Најновата анкета за тоа кои се 28-те најмоќни луѓе во Европа го исфрли на челната позиција Марио Драги, премиер на Италија. На листата на најмоќни луѓе се најдоа и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, новиот германски канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, унгарскиот премиер Виктор Орбан и други. Наспроти ваквите европски трендови на признаен и препознаен политички капацитет и авторитет, Македонија долга низа години е заглавена во политичка летаргија. Токму таквиот амбиент, без креирање конкурентност, натпревар на политички идеи, креации, иновации во политиката, политичка визија и дејствување во тој контекст, е причина зошто кај нас веќе 30 години не се изнедри и искали политичар од висок калибар, кој безрезервно ќе ја ужива довербата на граѓаните и ќе ја придвижи земјата напред во секој аспект

ПO ТРАГАТА НА ЕДНО РАНГИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧАРИ СПОРЕД ВЛИЈАНИЕТО И МОЌТА ВО ПОЛИТИКАТА

Италијанскиот премиер Марио Драги е избран за топ-лидер во рангирањето на 28-те најмоќни луѓе во Европа, во изборот на бриселскиот магазин „Политико“. Со ваквиот избор, Драги на некој начин почнува да ја наметнува и својата кандидатура за иден европски лидер. Тој го презеде овој примат од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, која по 16 години владеење неодамна се збогува од функцијата. Европа памети голем број лидери и авторитети што оставиле сопствен и длабок печат во рамките на глобалната и европската политика и чии потези биле широко прифатени од граѓаните и од јавноста. Тука, секако, може да се споменат и Хелмут Кол, Маргарет Тачер, Франсоа Митеран, Вацлав Хавел и уште редица други. И во светски рамки има лидери на големи или мали земји што имаат влијание и моќ во светската политика и чија долговечност на функцијата ја должат најмногу на довербата кај народот. За жал, Македонија во изминатите 30 години не изнедри лидер од таков калибар. Во овие 30 години, во Македонија недостига еден таков политички капацитет, авторитет и лидер што безрезервно ќе ја ужива довербата на граѓаните, но истовремено таа доверба ќе ја користи да ја придвижи земјата напред, а не заради ситни политички интереси.

Знаењето, компетенцијата и квалитетот поттурнати настрана

Ако се направи една подлабока анализа на кадровските капацитети со кои располага земјава несомнено дека и тука има потенцијал, знаење и квалитет, но најчесто тоа останува скриено или задушено под стегите на политиката или на некој од врвот на пирамидата. Зошто домашните политички елити не поднесуваат и не поддржуваат конкурентност на знаење и идеи. Тоа ја загрозува нивната монополистичка позиција на врвот на партијата или државата.
Затоа изминативе 30 години македонските граѓани не можеа да видат вистински домашен лидер, па затоа се случуваше и еден парадокс во анкетите што беа спроведувани кај нас, поголема доверба да уживаат странски политичари отколку домашните.
Тоа е така затоа што домашните политичари не ја слушаат волјата на народот, туку постапуваат онака како што ќе им наметне некој однадвор. Затоа и никогаш во земјава немало вистински лидер, туку на раководни позиции се поставувале личности за кои народот првпат слуша, а уште помалку ги гледа нивните дела. Ако на тоа се придодаде и немањето вистинска конкурентност, тогаш сликата станува повеќе од јасна. Земјата е оставена на политиканти што се водат од личниот интерес, наспроти интересот на државата и граѓаните, кои, пак, залудно чекаат и бараат лидерство.
Довербата во овдешните човечки потенцијали е исклучително мала затоа што партиите не дозволуваат каков било проблесок на квалитет, стручност и знаење, оти тоа би претставувало сериозна закана за нив бидејќи никој не сака да се соочи со луѓе на кои народот повеќе би им верувал и кои би му понудиле поквалитетни решенија.
Македонија располага со експерти од областа на енергетиката, економијата, образованието, медицината и сите други сфери, кои во време на сегашната енергетска, здравствена и економска криза би биле повеќе од добредојдени со свои идеи и предлози. Располага со квалитетен и светски признаен човечки потенцијал на кадри што се во МАНУ, УКИМ и други институции.

