Европската Унија забрани околу 4.000 најчесто користени хемикалии што се наоѓаат во мастилата во боја, а кои се користат за тетовирање.
Ограничувањата вклучуваат хемикалии кои предизвикуваат рак или генетски мутации и хемикалии кои се токсични за репродукцијата и супстанции кои предизвикуваат преосетливост и иритација на кожата.
Комисијата наведува дека целта не е да се забрани тетовирањето, туку боите што се користат во тетоважите и трајната шминка да бидат побезбедни и дека постои алтернатива на забранетите супстанци на пазарот.
Досега, некои земји-членки имаа регулативи за ограничување на употребата на опасни хемикалии во мастилата за тетоважи, а сега новите правила на ниво на ЕУ овозможуваат еднаква заштита низ ЕУ, без оглед на земјата во која се тетовирани и дали мастилото е произведено во ЕУ или не.
Тату-артистите велат дека новата забрана на ЕУ може да нанесе голема штета на нивната индустрија. Исто така, додаваат дека замена за досегашните бои многу тешко се наоѓа, а дури да се најде ќе ја нема живоста на бојата што ја сакаат клиентите.
– Коронавирусот добро нè протресе, а сега доаѓа ова – вели Себастијан Маковски, тату-артист од Хамбург.
Белгискиот тату-арстист Филипо ди Каприо вели дека сака доказ дека мастилата се опасни.
– Не гледам дека некој има сериозни алергии или реакции после тетовирање – изјави тој за белгиската телевизија РТБФ.
Германскиот дертматолошки истражувач Волфганг Баумлер вели дека според нивното истражување, во кое биле вклучени 3.400 луѓе, отриле дека две третини од нив веднаш се жалеле на реакција, а шест отсто пријавиле проблем после неколку недели.
Оние што работат во тату-индустријата тврдат дека не постојат цврсти докази за поврзување на тетоважите со ракот на кожата, како и дека стравуваат дека ваквите мерки ќе го активираат црниот пазар.
Според статистичките податоци цитирани од Комисијата, се проценува дека околу 12 отсто од Европејците се тетовирани.