Гордана Сиљановска Давкова
Преспанскиот договор, кој е составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија
Во точката 3, под ѓ) се утврдува дека ПРИДАВКАТА во однос на државата и нејзините органи, како и јавните институции ќе се врзе за новото официјално име „Република Северна Македонија“ или скратено „Северна Македонија“, а кога станува збор за приватните ентитети и актери, што не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и немаат државна финансиска поддршка за активности надвор од државата, употребата се одвива во рамките на членот 7, став (3) и (4). Ваква детална регулатива нема ни во нашите закони. Станува збор за ultra vires акт и чин на грубо мешање во внатрешните работи на Република Македонија, спротивно на меѓународното и национално право, за жал, со согласност и на „нашите“ претставници и преговарачи. Веќе кажав дека националните институции, без придавката „македонски“/„македонска“, не само што се деноминираат туку се денационализираат, во смисла на демос, се разбира!! Всушност, суштината е во придавката.
Кога зборуваме за МАНУ, за Македонската опера и балет, за Македонската телевизија, тие не се само државни и јавни институции туку национални!! Не е државата творец на науката, уметноста и на културата туку нацијата (демос), како збир на индивидуи – граѓани. Ако не е така, зошто другите академии го имаат националниот предзнак како префикс: Француска академија, Српска академија, Албанска академија!! Па, која е логиката да има Европска банка за обнова и развој, кога цела Европа не е во ЕУ, а да нема Македонска народна банка, на пример? Ако не е проблем во Република Македонија да постои АЛСАТ, односно Албанска сателитска телевизија или Албански или Турски национален театар, нормално е да постојат Македонска телевизија, Македонски театар… Македонска филхармонија..
Врзувањето на употребата на придавката „македонски“ за финансирањето на институциите е крајно спорен критериум. Тезата дека со промена на името ќе го зацврстиме националниот идентитет, во отсуство на придавката „македонски“ пред националните институции, државните и јавните, финансирани од државата, е „wishful thinking“!! Всушност, во прашање е деноминација, денационализација (како демос) и демакедонизација (како демос), непозната во современите меѓународни и билатерални односи. Замислете, како по изгубена војна, во знак на „емпатија“, Грција ни дозволува да ги задржиме постојните сложени имиња на градовите во кои има придавка „македонски“, како дел на нашата историја, ама има проблем со македонската нација, која „се изгубила“ во реалноста!! Може да постои Македонска Каменица, ама не и МАНУ, освен ако академиците не се изборат за негово задржување?? Зошто се чудиме кога кумовите (state builders) веќе ја употребуваат придавката?
Нема правна логика, региони во Грција со име Централна, Источна и Западна Македонија да можат како сакаат да ја користат придавката „македонска“/„македонски“/„македонско“, а државата Северна Македонија – не? Па тие се административни региони, а такви со име Македонија има многу во САД, па…. никому ништо. Тие се далеку, па не се иредентистичка закана за хеленската република. Демек, мора да го смениме името, зашто Македонија е „грчка“, па вашето име е „закана“?! Па нели гласаме за „Европска Македонија“, набрзо ќе влеземе во НАТО и ќе станеме дел од големото северноатлантско семејство, со што ќе исчезне заканата. Зарем во „кусото“ време пред нас ќе ја нападнеме Грција со безвучните авиони?? Нели НАТО вежбаше на Криволак за да им покаже на сите дека нѐ штити? Јас помирно спијам откако министерката за одбрана манифестираше борбена подготвеност, а и генералот Стојановски го гледаме на спотовите!! Искрено, по пресудата во Хаг, со оглед на изгубениот спор, очекував Грција да предложи, како што го стори тоа Британскиот дом на лордовите, веднаш да нѐ примат во НАТО, без никакви услови. Ако е само името проблем, истово би можеле да го сторат и со ЕУ, заради мирот и добрососедството. Да потсетам, Република Грција стана членка на ЕУ во 1981 година, со одлука Советот, иако парламентот и комисијата рекоа дека не ги исполнува условите. Го знаете ли ставот на г. Робин О’Нил, првиот медијатор во спорот меѓу Грција и Република Македонија: „Грција знае дека еден ден Македонија ќе биде меѓународно признаена под нејзиното уставно име!!“ Ама… Тукидит, па Тукидит…., а кога е добивањето датум за преговори со нас, процедурата и Копенхашките критериуми, ама и други, специјални за нас!! Што стана со предлозите на некои пратеници од Европскиот парламент и видни политичари, да склучиме договор, ама тој да влезе во сила, по нашиот прием во ЕУ?? Да допотсетам: дали Романија и Бугарија влегоа во ЕУ со исполнети критериуми, или Шпанија и Португалија? Ги помните ли експлозиите во Тирана, среде приемот во НАТО во Букурешт? Не, не згрешија ни НАТО, ни ЕУ. Демократијата побрзо се учи во демократски амбиент, а не пред „отворените“ порти на НАТО и на ЕУ.