Но, за жал, овие луѓе и нивните идеи се најчесто маргинализирани од политичките субјекти, па некои од нив или ја напуштаат државата и работат во странство каде што е препознаен и вреднуван нивниот труд, или, пак, едноставно не се експонираат во јавноста знаејќи однапред дека што и да кажат или предложат, ќе наиде на ѕид.
Токму тука треба да се бараат причините зошто Македонија засега тешко може да дојде до некој свој Драги, Макрон, Меркел, Кол, или друг лидер, но не за тој да владее со цврста рака, туку да го поведе народот и да му влее надеж дека државата има иднина и благосостојба за граѓаните што бараат дела, а не празни зборови и неисполнети ветувања.
– За да добиеме таков лидер, тој не треба да биде гол популист, туку да биде добар менаџер што ќе ги контролира проектите што се од интерес на граѓаните и државата. Таквите лидери мора постојано да имаат силна конкуренција и контрола, како законска така и граѓанска контрола, која ќе притиска работите во државата да се движат постојано напред и владеењето да не се претвори во тоталитаризам и правење грешки. За тоа ќе помогне и силната конкуренција од други луѓе, кои постојано ќе се наметнуваат со идеи и желба да се докажуваат – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Според него, имало обиди и во земјава да се појави таков лидер што ќе обединува и што ќе ја влече земјата напред, но во недостиг од конкуренција што ќе го мотивира да работи подобро и поквалитетно, работите бргу излегуваат од нормалниот колосек.
– Можат и кај нас да се изнедрат такви лидери од калибарот на една Меркел, но проблемот кај нас е што таквите луѓе дури и во некој период да пројавиле лидерски предиспозиции, едноставно немале вистинска контрола преку некој друг потенцијален лидер што ќе ги држи во кондиција и ќе ги тера да работат најдобро што знаат. Кога таквиот лидер има конкуренција, работите секогаш се подобри, но кога тој нема конкуренција, тогаш почнуваат да се случуваат грешки во владеењето и се губи довербата од народот – забележува Пекевски.
За него сериозен проблем што влијаеше да не се појават вистински лидери е тоа што сите се воделе од личниот интерес.
– Кај нас досега се покажа дека наместо да работиме на создавање конкурентност и натпреварување меѓу квалитетните луѓе, се оди на тоа кој ќе ја искористи власта за поголема лична бенефиција. Тоа е производ на самиот систем, на образованието, културата… Тука кога некој ќе види дека е подобар и постручен од него, наместо самиот да почне да се надградува и да се обиде со тоа одново и одново да се наметнува кај народот, тој го гледа само личниот интерес – заклучува Пекевски.

Култура на владеење

Универзитетскиот професор Живко Андревски ја застапува тезата дека кај нас нема потреба од класично лидерско владеење, туку има потреба од подобрување на културата на владеење.
– Јас сум застапник на тезата дека нема потреба од лидер што ќе биде носечки, туку има потреба од силно развивање култура на владеење, со посебен акцент на почитување на потребите и интересите на поголемиот дел на општеството во две големи сфери, економијата во смисла на обезбедување на пристојни и развојни услови за егзистенција и задоволување на потребите и второ, слободата што ќе се изразува низ сите форми на демократско постоење, односно функционирање – смета Андревски.
Според него, Македонија во минатото имала потреба од лидер во два периода, од 1945 до 1991 година и периодот од 1991 година до денеска, од човек што ќе биде водач, инспирација, визионер…
– Македонското општество повеќе беше во една општа шема на тивко развивање, бавно придвижување на потенцијалите на населението, географските и економските потенцијали и затоа немаше таков тип лидер како Меркел, Кол, Митеран, но затоа имаше владетели од типот на Лазар Колишевски, кој во два поголеми циклуса владееше со државата. Се покажа дека и демократии како една Германија можат да поднесат лидери што траат и повеќе од 10 години, како што беа канцеларот Кол и канцеларката Меркел – нагласува Андревски.
Говорејќи за потребата да се наметне лидер и на овие простори, тој сепак потенцира дека тенденциите во модерниот развој се лидерите повеќе да бидат потпрени на авторитет, на знаење, на идеи, на способности, отколку на ингеренциите што произлегуваат од институциите.
– Во таа смисла е доминантен пристапот и најквалитетните лидери да имаат определен рок на дејство. Подолгото практикување на власта понекогаш води кон подрастични или послаби злоупотреби – констатира професорот Андревски.


Потребни се луѓе што ќе ги решаваат проблемите

Франк Декер, политиколог од Бон, вели дека годините на владеење не се проблем, појаснувајќи дека долгите мандати во Германија и други парламентарни системи се случуваат едноставно поради тоа што шефот на Владата во секој нареден мандат е поддржан од народот.
Сепак, тој остава можност таквите долговечни лидери да увидат кога повеќе немаат што да му понудат на народот и да се повлечат.
– Иако можностите за владеење изгледаат неограничени, политичарите треба да сфатат дека порано или подоцна, доволно е доволно. По одредено време, гласачите се заситени од тоа постојано да ја гледаат истата личност – вели Декер.
Тој уште додава дека не треба да се дозволи да се чека да се роди аверзија кај народот кон одредена личноста што до вчера била на чело на државата, туку политичките партии треба веднаш да понудат човек што ќе им ги решава работите на граѓаните во правилна насока.