Новата технологија и нејзината примена од страна на турција
Малку аналитичари предвидоа драматична промена во либискиот конфликт во април 2020 година. За помалку од десет дена, силите лојални на Владата на национална согласност ги користеа дроновите „бајрактар TБ2“ од турско производство за да го запрат нападот на фелдмаршалот Халифа Хафтар врз Триполи. Турските дронови имаа одлучувачко влијание во конфликтите во Сирија, Нагорно Карабах, а и во Украина. Најзначајните ефекти на дроновите може да се видат во економските можности и политичката потпора што ѝ ја дадоа на Турција. Благодарение на нивната ефикасност и достапност, тие еволуираа од обично воено средство во интегрална компонента на надворешната политичка стратегија на Анкара. Ако Европејците сакаат да се приспособат на оваа стратегија, ќе треба да разберат како Турција црпи воени и дипломатски придобивки од своите дронови.
Ниска цена, голема добивка
Дроновите беа главна предност за Анкара во експанзионистичката надворешна политика што ја спроведува во последните години. Турција ги покажа капацитетите на своите автохтони дронови на бојното поле преку пропагандни видеа. Овие системи ѝ помогнаа на Турција да излезе од долгогодишната регионална изолација и надворешнополитичка инерција за да ги зајакне постојните партнерства и да создаде нови. Турските дронови поседуваат најголем дел од капацитетите на западните, но по ниска цена. Така што, не изненадува тоа што Турција доби истакната улога во секторот во кој претходно доминираа САД, Израел и Кина. Списокот на земји што располагаат со турски дронови брзо се зголеми на девет, додека уште 16, вклучувајќи и членки на НАТО, како Полска, Латвија, па дури и Велика Британија, доставија нарачки или изразија интерес.
Досега, од дроновите се оствари заработка од најмалку 700 милиони долари од продажба од турските одбранбени компании и се поттикнаа дополнителни 3,2 милијарди долари во турскиот одбранбен извоз. Дипломатијата со дронови често води до профитабилни, долгорочни партнерства изградени на обезбедување резервни делови, муниција, обука и друга техничка помош. Растечкото воено партнерство меѓу Турција и Украина е пример за тоа. Турција сега купува украински мотори, додека двете држави тесно соработуваат на истражување и развој. Анкара, исто така, користеше дронови за да развие клучни аспекти од својата политика кон Африка. Преку ваквата дипломатија, Турција ги зајакна своите односи на високо ниво со Етиопија и Мароко, во кои има значителни економски и геополитички интереси.
Големата моќ носи голема одговорност
Додека турските дронови придонесоа за одлучувачки победи во Либија и во Нагорно Карабах, тие не беа во можност да го сторат тоа во конфликтите во Донбас и Западна Сахара. Тие воведоа дополнителна дестабилизирачка динамика во веќе сложените региони, ги загрозија односите на Турција со важните сили како Алжир и Русија и создадоа компликации за НАТО и западните мултилатерални иницијативи. Понатаму, Анкара не може да контролира како нејзините дронови ќе се користат од земјите што ги купуваат. Турската политика за непоставување прашања за употребата на дроновите може да ѝ наштети на нејзината меѓународна репутација. Државите користат дронови не само за поддршка на сојузниците и стекнување нови пријатели туку и за да ги принудат конкурентите и да ги ограничат нивните можности да одговорат. Распоредувањето дронови над источниот Медитеран ги зголеми тензиите во регионот. Затоа, во интерес на Анкара е да примени ефективни механизми за надзор и стандарди за одговорност за нејзината употреба и извоз на технологија за дронови.
Импликации за Европа
Растот на турската дипломатија со дронови носи воени и дипломатски лекции за Европа. Воено, Анкара е пионер на иновативна доктрина за распоредување дронови како поддршка на силите за копнени операции и како евтино средство за собирање разузнавачки информации и неутрализирање на непријателската одбрана. Турција е само најновата и најуспешна земја што усвоила технологија што помага да се разводни западната воена хегемонија. Геополитички, Турција покажа како дроновите можат да бидат моќна алатка во надворешната политика. Додека европските земји се борат да градат партнерства на Блискиот Исток и Северна Африка, а САД се насочуваат кон Азија, Анкара покажа како инвестициите во дронови можат да ги спречат нејзините партнери да бараат нови сојузници. Според тоа, европските држави треба да инвестираат повеќе ресурси во оваа технологија и да не им дозволат на нивните ривали да продолжат да доминираат во секторот, а исто така треба да ги засилат своите напори да станат лидери во регулирањето на технологијата на дроновите.
Со создавање ефективни мерки за надзор и заеднички збир на насоки засновани на меѓународното право и хуманитарните стандарди за заштита на цивилите, Турција и Европа би можеле да ја обликуваат јавната дебата за технологијата на дронови и нејзините воени импликации, притоа поттикнувајќи поблиска меѓусебна соработка за развојот на ваква технологијата. НАТО може да обезбеди идеален форум за такви иницијативи. Таквиот пристап, исто така, може да го олесни зближувањето меѓу европските држави и Турција и може да ја одврати Анкара да користи дронови за да стекне стратегиска предност во соседството на ЕУ. Во спротивно, само ќе се зголеми јазот меѓу Анкара и Европа во време на зголемена нестабилност во соседството, а растечкиот геополитички притисок води до уште понеопходна соработката и кохезија.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска