Февруарскиот поход има извонредно историско и воено значење за македонската антифашистичка борба против силите на Оската, меѓу кои била и фашистичка Бугарија. Походот е една од најзначајните воено-тактички операции за време на македонската народноослободителна борба во текот на Втората светска војна. Февруарскиот поход, кој траел еден месец, во должина од околу 400 километри, во најнеповолни временски услови, покажал дека антифашистичката борба има масовен општонароден карактер во Македонија

НЕ БЛЕДНЕАТ СЕЌАВАЊАТА НА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА И БОРБАТА ЗА НАЦИОНАЛНО И СОЦИЈАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Антифашизмот како принцип на
македонската борба

Во екот на Втората светска војна, на територијата на Македонија, по окупацијата на македонскиот народ од страна на силите на Оската – нацистичка Германија, фашистичка Италија и царска Бугарија, доаѓа до појава и развој на антифашистичкото движење на Македонците.
Како главен водач и раководител на македонската антифашистичка борба се појавуваат македонските комунистички организации, меѓутоа околу нив се обединуваат сите македонски граѓански либерали и демократи, како и поборниците на идејата за создавање македонска држава и афирмација на македонските национални особености.
Сите овие прогресивни сили се обединија околу борбата против фашизмот и започнаа конкретни дејанија против силите на Оската и нивните соработници на македонската територија. На овој начин македонските партизански единици и Народноослободителната војска на Македонија со своите борбени дејства против бугарската, германската и италијанската армија дадоа придонес во заедничката борба на антифашистичката коалиција предводена од Советскиот Сојуз, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.

Засилување на македонското народноослободително востание

Февруарскиот поход, кој траел еден месец, во должина од околу 400 километри, во најнеповолни временски услови, покажал дека антифашистичката борба има масовен општонароден карактер. Воените дејства се одвивале во февруари 1944 година, на територијата на источна, централна и западна Македонија. Во почетокот на јануари 1944 година, главнината на партизанските единици и македонската војска, заедно со военото раководство, се наоѓале јужно од Кожув. Тука се наоѓале Втората македонска бригада и три поголеми воени единици.
Против македонските партизански единици и македонската народноослободителна војска, германската и бугарската окупаторска армија презела воени дејства со цел да ги неутрализираат. Меѓутоа, двете офанзиви на германската и бугарската армија биле неуспешни и Главниот штаб на НОВ и ПОМ одлучил дека се создадени услови за воено настапување кон источниот, централниот и западниот дел на Македонија.
Според планот на Главниот штаб, Првата македонско-косовска бригада требало да тргне преку Мариово, Азот и Порече кон западна Македонија. Втората македонска бригада требало да тргне од селото Зборско, во борбени дејства во реонот на Тиквешко и Гевгелиско, со задача кон себе да привлече што повеќе окупаторска војска за да го олесни дејствувањето на Првата и Втората борбена група.
Третата борбена група, наречена Тичова група, заедно со Главниот штаб, требало преку Беласица, Плачковица и Осогово да дојде до Кумановско. Откако ја преминала реката Вардар, во близината на Солун, оваа група по десетина дена пристигнала во Источна Македонија.

Значењето на Февруарскиот поход

Февруарскиот поход има извонредно историско и воено значење за македонската антифашистичката борба. Походот е една од најзначајните воено-тактички операции за време на македонската народноослободителна борба во текот на Втората светска војна. Со Февруарскиот поход беа создадени поголеми географски целини на македонските ослободени територии.
Походот има извонреден значаен придонес за мобилизирање нови борци и понатамошно разгорување на антифашистичката борба. Походот дополнително го засилува општото народноослободителното востание на македонскиот народ.
Според Тодор Атанасовски, поранешен генерал-полковник и првоборец, со Февруарскиот поход и особено со Пролетната офанзива биле создадени поголеми слободни територии, со што се создале услови за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) и поставување на темелите на современата македонска држава.