Од творештвото на писателот Ристо Давчевски
Една коза окозила многу убаво јаренце.
Бело како изгрев, со сини очички како зумбулчиња млади врамени во златести трепки, под секое ушенце виолетова облека и една прекрасна пуфка под гушичката.
Не верувам дека би се нашло суштество што не би посакало да го прегрне, да го
земе в раце, да го избакне и да почувствува мајчинска љубов.
Ова јаренце треба да има благодарна иднина и долг живот, на кој цел свет ќе му служи и ќе му се радува. Наводно, така рекле наречниците, докажувала неговата мајка, од чие срце облеано со среќа и радост, излетувале први пролетни ластовички.
Но една вечер, ниту поканет, ниту пожелен, пред стадото кози се насукал еден волк.
Уште не се ни претставил, уште не кажал од каде и зошто доаѓа, ги истуркал козите за да си направи пат до јарето, и се заканил:
– Ова убаво јаренце е мое! Дојди си, јаренце, кај чичо да те приварди, да ми те прошета…
– Како тоа, твое! Кој ти дал право да присвојуваш нешто што е сопственост на мајката! – се побунило целото стадо.
– Колку неразбрани – продолжил упорно волкот – јаренцето е мое, бидејќи јас сум тој што ја одредува неговата судбина, а не измислените лажливки-наречнички. Ве прашувам, што е подобро: да си го земам или да го изедам?
Целото стадо се расплакало и редби редело за убавото синооко јаренце, а најмногу неговата мајка, клекната пред волкот молејќи го:
Прави што сакаш, само немој да ми го изедеш јарето! Тоа е мојот живот. Еве, мене изеди ме, изеди го таткото, изеди ги роднините, целото стадо!
А волкот подразмислил и предложил:
– Нема да го изедам никогаш. Ова стадо мора да живее, бидејќи ми го подарува најмилото суштество на светот. Ве молам, запишете во матичното дека сум му кум и оти се вика Волково јаре.
И толку. Волкот си го сместил јарето на својот грб од нежно понежно и уште понежно го галел расплаканото муце што се оддалечувало од родната мајчичка…
Тој волк го носел јарето со себе, си го хранел со сѐ што ќе посака, а честопати свраќал кај стадото за да си го види неговата уплакана мајка. Тој го прошетал јарето низ целиот свет што го знае. Што е уште почудно, никој не се осмелувал да пука во него, ни стап да дигне, ни куче да го лае, зашто секој бил вчудовиден од грижата на волкот со која го чувал јарето. Да го убиеш кумот волк, значело дека си го убил јарето.
Тој волк бил единствениот на светот што не правел ништо против желбата на свето посвоенче. Прв волк што го засакале сите, прв волк од кој е наследен зборот „кум“, карактеристичен за сите волци по него.
Сигурен сум дека тој волк не умрел додека живеело јарето, јаренцето – симболот на милоста и убавината подарени од природата. Кога ќе дознаете за некој волк, кој не личи на обичните денешни волци, запрашајте се дали тој не е можеби потомок на волкот со јарето.
(Од книгата „Приказни со смешно и кисело“ на Ристо Давчевски)