Многумина од избраните и именуваните лица, по престанокот на функцијата, го користат правото на апанажа. Имено, околу деведесет проценти од поранешните функционери ја искористуваат можноста за добивање апанажа. И овој пат Владата ја извести јавноста дека постапува исклучиво во согласност со обврските што произлегуваат од Законот за влада, односно со измените направени во 2016 година Владата има обврска да обезбеди на користење возило, возач и безбедносна заштита на поранешен претседател на влада, онолкав период колку што му траел завршениот мандат
Користењето апанажа кај поранешните носители на функции како повод
Некои од пратениците поднесоа барања за апанажа, а поранешните претседатели со години примаат државна пензија. По секоја смена на парламентарниот состав или на влада, станува актуелно прашањето за тоа дали поранешните функционери се попривилегирани во однос на другите граѓани по истекот на нивните договори за работа или со губењето на работното место. По изборот на новата влада, на листата на министри што се пријавиле да земаат плата се и Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Никола Димитров. Во врска со информациите во медиумите за правата на поранешните премиери, Владата ја извести јавноста дека постапува исклучиво во согласност со обврските што произлегуваат од Законот за влада. Со измените направени во 2016 година, Владата има обврска да обезбеди на користење возило, возач и безбедносна заштита на поранешен претседател на влада, онолкав период колку што му траел завршениот мандат.
Претходниот премиер Зоран Заев се откажа од апанажата и планира да се вработи во една од семејните фирми. Од сите привилегии што законски му следуваат како поранешен премиер, ќе го искористи само обезбедувањето. Тој се откажа од користење службено возило и од возач. Според Законот за влада, тој има право да користи привилегии вкупно четири и пол години, односно толку време колку што ја извршуваше премиерската функција.
Во поглед на обезбедувањето, Заев вели дека ваквата привилегија ќе ја користи делумно, иако законот предвидува да му бидат доделени шестмина телохранители од Министерството за внатрешни работи (МВР), кои самиот ќе си ги одбере и кои ќе го чуваат 24 часа.
Привилегијата за шестчлено обезбедување на поранешните премиери е донесена во 2013 година, преку измени на Законот за влада. Претходната власт, на чело со бившиот премиер Никола Груевски, го правдаше тоа со аргументот дека на тој начин ќе се зајакне позицијата на премиерот во борбата против криминалот и корупцијата, не стравувајќи од одмазда кога нема да биде на власт. Барањата на тогашната опозиција за укинување на овие привилегии не беа прифатени, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека е оправдано поранешни високи функционери да имаат 24-часовно обезбедување во времетраење колку што биле на функција, напоменувајќи дека во Македонија имало обиди за атентати на поранешни претседатели што сè уште не се расветлени.
Поранешните претседатели на државата имаат најмногу привилегии по завршувањето на претседателскиот мандат. Лично обезбедување, службен возач, посебен кабинет по негов избор и персонал од најмногу три стручни лица, платени материјални трошоци, како и претседателска пензија, се привилегиите што ги доби поранешниот претседател Ѓорге Иванов по завршувањето на неговиот втор мандат. Неговиот претходник, Бранко Црвенковски, исто така ги користи привилегиите по завршувањето на претседателскиот мандат.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во 2020 година изработи анализа за употребата на буџетските средства од страна на државните органи, односно како институциите ги трошат парите за апанажа, закуп на станови, патни трошоци, службени возила, репрезентација… При објавувањето на содржината на оваа анализа, од ДКСК поднесоа предлози за да се преиспита висината на апанажата. Според тогашните сознанија, од 2014 до 2018 година од Владата и Собранието, како институции, 107 лица користеле апанажа. За овие надоместоци во набљудуваниот период биле потрошени 1.806.000 евра. Просечен износ на апанажа за Влада бил месечно 71.178 денари, а за Собрание 100.000 денари, објавија тогаш од ДКСК.
