Корупцијата како феномен денес претставува сериозна закана за функционирањето на правната држава. Тоа значи дека наместо да владее правото со неговите норми, владеат поединци, раководени од користољубиви цели и во согласност со интересите. Оваа сублимирана дефиниција на корупцијата може да се прочита во најновата студија-истражување „Граѓаните за корупцијата“, спроведена од универзитет „Св. Климент Охридски“ од Битола и Факултетот за безбедност од Скопје, а промовирана вчера во ЕУ-инфоцентарот во Скопје.
Истражувањето, во текот на пет години (2013-2018 г.) го спроведуваа четворица професори на Факултетот за безбедност, д-р Цане Мојаноски, д-р Марина Малиш-Саздовска, д-р Марјан Николовски и д-р Катерина Крстевска Савовска.
За пет години истражување, анкетирани се 1.200 испитаници од целата територија на Македонија. Еден од заклучоците на студијата е дека најкорумпирани професии во Македонија се: лекарите, полицајците, цариниците и универзитетските професори, но и оние во средните училишта. Најзастапена коруптивна злоупотреба е пречекорување на овластувањата и положбата. Истражувањето низ годините покажало дека 20 отсто од испитаниците биле во ситуација да дадат мито, додека 60 отсто се изјасниле дека не се нашле во таква ситуација. Сепак, голем е процентот и на оние што воопшто не се изјасниле по ова прашање. Најчест начин на кој се врши корупцијата (модус операнди) е класично давање мито пари во готово, но се применува и начинот – пари на сметка, како и вршење одредени услуги.
Граѓаните што учествувале во петгодишната анкета се изјасниле дека за корупцијата најмногу се информираат од медиумите, што ја потврдува моќта на медиумите во креирањето на јавното мислење.
Резултатите покажале дека централниот проблем е во институционалната корупција!
– Анализата укажува дека перцепцијата на корупцијата се концентрира околу определена група индикатори поврзани со институциите и институционалната поставеност, како и со носителите на функциите и оние што се задолжени за јавните услуги. Анализата на резултатите укажува дека борбата против корупцијата е неефикасна поради опфатеноста со неа на функциите и институциите чија првенствена и основна задача е да работат на создавањето правна рамка и општествени услови за справување со неа – констатира професорот Цане Мојановски, кој всушност бил водач на тимот истражувачи.