ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО

Селото Вруток се наоѓа на околу седум-осум километри оддалеченост од Гостивар, поврзано со асфалтен пат, а од пред неколку години и со пешачка патека што гостиварци ја користат за рекреација, трасирана покрај коритото на реката Вардар, во прекрасни убавини.
Во подножјето на Шар Планина, на крајниот север на Вруток, се наоѓаат изворите на реката Вардар, најдолга и најбогата река со вода во Македонија. За неа се испеани повеќе народни и забавни песни, напишани се раскази, поетски стихови, направени се филмски и видеорепортажи, со кои се претставени недопрените природни убавини на овој волшебен крај, кој им го привлекува вниманието на посетителите од сите краеви на Македонија и од соседството, а нивниот број постојано е во пораст. Вруток е познат и по хидроелектричната централа „Вруток“, која на 27 мај 1957 година ја пушти во употреба тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито.
Од пред петнаесетина години, пак, Вруток се прочу како најголем потрошувачки центар на калифорниска, односно вруточка пастрмка, многу вкусна, на која не можат да ѝ одолеат и најпребирливите гурмани. Тоа е и разбирливо. Во Вруток, во далечните 1962/63 година, претпријатието „Водна заедница“ од Гостивар го изгради првиот рибник за одгледување калифорниска пастрмка во Македонија, а по една година, во 1964-та, започна нејзиното производство.
Како започна производството? Прв рибник, вработените без искуство, без традиција, во базени, на неприроден начин да одгледуваат и да произведува неавтохтона риба за регионот. Прашање што многумина го поставуваат. Во мојата меморија и во белешките имам регистрирано дел од разговорот со Војо Стрезовски, прв управител на рибникот, што го водев во далечната 1971 година. Сеќавањата од пред 50 години, деновиве ми ги потврди проф. д-р по рибарство Вангел Стефановски, кој од 1975 година е вториот управител на рибникот, а од почетокот на 90-тите години на минатиот век е концесионер.

Во тие години, Лазар Колишевски (другарот Лазо, како што го нарекуваа неговите сопартијци – м.з.) извршуваше врвни државни и партиски функции во Македонија и СФРЈ, и беше голем љубител на риба. Во Словенија како подарок добил над стотина парчиња калифорниска пастрмка и ги пуштил во базенот во дворот на вилата на Водно, во Скопје.
На негова иницијатива, со поддршка и стручна помош на Сојузот на спортските риболовци на Македонија, одлучил да му ги подари рибите на рибникот во Вруток, каде што во тоа време базените биле празни, сѐ уште немало производство. Така, со подарокот риби на Лазо, почна да „крчка“ рибното производство. Рибникот стана атракција, не само за жителите на Вруток туку и за околните села и Гостивар, и за учениците што ги посетуваа изворите на реката Вардар и ХЕЦ „Вруток“.
Другарот Лазо, добар пријател со генералот Михајло Апостолски и со брат му Кирил, прв професор по рибарство на Факултетот за земјоделство и шумарство на Скопскиот универзитет, беше чест гостин на рибникот во Вруток, заедно со нив, за да го надгледуваат одгледувањето на рибите. Притоа, професорот Кирил на работниците постојано им делеше совети, сѐ со цел да има што поголемо производство, а потоа сите заедно уживаа во убавините на природата.
Така беше и еден убав сончев и топол јунски ден во 1974 година, кога скопската „тројка“ – другарот Лазо, генералот Михајло и професорот Кирил, својот еднодневен излет го мина во рибникот во Вруток. Ништо не навестуваше дека овој ден може да има сосема неочекуван заплет.

Војо Стрезовски, управител на рибникот, неколку дена по посетата на високите гости, ми ја раскажа непријатната случка што му се случила. Не можеше да се соземе и посебно ми потенцира дека ќе ја плател случката со повеќегодишна робија.
– Ги сместив гостите во видиковецот, кој се наоѓа на западната страна на рибниците, опколен со цвеќиња, од каде што има одличен видик кон рибниците и полето. Ги почестив со домашна ракија препек и отидов да го приготвам мезето, мастрафот (домати, пиперки, краставици) што го донесоа гостите. Кога се приближив до гостите да им ги поставам салатите, почувствував дека се шири непријатна реа и ја фрлив салатата на земја. На масата ги поставив само чиниите со галички кашкавал и сирење.
Но другарот Лазо ме забележа и веднаш ме праша што ми се случи, зошто ја фрлив салатата на земја. Од срам и страв не можев да зборувам. Стоев исправен како кип. Другарите видоа дека нешто не е во ред и почнаа да се шегуваат, за да ме ослободат, да кажам што се случило. Почнав да зборувам, бев искрен и ја кажав вистината: „Не сакајќи ќе ве отруев“. Застанав, ми се фати јазикот. Молк. Професорот Киро, со кого бевме блиски пријатели ме праша: „Како?“. „Не знам како ми се случи, дали од возбуда, дали побрзо да ја сервирам салатата или нешто друго влијаеше во збунетоста, не знам! Наместо шишето со масло, сум го зел шишето со газија“.
„Не се секирај, тоа секому може да му се случи“, ме утеши другарот Лазо. Мене ми олесна во мигот, но цело време ме притискаше мислата, што ќе се случеше ако не бев толку внимателен, па ако не го почувствував непријатниот мирис пред тој да дојде до гостите. Или, пак, некој од нив да ја пробаше „салатата“. Не би сакал ниту да помислам – ми кажуваше тогашниот управник на рибникот.


Вруточка пастрмка се служи во шест ресторани

Сѐ до почетокот на транзицијата, во најстариот рибник во Македонија, кој има капацитет за производство на 200 тони риба, се произведуваа по 160 тони риба, искористеноста на капацитетот изнесуваше 80 отсто, а во последниве години производството се движи меѓу 30-40 тони.
– Основна причина за намаленото производство на калифорниска пастрмка во рибникот Вруток е намаленото количество вода што ја добиваме од изворите на Вардар, како и нерационалното користење на изворската вода и изградба на уште неколку рибници, кои без потребните дозволи работат на диво и никој не ги контролира – ни вели концесионерот д-р Вангел Стефановски.
Вруток нема ни езеро, ни море, сепак стана познато и признаено место за добра софра со специјалитети од риба, домашни специјалитети и разновидни салати. Сето ова може да се вкуси во шестте ресторани.
Зоран и Менуша Спасески од Вруток, брачна двојка, се основоположници на рибниот туризам. Тие сега се сопственици на ресторанот „Панорама“, кој се наоѓа на горниот дел на селото.
Во Вруток, за да ги вкусат специјалитетите од риба и другите традиционални домашни специјалитети, салати и десерти, доаѓаат гости од сите краеви на Македонија, како и од соседните држави, но и гости од повеќе европски држави што се вработени во дипломатските, трговските, културните и другите претставништва во Македонија.