Фото: Игор Бансколиев

АНАЛИЗА ЗА ПРОМЕНИТЕ И ПОТРЕБИТЕ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ

Светскиот економски форум и американската организација „Каиер каст“, независно еден од друг, спроведоа истражување за исчезнување на одредени професии и занимања, но и за појавата на нови професии што ќе бидат барани во иднина. Какви се светските трендови на пазарот на трудот и адекватно на тоа и состојбите во Македонија

Двегодишниот живот во канџите на пандемијата на коронавирусот донесе промени во сите сфери на функционирањето на општеството и граѓаните, вклучувајќи го и пазарот на трудот. Некои сектори напредуваа и се развиваа, додека други стагнираа или се пред исчезнување.

Во последниот извештај на Светскиот економски форум (СЕФ) за работните места на иднината, донесени се и неколку конкретни заклучоци за тоа кои се работните места на иднината.

Во извештајот се наведува дека дури 75 милиони од тековните работни места ќе бидат променети, така што работните задачи ќе бидат поделени меѓу луѓе, машини и алгоритми, додека истовремено ќе се појават 133 милиони нови работни места. Новите професии вклучуваат улоги како што се аналитичари на податоци, програмери на софтвери и апликации и експерти за е-трговија и социјални медиуми – работни места што се значително засновани преку употреба на технологија.

Покрај тоа, се очекува пораст во работните места поврзани со работа што бара социјална интелигенција или меѓучовечки вештини, како што се работници во корисничка служба, експерти за продажба и маркетинг, позиции за обука и развој на луѓе, експерти за култура и експерти за развој на организација, како и менаџер за иновации.

Од друга страна, пак, според податоците на истражувањето на американската организација „Каиер каст“, годинава што е пред нас ќе го забрза темпото за исчезнување на одредени традиционални работни позиции за кои сѐ помалку има простор за дејствување во бизнис-заедницата.

Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на оваа организација, дигитализацијата и развојот на модерните технологии оваа година, за 28 проценти од вкупниот работен пазар на глобално ниво ќе ја намалат потребата од одредени занимања, кои ќе имаат и помала шансата за вработување на одредени работни позиции.

На врвот на листата најзагрозени професии се и општите работници во земјоделството и фармерите, со оглед на тоа дека технологијата на модерно одгледување бара многу помалку работници отколку што било порано.

Во својата листа, „Каиер каст“ прогнозира дека на глобално ниво ќе замрат професиите: поштар, помошен персонал во транспортната индустрија, работниците во фабриките, но и одредени занаетчиски професии како кројачите, златарите, саатчиите и други.

Во своја анализа на оваа тема, чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека дискусијата за тоа кои професии ќе опстанат и кои ќе замрат во оваа година, но и во годините што следуваат е една од „најжешките“ теми што се дискутираат во образованието во светот.

Професорот истакнува дека неговите процени посочуваат дека новите професии главно ќе бидат активни во развојните и во услужните сектори во модерните технологии и во бизнис-заедницата, која функционира на интернет.

– Верувам дека во иднина ќе се зголеми потребата на пазарот од вработување техничари што ќе раководат со паметно производството во фабричките погони, натаму професии што ќе заживуваат се индустриски интернет-техничари, техничари за виртуелна реалност, менаџери за синџир на снабдување, тренери за вештачка интелигенција, унифицирани менаџери итн. Вит подвлекува дека создавањето нови работни места може да го поттикне развојот на сродните индустрии, да го зголеми вработувањето и да ги зајакне стручното образование и обуката.

Според аналитичарот Сем Вакнин, кој е професор по финансии на универзитетот ЦИАПС, работната сила во периодот што следува ќе биде поделена на два сегмента.
– Околу 90 отсто од целата работна сила ќе бидат неквалификувани работници со ниски приходи и тие ќе работат на работни места „без излез“. Она што се нарекува „мек-работа“, како работата во „Мекдоналдс“. Тоа ќе биде типичното работно место во иднина. Автоматизацијата, компјутерите и елитата ќе ги преземат работните места што бараат „мозок“ и интелект. Она што ќе им преостане на другите се работни места „ќор-сокаци“ за кои не се плаќа речиси ништо. Минимална плата од која не може да се живее. Нема да се вложува во образование и во стекнување вештини. Така ќе изгледа пејзажот за работната сила во иднина. Многу мал процент од популацијата ќе заработува огромни плати, а голем дел од народот ќе биде со минимални плати. Оние што ќе заработуваат многу ќе имаат универзитетски дипломи, високо образование и тие ќе реинвестираат во нови вештини во текот на целиот живот, а остатокот од луѓето што нема да го следат чекорот постојано ќе се преквалификуваат за да можат да преживеат финансиски – вели Вакнин.