СО „ВЕЧНА КЛАУЗУЛА“ (ETERNITY CLAUSE), ИМЕТО „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ НЕ СМЕЕ ДА СЕ МЕНУВА
Во ставот 3, под е) се инсистира на задолжителна и неотповиклива (!??) постапка за прифаќање на новото име „Република Северна Македонија“ како официјално име преку амандман на Уставот, небаре грчкиот потписник е овластен предлагач на уставни промени, а овој билатерален меѓународен договоре „надуставен акт“!! Згора, Преспанскиот договор наметнува „вечна клаузула“ (eternity clause) во поглед на уставните промени што извираат од него. Тоа значи дека новото име ќе ни стане „вечно“? Да, има меѓународни договори што предвидуваат ваква клаузула. Ама, големо прашање е дали договор со кој се кршат ius cogens одредби, како онаа за правото на самоопределување во кое влегува и правото на секој народ да си ги одбере името, знамето, грбот?? Секој договор или норма од него што е во спротивност со меѓународните jus cogens одредби, во согласност со членот 53 од Виенската конвенција е/се ништовни. Да потсетам, забрана за целосна уставна ревизија (заради нивната „перфекција“, односно третман на „ремек-дела“), беше предвидена за грчките монархистички устави од 1911 и 1952 год.!!
Се разбира, уставната вечност е невозможна, зашто уставните доносители не се богови од Олимп, како што ни монарсите не владеат по милост божја!! Во оваа смисла, иако Уставот на Грција од 1968 година го забрануваше укинувањето на монархијата, во 1974 година, грчкиот народ на референдум изгласа нејзино укинување и воведување република со нов устав. Крајно невообичаено е со билатерална спогодба да им се врзуваат рацете на идните уставотворци. Но она што важи за уставотворната власт, не важи за законодавната, како изведена.
Грчкиот професор Евангелос Венизелoс во оваа смисла вели: „Власта мора да работи на остварување на важечкиот уставен поредок, а не да го деструира или заменува со друг, спротивен (контраустав)… власта мора да се движи во уставните рамки, а не наспроти нив, или надвор од нив“. А, нашата? Власт што не најавила никакви уставни промени, а камоли промена на уставното име, во програмата и во изборната кампања, нема легитимитет да го прави тоа. Може, ако прво поднесе(ше) оставка, промената ја нотираше во Изборната програма и добиеше согласност, изразена со изборна победа. Но, напротив, на парламентарните и локални избори, СДСМ нѐ убедуваше дека НИКОГАШ нема да го смени уставното име, ниту ќе прифати име што ќе важи ерга омнес.
QUI PRIOR EST TEMPORE, POTIOR EST IURE (ОНОЈ ШТО Е ПОПРВ ВО ВРЕМЕТО, ПОЈАК Е ВО ПРАВОТО??
Каков идентитетски парадокс. Од 19 век до денес, Македонци и Македонки се радувале на личните имиња Македонка и Македон, ората и песмите ги нарекувале – македонски, се женеле и мажеле за Македонија, тагувале и боледувале за Македонија, умирале за Македонија, сонувале за Македонија, во неа гледале мајка, сестра и сопруга, градејќи го својот идентитет….
