Книгата „Првата љубов голема, а ние мали“ од Вера Андон, неодамна излезе од печат на српски јазик, во издание на ИЦ „Слово љубве – Букви букс“ од Скопје, препеана од српската поетеса и критичарка Снежана Алексиќ Станојловиќ од Нови Сад.
Книгата беше промовирана на четвртиот книжевен камп за деца и млади „Да бидам, да бидам“ одржан летово во детското одморалиште „Радости“ во Охрид.
Делото ќе биде претставено и на претстојниот Меѓународен саем на книгата во Белград, кој ќе се одржи во октомври.
Интересно за оваа книга е тоа што е објавена и промовирана во далечната 1995 година, оттогаш, најмладата поетеса за деца и млади кај нас Вера Андон. Промоцијата е одржана во тогашниот дом на млади „25 Мај“ во Скопје.
Вера Андон тогаш била членка на литературниот клуб „Ацо Караманов“, кој работел во рамките на домот „25 Мај“, каде што членувале средношколци и студенти меѓу кои била и Снежана Алексиќ, која сега го направи препевот на книгата „Првата љубов голема, а ние мали“ од Вера Андон, која во целост е напишана во тие години на членување и претставена во манускрипт во клубот „Ацо Караманов“ од Скопје.
Вера Андон е авторка и на книгите: „Време и дождови“, „Кога сакаш птици“, (награда „Ѓурѓа“), „Првата љубов голема, а ние мали“ и „Здраво, мои 13“.