СПОРЕД СТАТИСТИКИТЕ ПО ГРУПНАТА ФАЗА
Селекцијата на Германија го демонстрираше најефикасниот напад со просек од 32,3 гола по меч, а актуелниот светски првак Данска ја одигра најдобрата одбрана во групната фаза на Европското првенство (ЕП) во Унгарија и Словачка со просек од 22,3 примени голови по натпревар, што резултираше и со најмногу реализирани контри
Со комплетирањето на групната фаза од Европското првенство во Унгарија и во Словачка, македонската ракометна репрезентација го забележа најслабиот пласман во својата историја на континенталните шампионати, завршувајќи на 22-то место.
Македонските ракометари во три наврати беа поразени од селекциите на Словенија (25-27) Црна Гора (24-28) и Данска (21-31). Лошата игра, слабата ефикасност и големиот број на технички грешки на избраниците на селекторот Кирил Лазаров се отсликаа и во вкупната статистика на шампионатот по завршувањето на првата фаза од натпреварувањето.
Македонија е селекцијата која направи најмногу технички грешки во групната фаза – вкупно 45, или во просек 15 по меч, додека пак најконцентрираниот напад го демонстрираше селекцијата на Норвешка, која во трите меча загуби 16 топки или 5,3 во просек по меч. Шпанците загубија 18 (шест по меч) а Германиците 19 топки (6,3).
За разлика од ЕП 2020 година кога главна карактеристика на играта во македонскиот состав беше меѓусебното проигрување, односно асистирање, со просек од 19,6 асистенции по меч (најдобар просек на шампионатот), овој пат избраниците на Лазаров меѓусебно си асистираа само 32 пати (10,6 по меч) што е втор најслаб ефект по групната фаза (Украина забележа само 19 асистенции). Најтимската игра во првите три меча од шампионатот ја демонстрираше селекцијата на Шпанија со 66, односно 22 меѓусеби асистирања по меч, додека пак веднаш зад неа се Германија со 64 и Чешка со 62 проигрувања.
Селекцијата на Германија го имаше најефикасниот напад со просек од 32,3 гола по меч, додека пак актуелниот светски првак Данска ја одигра најдобрата одбрана во групната фаза на ЕП со просек од 22,3 промени голови по натпревар. Македонските ракометари во трите меча од групната фаза имаа реализација од 70 гола (23,3 по меч) што е за три гола помалку во просек од претходното ЕП, кога реализацијата на нападот резултираше со 26,3 гола по меч. На овој шампионат Македонија прими 86 гола (28,6 по натпревар) што е за два повеќе од 2020 година (84 гола, 28 просек по меч).
Брзата контра и транзицијата беа најприсутни во играта на Данска и Холандија. Данците реализираа 19 контранапади, додека пак Холанѓаните 20 пати поентираа од брза транзиција.
Споредбено со ЕП 2020, Македонија забележа напредок во сегментот транзиција, бидејќи на овој шампионат македонските ракометари постигнаа 17 гола од фаза на контранапади, за разлика од 2020 кога реализираа само четири транзиции.
Статистички подобрен ефект Македонија бележи и во сегментот на голмански одбрани. Во трите меча во Дебрецин македонските чувари на мрежата одбранија 35 удари кон својот гол (11,6 по меч), за разлика од 2020 кога ефектот по групната фаза беше 29 одбрани (9,6 по меч).
Најдобрата голманска поддршка во групната фаза ја имаа селекциите на Франција и Русија со по 42 голмански интервенции (14 по меч).
На шампионатот во Унгарија и Словачка македонските ракометари се на првата позиција во категоријата „фер плеј“, односно селекција со најмалку исклучувања и досудени жолти и црвени картони. Во трите меча по групи, македонските ракометари направија само седум прекршоци за исклучување од две минути и само два жолти картони. Најгрубата одбрана во групната фаза ја демонстрираше селекцијата на Црна Гора на која и беа досудени 17 исклучувања по две минути, шест жолти и еден црвен картрон. По 17 исклучувања добија и селекциите на Португалија, Исланд и Унгарија.
АСИСТЕНЦИИ
Шпанија 66 (22 по меч)
Германија 64 (21,3)
Чешка 62 (20,6)
—-
Македонија 32 (10,6)
Украина 19 (6,3)
ТЕХНИЧКИ ГРЕШКИ
Македонија 45 (15)
Украина 40 (13,3)
Белорусија 37 (12,3)
———-
Норвешка 16 (5,3)
Шпанија 18 (6)
КОНТРИ
Данска 19 (6,3)
Шпанија 16 (5,3)
Хол/Унг 14 (4,6)
————
Македонија 5 (1,6)
Босна и Хер. 2 (0,6)
ТРАНЗИЦИЈА
Холандија 20 (6,6)
Хрв/Исл 19 (6,3)
Германија 18 (6)
—-
Македонија 17 (5,6)
Норвешка 3 (1)
Русија 1 (0,3)
НАПАД
Германија 97 (32,3)
Данска 95 (31,6)
Фра/Нор 92 (30,6)
———-
Македонија 70 (23,6)
БиХ 61 (20,3)
ОДБРАНА
Данска 65 (22,3)
Франција 70 (23,3)
Хрватска 72 (24)
—————
Македонија 86 (28,6)
Украина 105 (35)
ГОЛМАНИ
Фра/Рус 42 (14)
Словачка 39 (13)
Чешка 38 (12,6)
————–
Македонија 35 (11,6)
ПЛАСМАН:
13. Чешка
14. Србија
15. Унгарија
16. Словенија
16. Белорусија
18. Словачка
19. Португалија
20. Австрија
21. Литванија
22. Македонија
23. БиХ
24. Украина