Фото: Игор Бансколиев

Пред две години, како последица на карантините, многу родители одлучија на своите деца да им купат или вдомат миленици, односно мачиња или кучиња, за децата да не бидат осамени и да не им е досадно во затворен простор. И тоа тогаш изгледаше како многу разумна и рационална одлука на семејствата. Ем вдомено и прибрано животно од улиците, ем децата стекнуваат посебен однос и љубов, но и чувство за обврска кон друго живо суштество. Откако изминаа долгите и тешки две години во кои живеевме затворени дома, мерките се олабавија, а животот полека се врати на новото нормално. Сега масовно се напуштаат домашни миленици, насекаде се бараат активисти на кои ќе им се „тупнат“ животните за семејствата да се спасат од обврската за која сами платија

РЕГИСТРИРАНА ПОЈАВА НА МАСОВНО ИСФРЛАЊЕ НА УЛИЦА НА ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ

Домашните миленици, поточно кучињата ја платија цената од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Хуманитарците што се занимаваат со оваа проблематика велат дека како последица на карантините што ни се случија пред речиси две години, многу семејства се одлучија да вдомат или да си купат миленик, за да можат нивните деца да се занимаваат дома. Меѓутоа, откако се олабавија мерките, многумина се вратија на работните места, а децата на училиште и во градинка, меракот за домашен миленик кај многумина спласна, па сега масовно се пуштаат по улиците или се препродаваат и вдомуваат по групите за миленици.

СОПСТВЕНИЦИ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД СВОИТЕ ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ

Пандемијата предизвикана од коронавирусот скапо ја наплаќа својата цена. Пред две години, како последица на карантините, многу родители одлучија на своите деца да им купат или вдомат миленици, односно мачиња и кучиња, за децата да не бидат осамени и да не им е досадно во затворен простор. И тоа тогаш изгледаше како многу разумна и рационална одлука на семејствата. Ем вдомено и прибрано животно од улиците, ем децата стекнуваат посебен однос и љубов, но и чувство за обврска кон друго живо суштество.
Сите, а особено активистите за животни тогаш имаа надеж дека навиките во метрополата се подобруваат, односно дека на тој начин Скопје ќе стане поубав град, град на миленици и деца што ќе знаат како да се однесуваат со нив.
За жал, сѐ што е убаво кратко трае, па, така, и ова чудо. Откако изминаа долгите и тешки две години во кои живеевме затворени дома, мерките се олабавија, а животот полека се врати на новото нормално. Со тоа и семејствата се адаптираа на новиот начин на функционирање, но направија една голема грешка.
Сега масовно се напуштаат домашни миленици, насекаде се бараат активисти на кои ќе им се „тупнат“ животните за семејствата да се спасат од обврската за која сами платија.
– Последниве денови по групите за миленици гледам алармантна бројка на сопственици што се откажуваат од своите миленичиња по година и пол или две чување, а причините се различни и банални. Треба да сфатите дека миленик е веќе дел од семејството, тоа е исто како да се откажувате од член на семејството. Тие веќе се навикнати на вас, на домот, цела љубов ја имаат за вас. Ако на таа возраст ги дадете некаде, тешко е за нив да се привикнат, ќе бидат под стрес и голема е веројатноста тој што ги вдомил да ги исфрли на улица поради нетрпеливост, затоа што му се даваат на првиот што ќе им пише, само за да се ослободат од нив.
Доколку земате животинче, прво добро размислете, затоа што тоа треба да е за целиот негов живот, а не кога ќе ви помине меракот или при првото патување да одлучите да го дадете некаде или да го оставите на улица. И животните, како и луѓето, имаат емоции, чувства и болка, така што апел до сите што сакате да ги напуштите – дајте им шанса, немојте да си играте со нечиј живот – апелира Тина Мицковска, прва соработничка и заменичка на директорот на скопската зоолошка градина и борец и активистка за заштита на животните.
Според неа, пандемијата сега го покажа правото лице, бидејќи многумина што тогаш зеле животно, сега го отфрлаат или сакаат да го остават.
– Кога почна пандемијата, во март 2020-та, сите земаа куче, маче, зајче, демек занимација за во карантин и децата кога учеа онлајн и сега ги гледаме последиците. Точно по година и пол или две, сакаат да се ослободат од нив – истакна таа.

НЕКОИ СЕ КААТ ШТО ЗЕЛЕ МИЛЕНИК ШТО НЕ МОЖАТ ПОВЕЌЕ ДА ГО ЧУВААТ

Дека тоа што го тврдат активистите за заштита на животните е вистина потврдуваат и некои од семејствата што веќе зеле обврска да чуваат домашен миленик, меѓутоа се оправдуваат со фактот дека работните обврски, кои се вратија со полна пареа, не им дозволуваат да се грижат за миленик.
– Јас работам 12 часа во една смена. Излегувам во осум наутро, се враќам во осум навечер. Мојот сопруг работи како таксист, значи тој воопшто нема смена, туку вози цело време за да може да обезбеди финансиски средства. Децата во моментот, бидејќи е распуст, се кај бабите и дедовците, значи дома немаме никој. Кучето што го зедовме кој ќе го чува? Нели е похумано да му го дадеме на семејство што ќе има време да се грижи за него, отколку по цел ден да седи затворено во стан само? Да, зедовме куче за време на пандемијата, меѓутоа, ете, згрешивме, затоа што не размисливме дека некогаш сепак ќе заврши пандемијата. Гревота е да се земе живо суштество, а да не си присутен воопшто со него. Едноставно, кучињата бараат многу љубов и внимание, а ние во моментот не можеме да се видиме меѓусебно, ниту сите заедно да бидеме дома. Жално е за кучето, но во семејството каде што го вдомивме, ќе го има сето потребно внимание – вели Катерина Смилковска.
Жителите на Бутел, пак, велат дека во оваа општина се забележуваат поголем број улични кучиња.
– Живеам во Бутел 2 и она што лично можам да го потврдам е дека одеднаш се појавија три-четири кучиња што досега ги немам видено тука. Јас редовно излегувам и оставам храна за птиците и за кучињата, бидејќи ми е навистина жал да лутаат гладни и жедни. Мислам дека причината е нивно напуштање, бидејќи досега овие кучиња ги немам видено во мојата населба – вели Филип Тодоровски.