Според сознанијата на „Њујорк тајмс“
Пред да биде убиен во јули, претседателот на Хаити Жовенел Моиз составувал листа од моќни политичари и бизнисмени вмешани во трговијата со дрога во државата, со намера да го предаде досието на американската влада, според неговите советници кои биле задолжени за нејзино составување, пишува „Њујорк тајмс“.
Претседателот им наредил на советниците да не поштедат никого, ниту неговите соработници кои му помогнале да дојде на власт, во рамки на борбата против трговијата со дрога која можеби го објаснува мотивот за неговиот атентат.
Првата дама на Хаити, Мартине Моиз, која се преправала дека е мртва откако била застрелана од атентаторите во претседателската резиденција, опишала како тие ја претресле собата додека набрзина пребарувале низ документите на кои наишле.
„Ова е тоа“, тие си порачале пред да избегаат, кажала Мартин Моиз во интервју за „Њујорк тајмс“ по атентатот, додавајќи дека не знаела што однеле злосторниците.
Дел од уапсените осомничени признале дека наоѓањето на списокот што го составувал Моиз било приоритет, според информации од истрагата на Хаити.
Моиз имал судири со моќни личности од светот на бизнисот и политиката, дел од кои биле осомничени и за трговија со дрога. Моиз познавал некои од нив со години, а тие сметале дека им тој извршил предавство кога им го свртел грбот.
Неколку месеци пред смртта, Моиз преземал чекори за „чистка“ во царината и за национализација на пристаниште познато по криумчарењето, а уништил и авионска писта користена за шверц на дрога, како и за исплатливата трговија со јагули.
Идентитетот на нарачателите на атентатот врз Моиз во неговата резиденција во Порт-о-Пренс во јули, останува непознат, но колумбиските власти идентификуваа тринаесетмина од осомничените за злосторството, за кои постои сомнеж дека биле ангажирани од четири компании. Вкупно 17 лица беа уапсени на Хаити во врска со атентатот (15 Колумбијци и двајца Американци од Хаити). Агенти на ФБИ и Националната безбедност на САД беа испратени во Хаити за да помогнат во истрагата.