Какви се состојбите на пазарот на трудот во Македонија

Изминатата пандемиска 2021 година се покажа како многу негативна за економијата. Пандемијата атакуваше врз одредени сектори, од каде што голем број луѓе останаа без работа. Голем број компании работеа со загуби поради рестриктивните мерки или намалените порачки, а сето тоа се одрази и на побарувачката на фирмите на пазарот на трудот.
Во земјава има повеќе од 180 илјади невработени, а пандемијата само ја влоши состојбата со стапката на невработеност. „Нова Македонија“ се обиде да изнајде одговори кои занимања и професии се најбарани, а кои се дефицитарни кај нас.
Универзитетскиот професор на Економскиот факултет, Ванчо Узунов, вели дека она што може да се заклучи е дека пазарот на трудот во пандемијата, но и пред неа се соочува со фактот дека одредени работни позиции се во изумирање, одредени ќе профитираат, а трети ќе бидат во развој и тие во иднина ќе доминираат во економијата.

– Говорејќи за Македонија, можам да кажам дека ние имаме дефицитарни професии што како и кај сите земји се однесуваат најчесто во гранките на економијата што замираат од разни причини. Кога говориме на оваа тема, мораме да кажеме и дека пандемијата различно се одрази на сите професии. Имено, најпогодени во овие две години останаа оние професиите што имаат физички контакт, а пред сѐ тука мислам на услужните професии во трговијата, туризмот, фризерите, масери, берберите, забарите и слично, кои поради здравствените ризици мака мачат да преживеат. Професии што останаа недопрени и кои се сметаа за сигурни во земјата во моментов, но и во иднината се оние поврзани со медицината, правото и економијата, па дури и занаетчиството. Односно, од толкувањето на законот секогаш ќе има потреба и тоа не може да се смени никогаш. Медицината е неопходна, па докторите и медицинскиот персонал ќе имаат работа и во денешницата и во иднината. Натаму најперспективни ќе бидат оние професии што се поврзани со ИКТ-индустријата, односно програмерите, но и сите видови компјутерџии ќе доминираат на пазарот во годините што следуваат. Нивното место само ќе се зголемува, а цената на пазарот на трудот на овие работници во Македонија само ќе расте – вели професорот.

Тој резимира дека состојбите со професиите во Македонија во суштина не се разликуваат многу од оние во светот, па токму и затоа генералната констатација на оваа тема е резултат на глобализацијата на економијата, која доби динамика за време на пандемијата во светот.

Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ), Миле Бошков, посочува дека изминатата година имавме поголем број отпуштени работници поради пандемијата и кочницата за целата економија и кај нас и во светот.
– Иако има отпуштени работници, има сектори каде што недостига работен кадар, но поради образовното разидување, тие места остануваат непополнети. Можеби одредени струки и работни позиции може да се пополнат со лица што би посетувале обуки, но не сите. Мора да имаме на ум, за споредба, во Германија, за некој да стекне титула мајстор, потребни му се три години за изучување на занаетот, што е показател колку време треба да се изучи и усоврши одреден занает – објаснува Бошков.

Тој дополни дека одредени вештини, како на пример од ИТ-секторот, успеваат да се изучат со неколкумесечни обуки, секако во зависност од степенот на образование, од претходните познавања на лицето што го посетува курсот, но и од самиот материјал што се изучува.

– Низ годините се случувало и ќе се случува одредени професии да исчезнуваат, но, од друга страна, се појавуваат нови, што е знак дека сите треба да ги следиме новините, да се образоваме за нив, за да може полесно да се адаптираме – вели Бошков.

[email protected]