Неколку дена пред референдумот оцените за кампањата, која се одвиваше и во двата табора, се дека таа мина во една мирна, но малку конфузна и збунувачка атмосфера, иако првичните најави беа дека ќе биде максимално информативна и транспарентна. Се чини дека сега граѓаните се позбунети отколку на почетокот на кампањата. Лажни вести, меѓусебни политички обвинувања и сеење непотребен страв во пораките беа главна пропагандна техника, при што рационалното кај граѓаните се потиснуваше на сметка на емотивното, а со тоа публиката стануваше лесен плен на какви било манипулации од различните информациски центри во пресрет на референдумот.
Дури и министерот за надворешни работи Никола Димитров, согледувајќи ги таквото разногласие и нејаснотиите на пораките упатени кон граѓаните на крајот од кампањата, одлучи на прес-конференција во Владата преку табли со напишани конкретни членови од договорот да ги „доразјасни клучните елементи“ од спогодбата со Грција.
Таквиот чекор на Владата за познавачите на состојбите говори дека во кампањата сепак преовладеала пропагандата наместо тежиштето да биде на информирањето. Според аналитичарите, тоа особено било видливо на социјалните мрежи. Одредени предреферендумски пораки, пак, воопшто не кореспондирале со реалноста, се однесувале на некоја далечна и неизвесна иднина и, очигледно, нивната цел е само да примамат што повеќе гласачи, велат упатените.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека доминираше мирна кампања, во која, како што објаснува, имало умерена пропаганда, со тежиште кон објаснување на придобивките на земјава од зачленувањето во ЕУ и во НАТО. Сепак, тој додава дека проблемот со лажните вести и чекорот на кој се обидоа некои политичари да ја протуркаат кампањата во негативна, со сеење страв и уцени, не успеа.
– Начинот на кој министерот Димитров го објасни тоа пред јавноста, ги трга сите дилеми за оние што сакаа да слушнат сѐ за спогодбата. За оние што не ја сакаат вистината, тие пораки што ги упати Димитров нема да може да стигнат до нив.
Шефот на македонската дипломатија како најупатен, јасно, концизно и прецизно ги објасни договорот и сите нејаснотии во него за народот, каде што и нестручните лица можеа да слушнат, видат и да сфатат за што станува збор. Обидите за девалвирање на европските интеграции кон членовите во договорот не беа успешни, па се појде на друг концепт на кампања, преку лажни вести и небулози, со што се создаде нејасна слика кај дел од граѓаните, каде што Владата мораше вака да интервенира и да ги разјасни сите нејаснотии – вели Муслиу.
Политичкиот аналитичар смета дека, сепак, кампањата може да смени нешто кај гласачите. Владата во деновите што остануваат уште еднаш ќе треба да објасни кои се придобивките од гласањето за договорот и кои се последиците ако не помине на референдумот, а другата страна, според него, константно игра без аргументи и со емоциите на гласачите, техника што во минатото не давала плод кај сите партии.
Од друга страна, според Милан Стефановски, кампањата за референдумот е всушност кампања за цензус, а нашиот народ, според него, е доволно умен за да го бојкотира истиот тој.
– Тврдам дека кампањата на крајот ќе се вжешти, бидејќи двете страни се конфронтирани и на сосема спротивни страни, а поентите се главно јасни, иако ефектите се слаби кај граѓаните, а тоа го гледаме по реакциите на Владата. Едниот табор оди за влез во НАТО и ЕУ и преку тоа се обидуваат да го скријат понижувачкиот договор со Грција, додека другите се против договорот и на тоа ќе инсистираат. Веќе видовме многу нечистотии во кампањата и мислам дека така ќе продолжи до крајот, бидејќи носителите на овој погубен проект за Македонија немаат срам и подготвени се на сѐ. Ценам дека нашиот народ е доволно умен и дека нема да излезе на претстојниот референдум – завршува Стефановски.