Го кажувам ова, зашто колега, политиколог и социолог од Малта, во потрага по одговорот за македонскиот идентитет и за грчкиот идентитет, односно важноста на името „Македонија“ и придавката „македонски“ за идентитетот на Грците и на Македонците вели дека токму погоре наброеното е најважно и дека го истражува.
Непобитен е фактот дека името Македонија дефинитивно се зацврстува со формирањето на македонската држава во текот на Втората светска војна…. и како државно егзистира од 1944-та до денес.
Спротивно на тоа, „во Република Грција, името Македонија има периферна употреба. Ова име се користи пред сѐ за научни, туристички и информативни потреби, но не и за државни и политички цели. На, пример, до 1988 год. во Грција, никогаш, во никаква официјална форма не се користеше името Македонија. Нејзината северна провинција се викаше Северна Грција, а не Македонија. Оваа провинција, го менува името дури во 1988 год. и тоа со декрет на првиот министер, а не со закон или со одлука на парламентот. Грчкиот интерес за Македонија се зголемува во 1977 год. со откривањето на Филиповата гробница во местото Кутлеш (вергина) во егејскиот дел на Македонија од страна на солунскиот професор по уметност и археологија Манолис Андроникос. Денес, зборот Македонија апсолутно доминира во политичкиот говор и јавните медиуми во Грција. Интересен е податокот што во Скопје долго време работеше конзулат на Република Грција, кој никогаш не го одбегнувал официјалното име на Република Македонија. Првпат, Република Грција почнува да го оспорува името Македонија дури во почетокот на 1992 година, односно во време кога Република Македонија дефинитивно се осамостои како суверена и независна држава“.
Денес, Грција, која до 1987 год. не го употребуваше името Македонија, со договор ни го менува името на државата, не само за надворешна употреба туку и за дома, за внатрешна употреба! Ако толку ѝ било важно името „Македонија“ што не го зела за државно име или што не го вклучила во него, кога прва создала држава на Балканот, по отцепувањето од Отоманската Империја?
УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НАД МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОГОВОРИ
Авторите на договорот го занемариле членот 118 според кој „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“. Значи, меѓународните договори не се над Уставот, ниту со нив може да се менува Уставот на Република Македонија. На потег е Уставниот суд: да си го заслужи името, посегајќи по оцена на уставноста на договорот!! Згора, овој договор не беше ратификуван во согласност со Уставот, односно во согласност со членот 8, алинеа 3, во која е предвидено „владеењето на правото“ како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, зашто нема уставна основа, не водеше сметка за Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори, ниту во однос на овластените субјекти за неговото склучување, ниту во однос на постапката.
И Деловникот на Собранието на Република Македонија не беше почитуван, зашто Законот за ратификација на договорот, наместо во Комисијата за надворешни работи беше испратен од претседателот на Собранието до Комисијата за европски прашања, иако нема врска со неа, зашто не станува збор за усогласување на македонската регулатива со европска директива (член 135, став 4) за да биде донесен во скратена постапка и да се избегне претседателот на Комисијата за надворешни работи, како пратеник од опозицијата. Не е почитуван ни членот 188 од Деловникот, зашто во него се бара во Законот за ратификација на договорот, да бидат утврдени: уставната основа, причините за ратификацијата, оцената дали се бара донесување на нови, или измена на некои закони, како и оцена на потребата од финансиски средства. Никаде не пишува дека со договор може да се менува Уставот!! Беше утврдено дека за усвојување на Законот за ратификација на овој договор е потребно обично мнозинство, иако станува збор за промена на името на државата, преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот! Само за споредба, за ратификација на меѓународните договори, според грчкиот устав, потребно е трипеттинско мнозинство од грчкиот парламент (член 28, став 2).
Собранието на Република Македонија го усвои Законот за ратификација на Преспанскиот договор, без присуство на опозицијата, со 69 гласа „за“, во улога на потенцијален „национален“ кум на Република Македонија, кој решил да ѝ го смени името на 74-годишната напатена старица, зашто во соседна Грција, во 1987 година, три области биле наречени Централна, Источна и Западна Македонија.
(продолжува)