Краткотрајната загриженост на авиокомпаниите отвори бројни прашања
Игор Бојаџиев од АЕК за „Нова Македонија“ даде објаснување за функционирањето на 5Г базните станици и за можните мерки кои можат да се преземат во ситуацијата која беше забележана во САД
Големите авиокомпании продолжија со вообичаеното работење по низата откажани летови поради загриженоста оти 5Г-мрежите во САД би можеле да ја загрозат безбедноста на авиосообраќајот. „Бритиш ервејз“, „Џапан ерлајнс“, „Луфтханза“ и „Емирејтс“ се меѓу компаниите кои завчера најавија откажување или измени во распоредот на летовите за САД, а ден подоцна потврдија оти не очекуваат понатамошни откажувања, враќајќи се на вообичаениот тек на работа, како што објавува „Си-ен-ен“. Загриженоста беше краткотрајна, но отвори прашања за влијанието на 5Г-технологијата врз работата на авиокомпаниите. Игор Бојаџиев од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за „Нова Македонија“ даде објаснување за функционирањето на 5Г базните станици и за можните мерки кои можат да се преземат во ситуацијата која беше забележана во САД.
– Веројатно дека загриженоста произлегува од можноста да дојде до несакани ефекти при емисијата на сигнал од 5Г базните станици. При работата на базните станици може да дојде до дефект од различни причини како што се, старост на опремата, временски влијанија, механички повреди… па самата базна станица да почне да врши емисија надвор од радиофреквенцискиот опсег во кој што би требала да работи. Во таков случај базната станица би го побудила приемникот кој е поставен во леталото, кој што служи за определување на висината на леталото, а тоа да доведе до несакани ефекти во текот на летот. Секако дека можат да се преземат мерки. На пример, можно е да се постават филтри на базните станици кои ќе ја спречат емисијата од базните станици во опсезите кои што не се предвидени за нивна работа, така што таквите филтри би го пропуштале сигналот само во предвидениот радиофреквенциски опсег, а надвор од тој опсег сигналот ќе биде пресечен. Друга мерка која може да се спроведе е соодветно репланирање на радиофреквенциските опсези во Националниот план за намена на радиофреквенции – вели Бојаџиев, кој е советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции во АЕК.
Претходно, американската Федерална комисија за авијација ги поддржа барањата на тамошните авиокомпании за одложување на пуштањето на 5Г базните станици во САД, поради стравување дека технологијата би можела да влијае врз авионските системи. Во САД се користат фреквенции во опсегот од 3,7 до 3,98 гигахерци (ГХц), кои се поблиски до фреквенциите на радарските висиномери од 4,2 до 4,4 ГХц, додека се смета дека во Европа не се забележани вакви проблеми поради различните фреквенции во опсегот од 3,4 до 3,8 ГХц.
– Во САД еден од радиофреквенциските опсези кој е предвиден за имплементирање на 5Г e опсегот 3,7-4 ГХц. Во Европа тој опсег е од 3,4-3,8 ГХц. И во Македонија согласно Националниот план за намена на радиофреквенциските опсези, опсегот 3,4-3,8 ГХц e наменет за Мобилна служба во кој се предвидува воведување на 5Г. Треба да се знае дека македонскиот План за намена на радиофреквенциските опсези е во значителна мера хармонизиран со европскиот (повеќе од 90 отсто). Потоа, од 3,8-4,2 ГХц согласно македонскиот план, опсегот е наменет за фиксна-сателитска служба, а опсегот од 4,2-4,4 ГХц e наменет за службата за Воздухопловна радионавигација. Радиофреквенцискиот простор кој е оставен помеѓу службите за мобилна и воздухпловна радионавигација во Македонија е сосема доволен, дури и при евентуални прошприцувања на неисправни предаватели од базни станици, тој несакан сигнал да не може да го афектира приемникот во леталото. Мора да се напомене и фактот дека сите базни станици на Земјата се со елевација кон Земјата, а не нагоре кон небото, така што и на овој начин се прави една дополнителна заштита за 5Г да не може да врши какво било влијание на уредите во леталата – посочува Бојаџиев.
Телекомите ги отфрлија сомнежите дека 5Г-мрежата би можела да им пречи на авионските радарски висиномери.
– Телекомите со право ги отфрлаат сомнежите, имајќи го предвид нивното досегашно искуство во справување со ваков тип на проблеми, а уште повеќе што 5Г-технологијата е далеку попаметна од постоечките и за проблемите од ваков тип може да се каже дека се сведени на минимум. Тоа го потрдува и самата карактеристика на 5Г-сигналот која има форма скоро на правилен правоаголник – заклучува Бојаџиев.