– Оттогаш нема никакви повратни реакции од надлежните државни институции. Нашето внимание во анализата беше насочено и кон трошењето на буџетските средства за функционирањето на канцелариите на поранешните претседатели на државата. Не верувам дека нешто ќе се промени, зашто никој од политичарите што се на актуелните пратенички и министерски функции нема да преземе нешто против сегашните привилегии за поранешните функционери – ни изјави еден член на ДКСК.
Анализата покажува дека избраните и именуваните лица, по престанокот на функцијата, во голем процент го користат правото на апанажа. Околу деведесет проценти од поранешните функционери ја искористуваат можноста за добивање апанажа. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, ни изјави дека целта на нивниот извештај беше да се посочи на непродуктивните трошења на буџетските средства, а во тоа спаѓаат и апанажите, како и користењето на другите привилегии.
– Единствено што има поместување е во однос на користењето на службените возила, за што и од Владата беше донесен соодветен акт за ограничување на употребата на службениот возен парк. Во другите делови нема изразена волја да се смени нешто и останува на политичарите да покажат доблест дека ќе се откажат од апанажата. Логиката на другите граѓани е дека по завршувањето на функцијата, секој треба да се врати од каде што дошол. Ако некој бил именуван на некоја функција, како експерт во својата област, тогаш природно е да очекуваме тој да се врати на старата професија. На пример, и јас сум ревизор и по завршувањето на мојот мандат во Комисијата, ќе се вратам во ревизорската дејност. Добро е ние како Комисија и вие како новинари да укажуваме на овие недоследности, но на крајот политичарите се тие што треба да одлучат за намалување на привилегиите, па и за висината на апанажата во износ на целата плата, макар тој и да не работел ништо во тој период – ни изјави Ивановска.
Барањата за користење апанажа повторно предизвикаа реакции кај дел од граѓаните, кои го поставуваат и прашањето зошто бившите функционери се преференцијална категорија во општеството, односно и покрај огромните плати што ги земале како функционери и сите други привилегии што ги уживале, повторно да продолжат да живеат на државна сметка, и тоа во период кога голем број од работниците се соочуваат со опасноста од губење на работните места, поради економската и здравствената криза. Некои од граѓаните дури упатуваат и на принципот на уставното право за еднаквост на граѓаните…
Од Левица најавија дека ќе достават до Собранието предлози за измена на Законот за пратеници во делот што се однесува за примање надоместоци во зависност од траењето на мандатот, но најмногу до една година. Предлогот на Левица ќе биде за целосно укинување на правото на апанажа.
– Обичен работник во Република Македонија што ќе остане без работа може да зема само 50 отсто од просечната нето-плата што ја земал последната година, и тоа под услов само ако има минимален работен стаж од 9 месеци без прекин или 12 месеци со прекин. За да може работникот да земе надоместок по основа на невработеност, треба да се исполнат уште многу други услови. Од друга страна, за министрите не се предвидени никакви услови, па, така, ним им следува 100 отсто од платата што ја земале додека биле министри, а за министерување од 24 месеци, законот предвидува можност за земање апанажа од 12 месеци. Додека, пак, едно невработено лице за да земе надоместок по основа на невработеност 24 месеци, потребно е да има работен стаж од 25 години – посочуваат од Левица.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, во изјава за нашиот весник апелира до сите пратеници во македонското собрание да го изгласаат предлогот за зголемување на минималната плата за работниците и таа да изнесува 60 отсто од просечната исплатена плата во земјата или во износ од 18.000 денари.
– На овој начин пратениците, кои имаат право на апанажа, ќе покажат еднаков интерес за зачувување на правата на работниците од работен однос, во услови на влошена економска состојба. Се надеваме народните избраници ќе го изгласаат предлогот на синдикатот, кој се однесува и за усогласување на минималната плата во согласност со колективните договори – вели Димовски.
Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица им овозможува на функционерите, во зависност од должината на мандатот, да добиваат надоместок во траење од 3, 6, 9 или 12 месеци по престанокот на функцијата, во висина на платата што ја добивале за функцијата. Друга можност, за функционери што биле вработени пред да стапат на функција е едноставно да се вратат на старото работно место.