Фото: Игор Бансколиев / Со зголемувањето на цените на електричната енергија во Македонија од овој месец, очекувано е да има и нови поскапувања на одредени продукти во малопродажбата

Ново рекордно ниво на инфлација од пет проценти во еврозоната регистрира „Евростат“ за декември, по минатомесечниот рекорд. Најголем удел во растот на инфлацијата, според „Евростат“, има растот на цените на енергентите. Највисоки стапки на инфлација меѓу земјите-членки на еврозоната во декември се забележани во Естонија, од 12 отсто, и во Литванија, од 10,7 отсто, додека во Македонија таа изнесувала 4,8 проценти

АНАЛИЗА НА „ЕВРОСТАТ“

Високи пет проценти достигна инфлацијата во еврозоната во декември 2021 година споредено со истиот месец претходната година. Ова е ново рекордно ниво, откако во ноември инфлацијата во еврозоната достигна 4,9 проценти, во согласност со последните податоци на статистичката служба на Европската Унија, „Евростат“. Оттаму посочуваат дека најголем удел во растот на инфлацијата има растот на цените на енергентите.
– Растот на индексот на потрошувачките цени во еврозоната во декември најмногу се должи на растот на цените на енергентите од 26 отсто на годишно ниво, додека цените на храната, алкохолот и тутунот се зголемени за 3,2 отсто, неенергетските индустриски производи за 2,9 отсто и услуги за 2,4 отсто – се наведува во објавата на „Евростат“.
Од податоците што ги објави „Евростат“, се забележува дека највисоки стапки на инфлација меѓу земјите-членки на еврозоната во декември се забележани во Естонија, од 12 отсто на годишно ниво, и во Литванија, од 10,7 отсто. Од друга страна, најмали стапки на инфлација последниот месец од 2021 година во ЕУ се регистрирани во Малта, 2,6 отсто, и во Португалија, 2,8 отсто.
Меѓу податоците за инфлацијата, „Евростат“ објавува и за земји што не се членки на Унијата, од кои дел претендираат да станат, како Македонија и соседна Србија, но и за Турција, САД, Швајцарија…
Последните податоци за инфлацијата за овие земји се за ноември и покажуваат дека највисока стапка на инфлација има во Турција, каде што достигнала 21,3 отсто. Инфлацијата во САД во ноември достигнала 7,9 отсто, а во соседна Србија 7,5 проценти. Во Македонија, во согласност со податоците на „Евростат“, стапката на инфлација во ноември изнесувала 4,8 проценти. Швајцарија, пак, во ноември имала најниска стапка на инфлација, од само 1,5 отсто.

Од земјите на Балканот што се членки на Унијата, Хрватска, слично како и Македонија, имала инфлација од 4,7 проценти, додека во соседна Бугарија во ноември инфлацијата достигнала 6,3 проценти. Кај нашиот јужен сосед, Грција, инфлацијата, во согласност со податоците на „Евростат“, достигнала 4 проценти во ноември, а во декември 4,4 отсто споредено со истиот месец минатата година. Во Словенија во ноември е регистрирана инфлација од 4,9 отсто, додека во декември 5,1 проценти.
Податоците за земјите во соседството покажуваат исто така високи стапки на инфлација. Во соседно Косово инфлацијата во ноември достигнува 6,9 проценти, во Црна Гора 4,4 отсто, додека во Босна и Херцеговина 5,4 проценти.
По високиот раст на цените на енергентите, но и на хранливите продукти минатата година, за оваа година домашните институции најавуваат и очекуваат инфлацијата да остане во разумни граници. Прогнозите на нашето министерство за финансии за 2022 година, во согласност со плановите за реализација на буџетот за тековната година, велат дека инфлацијата ќе достигне 2,4 проценти. Според прогнозите на Министерството, се очекува инфлацијата да се стабилизира во втората половина од оваа година – „ценовните притисоци како резултат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните производи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината“.
Сепак, во согласност со одлуките пред Нова година за зголемување на цените на електричната и топлинската енергија, сосема е очекувано да има нови поскапувања на некои продукти. Цената на електричната енергија се зголемува за 9,48 проценти за домаќинствата и малите фирми, а наедно се укина и дневната евтина струја за домаќинствата. Исто така, врз инфлацијата ќе влијаат и новите договори што ги склучуваат компаниите со снабдувачите на електрична енергија и на гас. Со вакви информации, многумина веќе се скептични дека годинава ќе ја завршиме со инфлација од 2,4 отсто, но економистите се согласни дека ќе се стабилизира во текот на годината.
– Не може да се прават прецизни процени кога овие притисоци би забележале значајна стабилизација или би исчезнале, но, сепак, преовладува тезата дека значаен дел од инфлацискиот шок е транзитен – посочи Благица Петрески, главна економистка во институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, за „Нова Македонија“.

Многу мал оптимизам во однос на цените на храната на светско ниво доаѓа од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), која објави дека е регистриран мал пад на цените на храната во декември минатата година, по неколкумесечен континуиран раст.
– Светските цени на храната благо паднаа во декември, бидејќи меѓународните цени на растителните масла и шеќерот значително паднаа од високите нивоа – објави ФАО и нагласи дека само кај млечните производи е забележан месечен пораст во декември.
Сепак, од ФАО посочуваат дека и во текот на 2022 година не очекуваат целосно стабилизирање на цените.
– Иако е за очекување поради високите цени да се зголеми и производството, сепак, високите цени на инпутите, глобалната пандемија, неизвесностите поради климатските промени и услови не создаваат услови за оптимизам за враќање на постабилни пазарни услови дури и во 2022 година – посочи економистот на ФАО, Абдолреза Абасијан.
Во согласност со податоците на ФАО, светските цени на храната скокнаа за 28 отсто во текот на минатата 2021 година и се на највисоко ниво во последната деценија. Индексот на цените на храната на ФАО ги следи на глобално ниво најтргуваните прехранбени производи, а тој во просек изнесуваше 125,7 поени во 2021 година, што е највисоко од 131,9 во 2011 година.
Повисоките цени на храната придонесоа за поширок пораст на инфлацијата, бидејќи економиите закрепнуваат од кризата со коронавирусот, а ФАО предупреди дека повисоките трошоци ги ставаат на ризик посиромашните популации во земјите зависни од увоз. Зголемувањето на цената на ѓубривата, поврзано со спиралните цени на енергијата, ги зголеми трошоците за таканаречените инпути што ги користат земјоделците за производство на земјоделски култури, предизвикувајќи сомнеж за изгледите за принос за жетвата следната година.