хронистерикот е создаден за колумнист полемичар без пардон!
Но кога станува збор за поинаков тип колумни, и Трибунот и Кловнот впечатливо ги пишуваат, но со своја тактика, цел (и стил).
Трибунот е бранител на етички начела што ги промовира благодарение и на своето широко знаење. Тој ја гради (често веќе ја изградил) својата моќна позиција на влијателен член во општествениот живот, затоа ставот во неговите колумни е поткрепен со доминантен тон во обраќањето – кога пишува, тој, на некој начин, и ги подучува своите читатели и тие, на некој начин, се свесни за неговата надмоќ. Пишував колку е тешко да се стигне до позицијата „Трибун“ (особено во современиот книжевен живот) и колку е таа потребна, некогаш и неопходна, во градбата и опстојот на националниот културен, но и државен идентитет. Неговите колумни, и кога имаат политички повод, се развиваат во поширока етичка дискусија, со силно присутен есеистички контекст.
Кловнот го нема високиот социјален (и книжевен) рејтинг на Трибунот, ниту непосредната храброст на Хронистерикот. Но неговата вештина во пишувањето дејствува спонтано, тој знае дека несовршеностите на другите се и сопствени, дека светот е заплеткан во една замрсена, често мрачна игра и дека, ако веќе решил да биде и колумнист, ќе го брани повреденото своеглаво дете во секого од нас.
Текстуалната и човечка стратегија на Кловнот, споредувајќи со острината (некогаш брилијантна) на Хронистерикот, може да се чини недоследна или премногу приватна, особено во „интересните времиња“. Рафинираното избегнување на директните судири, вештината на маневрирање на Кловнот наспроти неприкосновениот став на Хронистерикот во сферата на литературата често кај читателот (а и критичарот) се определува како доказ за доследниот писател Хронистерик наспроти оној за недоследниот писател Кловн. Но како да се прифати оваа редукција, ако ја претпоставивме кловновската истражувачка писателска жед кон иновативното, кон неговата суштинска потреба да се биде слободен?
Ако ја употребиме сликата на летачкото јато во кое би се позиционирале особеностите на нашите фигури, лесно ќе ги пронајдеме птицата Трибун и птицата Хронистерик: првата е на челото на јатото, некогаш истурен, некогаш благ водач, а втората на работ, поостро фаќа кривини од преостанатите. Но птицата Кловн не може баш да се лоцира, ќе мора да се приближиме за да се воочи различноста на нејзиниот летачки стил – начинот на кој ги менува висината и брзината и бројот на замавнувањата на крилјата…
Збиеноста и краткоста, три-четири страници, ѝ даваат на колумната зголемена читаност во „интересните“, смутни времиња, што исто така го прави интересен и двочасовниот облик на театарот, каде што комуникацијата меѓу сцената и гледачот(ите) е активна и непосредна. И тука, во тоа соочување, можат да се воочат разликите меѓу авторскиот приод кон текстот и публиката, во зависност од тоа на која категорија (Трибун, Хронистерик, Кловн) тој ѝ припаѓа.
Кога гледаме и читаме хронистерички драмски текст, на пример „Кралот Иби“ на Жари, неговиот убиствен хумор во којшто пцостите и вулгарностите се ефектно искористени, а простачкиот говор на Кралот Иби и Мајката Иби уште повеќе ги истакнува нивната глупост и алчност, веднаш нѐ „напаѓаат“ асоцијациите на слични современи властодржни недостојници.
Кога, пак, се соочуваме со, на пример, „Вишневата градина“ на Чехов, се потсетуваме на незадоволството на авторот од постановката, зашто тој ја насловил како „комедија“, а Станиславски ја режирал како „трагедија“. Притоа Чехов забележал: „Ликовите се можеби на раб на солзи, но никогаш не плачат“. Навистина, судбината на Љубов Андреевна Рањевска и нејзиното пропаѓачко семејство, сама по себе тажна, може да се обликува во социјална трагедија, кај писателот со трибунски карактеристики, или во гротеска, кај хронистерикот. Но читателите (гледачите) на „Вишник“ атмосферата на завршетокот на една епоха ја насетуваат во малите нешта, во испрекинатите, некогаш недовршени реченици во кои се втопуваат нивните семејни секојдневија.
(продолжува)